Еден тип и една типка
Во типичен макси-ден
Мини-муабет од нога
Во лер подзатераа
Тој издипли две-три шушки
Немам камче денес рече
Чурлава не ја гаснам
Долго сум сунѓерисан
Вечен копук си му рече
Цел век дупена рака
Скивај браќа му на Буфтан-бега
Низемаат мерка нам
Брат никогаш не бил коркач
Ќе им земе контра мерка
Ќe ги научи да шептат
Шет-пат да одмаглат.
Па се сврте: манучиња
Тврдолики чунки СОК
Ме чешаат пиралкиве
Дај преадресирајте се
Шугле шугаво од кога
Ти спец стана за насоки
Подобро е да приучиш
Ѕвезди да пребројуваш
Сули-сули бани-бани
Цела џунгла избувтани
Грб ко мев и две-три рилки
В поликолор офарбани
Од кон Вардар Се-Ве-Ре-цот
Дувна та ги помодре –
Во Ве-Пе-Ше „Идризово“
По семестар запишаа … (Од поеtската збирка „Скопјани“, 1980)
ГАНЕ ТОДОРОВСКИ (1929 – 2010), еден од најголемите поети и книжевни теоретичари. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде и што докторирал и предавал хрватска и македонска книжевност – XIX век. Автор е на единаесет поетски збирки и осум книги студии и критики, како и на две антологии, а и како коавтор на пет антологии. Поважни дела: Во утрините; Тревожни звуци; Спокоен чекор; Божилак; Апоеоза на делникот; Снеубавен ден; Веда Словена; Скопјани; Неволици, неверици, несоници; Недостижна. Добитник е на голем број награди: 11 Октомври, 13 Ноември, Кочо Рацин, Климент Охридски, Браќа Миладиновци, Гоце Делчев, Димитар Митрев, Ацо Шопов. Бил амбасадор на Република Македонија во Руската федерација. Преведен е на голем број јазици.