Elementi Logo

Backgorund

Зградата на седиштето на Меѓународната астрономска унија во Париз беше речиси испразнета. Пурпурната квечерина навеваше освежувачки кислород и мирис на влажна трева низ единствените отворени прозорци на првиот кат. Додека младиот чистач, во веќе затемнетиот пуст ходник, оддалеку, со нервоза ја набљудуваше вратата на последната просторија број десет, внатре двајцата средовечни научника се подготвуваа да си заминат два часа по истекот на работното време.
– За големата смена ни збор? – еден уморен поглед испитувачки се потпре на трепките во туѓите очи.
– Како што е договорено – другата глава потврди вртејќи се сосема малку в десно отстранувајќи го непотребното препрашување.
– А во службениот весник? – првите очи ревносно ја довршуваа својата должност.
– Само една реченица, – погледите во целост се преклопија – „На 16. 09. 2010 г. НАСА одлучи едно од езерата на Титан да се вика Ohrid Lacus во чест на истоименото езеро во југозападниот дел на Македонија.“
Отворениот полн регистар беше склопен и вратен на своето место на полицата.
– Се надевам ќе биде доволно за медуимите – кратка попатна корекција на изгледот во огледалото.
– Па… Охридското Езеро најстаро во Европа… најзначајно од биолошки аспект… објаснување за Титан – најголем природен сателит на Сатурн… Титан има повеќе езера од течен етан и метан… Би можеле да ги објаснат својствата на етанот и метанот… мирис, боја, точка на топење… или да пишуваат за Сатурн, за неговите прстени… Ќе се снајдат. Си ја знаат работата – раката го затвори патентот на актовката.
– Важно, нашето го завршивме – клучевите од автомобилот се свртија околу прстот.
– Така е. Доста е за денес – поглед кон небесните височини.
– И повеќе од доста – две загонетни насмевки, една по една, паднаа покрај рамката на прозорецот надолу кон тревникот.
– Се гледаме утре колега. Имај убава вечер!
– Исто и ти!
Вратата конечно се отвори и чистачот згужван на фотелјата во холот со воздишка стана и се упати кон нив.
– Goodbye!
– Au revoir!
– Arrivederci!
* * *
– Се сварив! Не можам да издржам повеќе!
– Не може Елена!
– Само десет минути, мамо! – слаткото лице на девојчето, со две дупчиња кога е насмеано, менуваше разни стуткани гримаси набирајќи ги веѓите, носот, устата…
– Дванаесет дојде. Се договоривме да бидеме под сенка овие три часа. Лежи, одмори се! И нас одмори нè малку – Љубица нервозно им се наврати уште еднаш на дијалозите од детективскиот бестселер што со внимание го читаше.
– Те моолам!
Мајката ја преврти книгата како шатор врз крпата, ги крена очилата за сонце на глава и замафта:
Добро, кој се капе сега? Гледаш некого на пеколново сонце?
Елена ги стегна усните, ја опфати со еден поглед празната езерската шир и замижувајќи на едно око, реши да се фати за сламка:
– Ене, онаму има еден рибар…
– Реков кој се капе, Елена. Сите што беа на лежалките, веќе се в хотел, на ручек. Сè живо дреме под сенка. Ова не е сонце, пржи. У-ВЕ индексот…
– Ама те моооолам! Татооо!
– Оди ајде. За петнаесет минути да си овде – промрмори Никола без да ги отвори очите. Се обидуваше да отспие некој час за да може вечер повторно да вози по веќе една непроспиена ноќ со дежурство во трета смена. Лежеше оптегнат на полниот стомак со главата потпрена на свитканите раце и свртена кон неговите две „појачала“, сиот негов свет. Како сваќи, можат неуморно да преговараат по цел ден, за секоја ситница, со часови, додека тој не пресече, најчесто во корист на Елена оти веќе не е мала и си знае што сака и што е најдобро за неа. Нека размислува со своја глава, си велеше, иако беше свесен дека бистрото мозоче од најмала возраст ги имаше земено в машина и имаше разработено цели стратегии за остварување на нејзините желби.
– Јес! – викна Елена правејќи победнички потег со двете раце и скокна од лежалката. Бурична во разотворената летна торба преполна со сѐ и сешто за да ги најде нуркачките очила, ја турна цевката од чашата и неколку капки студен сок се стркалаа по вжештениот грб на мајка ѝ.
– Полека! – Љубица ја задржа масичката гледајќи како сокот од портокал се прелева над двете коцки мраз и над работ од чашата, но Елена веќе леташе кон езерото, ко да не газеше врз оган врели камчиња.
– Зошто правиш вака? Не гледаш дека е жар црвена? – му се сврте Љубица на Никола.
– Намачкана е. Нема гајле.
– Ех нема.
– А што да правиме? За неа дојдовме. Еднаш полни десет, нека се радува. Не ќе се караме на роденденот.
– Не е во ред. Го погазуваш мојот збор и цело утро е во вода. Вчера рекоа максимум триесет и шест, а сиурно има четириесет. Како ти се пушта детето сега во вода?
– Е добро де, јас не сум родител, само ти си… – и Никола ја сврте главата на другата страна што беше знак дека разговорот е завршен.
Далеку од нив Елена веќе уживаше во водата на Охридското Езеро кое оваа година беше ретко топло, дури и за вакви последни летни денови во средината на септември. Нурнуваше постојано и колку што ја држи здивот бараше ситни, бели, сјајни, мазни камчиња на дното. Неколку пати без успех, ама не се откажуваше. Штом ќе најдеше некое, со возбуда испливуваше на површината да земе воздух и детално, од сите страни го разгледуваше. Потоа го ставаше камчето во џепчето на едноделниот костум за капење кој токму и заради тоа го одбра пролетоска. Овој пат во џебот веќе имаше едно, а под вода забележа две. Го стегна силно со левата рака малото триаголно камче и посегна со десната да дофати едно покрупно тркалезно што се белееше понастрана кога одеднаш пред неа се отвори огромно темно синило со безброј бели светкави камчиња. Ја уплаши таа неочекувана промена и побрза да исплива нагоре. Кога излезе на површината, се стаписа: надвор беше ноќ. Ноќ? Како е можно? Кога се стемни толку брзо? Уф, немам воздух. Се сврте на сите страни, ја немаше плажата, немаше копно, немаше ни планини наоколу. Само вода што се прелеваше со силен сребренкаст сјај… Какви се овие ѕвезди што се огледуваат? Колку многу месечини одеднаш! И сите наредени како два полуѓеврека лево и десно од онаа огромна, нааајголема месечина! Сигурно сум добила сончаница. Ќе умрам, а мајка ми и татко ми ги нема – помисли Елена додека потонуваше во езерото.
* * *
Рибарот ги крена веѓите и од збрчканото старечко чело пливнато во пот потекоа капки надолу по носот. Не му беше јасно. Во еден момент рибата ја тргаше јадицата, се бореше за живот, а веќе следниот ја извлече неподвижна и тешка, тег небаре. Ај, мајката! Ја позеде в рака за да ја испита, но… Оу! Веднаш ја испушти на земја. Ааа-у! Го изненади силна болка. До срце го жегна нејзиното студенило. Да му се сневиди! Дуваше во изгорената лева дланка и не можеше да си поверува на кожата, на очите, на своите искусни сетила кои виделе и превиделе сенешто во животот и речиси никогаш не го изневериле: смрзната?! Да видел Господ… На овие горештиње?! Со раката што не го жежеше ја зеде јадицата и ја потчукна рибата два-три пати. Ѕунеше како да тропка по парче дебел мразулец. Леле мајко! Му затреба каменот и бапна врз него. Одеднаш вдолж грбот почувствува налег на таков студ што телото, уште пред да му заповеда, само од себе, му рипна и се сврти натаму. Иии!.. Така остана: со овргалени очи и подзината уста. Езерото го немаше. Огромна, недогледна дупка, провалија во земјата, зјапнала пред него. Црнките испаничено му бегаа по песокот, тревиштата, калта, камењата, карпите… Земјата во разни нијанси на црвено, кафено и црно се протегаше во недогледни челустни ширини и длабочини. Коритото беше празно, а пак како да не беше празно, како да беше полно со некое провидно беликаво студенило што трепереше и претекуваше. Ако ме лижне, ќе ме залепи на место. Се тргна од работ на провалијата и без да ги земе ранецот и јадицата почна да се оддалечува најбрзо што може. Како во кошмарите, му се чинеше дека колку и да оди, стои на едно место. Задишан наближа до малкумината на плажата што овде онде се излежуваа под чадорите читајќи весници или дремејќи засолнети од пладневното сонце. Бегајте! Посака да викне, но немаше здив. Застана да собере душа за да ги предупреди. Слепци едни, зарем не гледаат? Се сврте наназад. Кога таму – сините води на езерото се мрешкаа мрзеливо. Се струполи. Господи што е ова? Што е ова? – повторуваше одвај чујно тресејќи се неколку минути, а потоа како да си дојде на себе, се поднамести поубаво на земјата. Арно што не им свикав. Не ми е добро. Да викнам брза помош. Со десната рака го извлече мобилниот телефон од левиот џеб без воопшто да си помогне со левата оти уште го гореше. Само да не сум дамлосан, поможи Господе!

* * *
– Мамооо! – Елена извика на цел глас излегувајќи од водата.
– Што му е на детево? Ќе ги крене луѓево на нозе.
Десетгодишното девојче со трчање ѝ се фрли на мајка си и ја стегна силно.
– Што е мајкина? Што се случи? – непријатно изладена и малку вознемирена Љубица ѝ ја собираше водата со крпата.
– Ќе умрев! – испрекинато и задишано објаснуваше Елена. – Нуркав… знаеш, збирав бели камчиња. Одеднаш дното се смени. Во црната темница светнаа милиооон бели камчиња! Се исплашив. А кога испливав на површина, ќе умрев! Ноќ! Темно… а пак светло. Немаше жива душа. Ми снема воздух…
– Ајде смири се сине – Никола упорно го гледаше своето девојче замижувајќи заради блескотот над нејзината глава и се трудеше да сфати зошто излегла толку брзо од водата и во таква состојба.
– Ааа, си ги загубила нуркачките очила?
-Не, не…
– Не плаши се. Здравје, нема да те караме.
-Ама…
– Само си можела да бидеш повнимателна. Ќе ги побараме заедно.
– Тато! Ја немаше плажата, немаше ни планини наоколу. Само вода што се прелева силно сребрено… Многу ѕвезди! И многу месечини одеднаш…
– Добро Еленче, смири се.
– Сите наредени како два полуѓеврека лево и десно од една огромна, најголема месечина…
– Полежи си сега кај мама. Ти реков, во најжешкото не се оди во вода…
– Ама мамо…
– Шшш… Си се изморила. Си се уплашила. Смири се, ќе помине, ништо страшно… – Љубица ја нишкаше небаре е бебенце, намигнувајќи му на таткото.

ЗА АВТОРОТ

Габриела Стојаноска Станоеска

Габриела Стојаноска -Станоеска

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ