Elementi Logo

Султана

Backgorund

Султана ги организираше собирите на реката, а јас бев назначаена како главна
учителка. Димитар ми носеше учебници, новини и списанија кои на почеток јас им ги читав
и преку нив ги учевме буквите. Некои од богатите домаќинки кои доаѓаа како перачки на
реката, сакаа да даваат дарови како благодарност, кои си ги делевме меѓу себе. Си се
нарекуваме „ученичките перачки кои ќе ја исперат неправедната строеност на светот“.

Јас не можев секој ден да одам на реката и да ги учам, но се испостави дека Јанинка и
Трајанка се одлични учителки. Тоа што го беа научиле од мене, знаеја да го пренесат
јасно и убаво, а тоа што не го знаеја, многу брзо го учеа. Навечер, откако ќе завршев со
часовите со Виктор, ги подготвував за утрешниот ден нив двете и Султана. Подготовките
беа за тоа со кои букви да продолжат, што да им се прочита и каже и за сето прочитано и
кажано, да дадат свое мислење. Така жените почнаа да нурнуваат во длабочините на
својата мудрост.
Султана, со нејзините истрајност, храброст, љубов и упорност, ги убеди перачките не
само да го научат писмото, туку да учат и размислуваат и за други работи надвор од
домаќинството за кое се грижеа. Им ја всади во главите идејата дека еден ден тие ќе
бидат учителки и ниту едно дете нема да остане неподучувано – и машко и женско. Таа
идеја на жените перачки им ја намалуваше тежината од работата, оти сите си замислуваа
како полни со знаење и книги држат лекции на учениците, а тие, пак, учениците, го
исчекуваат секој нивен збор како алхемиска мудрост. Султана беше таа и која му го стави
името на нашето училиште, кое го нарече „Тајно женско училиште – Ученољубие“ оти
овде доаѓаа жени кои имаа вистинска љубов кон учењето, која ја докажуваа преку
нивната пожртвуваност.
Приклучувањето во нашето Тајно женско училиште претходеше на заклетва дека ќе
остане да биде тајна која под никакви услови и околности не смееше да биде издадена,
ниту пак смееше да биде споделена со други жени, без да се добие дозвола од Султана
или од мене. Одлучувањето за тоа дали некоја може да пристапи кон училиштето или не,
не беше од никаква суетност, туку поради сигурност и заштита на жените кои веќе беа дел
од училиштето. Како доказ дека ќе ја чуваат тајната – секоја оставаше некој предмет или
работа која ѝ значеше многу, чие значење мораше да го докаже за да се оцени неговата
вредност. Ако некому ја кажеше тајната – неповратно го губеше тоа што го оставила.
Султана постојано размислуваше на тоа какви мерки на претпазливост и заштита да
преземат за да бидат заштитени и ученичките и нивните учителки, но и тајната мисија,
која беше главната причина за тоа што се случуваше. Главната работа поради која почна
сето ова беше да се соберат и запишат сите песни кои ги знаеја жените, а за да се
запишат требаше да знаат да пишуваат, и така, од таа главна идеја, се родија уште многу,
но за да се има некаков ред и смисла во работата се водевме по главната.
Кога некоја нова ќе почнеше, останатите, тие што почнале порано, мораа да ѝ помогнат
со учењето до некаде, за да може да се придружи, а да не почнуваме отпочеток секојпат
кога некоја нова ќе дојдеше, бидејќи така само ќе се вртевме во круг и немаше да можеме

да напредуваме. Си се бевме поделиле и работевме во две групи ‒ со едната Јанинка, со
помош на мајка Султана, со другата Трајанка, со помош од мене. Димитар и Виктор беа
единствени од надвор кои знаеја за нашето Тајно женско училиште, помагајќи ни со нови
книги, учебници и списанија кои ни служеа како помагала во читањето, но и ни нудеа теми
за дискусија, на кои жените првпат имаа шанса да дадат свое мислење и да го
коментираат туѓото. Сакаа да читаат и слушаа вести од светот, за тоа што се случуваше
по тој голем свет, но сакаа и приказни кои ние учителките ги читавме од романите, за
потоа да им ги раскажуваме на реката.
Идејата која беше да се научат буквите за да можат да се собираат и запишуваат
песните, се претвори во страстна желба и жед за знаење.
Некогаш, кога ќе се изморевме од буквите и зборовите, а притиснати од топлината и
жештината на денот, мечтаевме за тоа како некогаш ќе имаме вистинско училиште,
простор кој ќе нѐ заштитува од топлината или од студот и кој ќе си го нарекуваме
училиште. Место каде што ќе можеме да седнеме и да се сконцентрираме. Каде што ќе
можеме да седнеме и веднаш буквите и зборовите да ги запишуваме, а не да ги чуваме во
главите додека не најдеме вистински момент и време за да ги запишеме. Имаше богати
домаќинки кои сакаа да помогнат да имаме вистинско училиште, имаше слугинки кои од
својата заработувачка ќе се откажеа за тоа – но сите знаевме дека засега тоа беше
невозможно. Тоа беше наша најголема и најважна женска тајна, која знаевме дека еден
ден ќе се открие и ќе станат јасни многу работи. Знаевме дека Ученољубие ќе излезе од
сенка, но сега не беше време.

ЗА АВТОРОТ

Дијана Петрова

Дијана Петрова е родена 1992 во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје. Работи како професорка по македонски јазик и литература. Има издадено три книги: „Бдеењто над себе“, „Не правете им сенка на гробовите“ и „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште).

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ