Elementi Logo

ИСПОВЕДИ

Backgorund

Исповеди

 

Кога ми беше најтешко, го носев син ми кај сестра ми. Му велев дека го правам тоа за негова среќа оти знам колку сака да си игра со братучедите. Го испраќав со радост и го пречекував со радост, јас си знам како. Па, нели сум мајка, тоа и се очекува од мене, така прават мајките. Само ми беше срам од сестра ми, што ѝ го носам со денови да го храни, да го гледа, да се грижи да не падне, да не се извалка. Покрај нејзините две дома, уште мојот ѝ фалеше, ех да беа живи мама и тато, ќе им го носев ним. Не знаев како да ѝ се оддолжам на сестра ми, тоа што го правеше за мене не се отплатува со ништо. Бог да ја благослови, ми се најде во најтешкото.

Маж ми го повикаа едно утро, да оди на служба. Јас не сум се ни разбирала некогаш од политика ниту ме интересирало тоа, само знаев дека нова војна започна, се војува. Војната беше за мене само наслов во весник. Ми изгледаше така далеку, како во други земји, други времиња, како на филм. Си мислев, таму нека им е, ама и тоа таму, нам ни дојде. Тој работеше како офицер, воено лице. Од неговата плата живеевме. За пари, фала му на Бога, никогаш покусо не сме биле. Одеше тој на работа, но за работа дома не зборувавме, за војната уште помалку. Барем да ме предупредеше, барем со пола збор да ми подречеше што може да се случи, да си бев подготвена, ако може човек некогаш да се нарече подготвен за таква работа.

Едно утро само ме разбуди вознемирен и ми вели „Спакувај ми го куферот“. Си мислев, што му стана на човеков олку рано, кај тргнал. Го прашав, едвај промрмори нешто. Зафатен беше со телефонскиот именик, вртеше некои броеви, ѕвонеше кој знае каде. Го извадив куферот, ама не знам што да пакувам, како за потопло време или за поладно. Почнав со долна облека, најосновното, поткошула, чорапи. Гледам во плакарот, така во празно уште нерасонета и се мислам што да здиплам, дали има нешто за пеглање, дали да ја вклучам пеглата да се загрее. Син ми ѕирка од зад вратата, си ги трие очињата. „Оти не спиеш, сине?“, му велам. „Каде ќе оди тато?“ Што да одговорам сега, кога и јас не знам каде оди. „Има некоја работа, сине, ќе се врати брзо. Оди легни си, спиј, рано е.“ Влегува маж ми со слушалката на уво растегната дури од ходникот, па ми шепнува „Само најосновното, нека има повеќе чорапи, гаќи, маици.“ „Кај одиш, бре човеку?!“ Повторно излезе да зборува. Ги тегнам чорапите на рака, да видам да не има некоја дупка, да ја закрпам. Ги пребројувам, бројам и од гаќите, диплам маици. Се втурна повторно да превртува во шкафот каде што ги чувавме парите. Ми подвикна оттаму: „Одам на служба, ме бараат. Ќе ти се јавувам на фиксниот телефон кога ќе можам.“ „Ќе одиш да се бориш?“ „Ќе правам како што ќе ми речат. Доста се овие гаќи и чорапи. Морам брзо да излезам.“ Нафрла во куферот неколку работи што му беа најблиску и го затвори. Се загрижив, кошулите ќе се истуткаат така. Се стрча во собата кај син ми, го бакна, го погали по косата и како фурија излезе од станот. Одев по него, просто трчав скокајќи по две-три скалила. Зборував нешто, не ни знам што точно му велев, да се чува, да ми се јавува често, да не се грижи за нас, такви работи му зборував. Кој знае дали ме слушаше, дали запамети нешто од тоа. Го прегрнав силно и му мавтав додека влегуваше во војничкото комбе што го чекаше пред зградата. Плачев качувајќи се назад. Дури тогаш ја сфатив реалноста, маж ми замина во војна! Војна како војна, си слушал од постари, си гледал на филмови, ама кога ќе ти влезе во домот не е веќе само војна, тогаш е твоја војна. Претходно не можев да размислувам многу што следува, но видно ме исплаши фактот дека ќе оди во војна. Што и да значи тоа, не е на арно. Син ми спиеше во неговата соба, барем на него не морав да мислам. Но, по заминувањето на маж ми не бев истата. 

Бев невработена и седењето дома само лоши мисли ми носеше. Почнав да купувам весници и да го читам делот за политика. Гледав вести, напладне, во 16 ч., во 19 ч. и последните во 23 ч. Чекав да кажат нешто ново. Радиото постојано беше вклучено, само го намалував звукот кога почнуваа вестите на телевизија. Кога син ми беше дома, се трудев да не ги правам овие работи. Ги криев весниците од него, на телевизорот пуштав цртани филмови или забавни емисии, радиото го исклучував целосно. Не сакав да прочита нешто што ќе го вознемири, да не се исплаши детето, да не се грижи, тоа е дете не треба да го носи товарот на возрасните. А, само ме прашуваше, каде е тато, каде е тато, кога ќе се врати. Му велев, за брзо, на службено патување е, оти често одеше на службени патувања, не беше тоа чудно за него. Сакав само да го заштитам...

 

***

 

Таа година мама често ме носеше кај тетка ми. Ја сакав тетка ми, беше ведра, весела жена. Ни правеше куклени претстави со кадифените мечиња од моите братучеди. Дури и гласот го менуваше, за големиот мечок дебел, груб глас, за малото зајаче високо и тивко гласче. Беше забавно кај неа. Со секој ручек, смеевме да испиеме чаша газиран сок. Потоа, откако замина тато и мама почна да ми дозволува да пијам газиран сок, всушност, не ми дозволи туку веќе не забележуваше дека го пијам, престана да вика по мене. Тогаш веќе престанав и да го пијам. 

Утрото пред да замине, ме разбуди ѕвонење на телефон. Татко ми се јави и зборуваше некако исплашено. Го немав таков чуено. Па сврти на друг број, па на трет... Вратата ми беше малку подотворена за да зјае светлина однадвор, оти ми беше страв да спијам во темница. Го гледав како врви наваму-натаму, го зема именикот, ги прелистува страниците, а жицата од телефонот оптегната, готова да се скине. Знаев дека е нешто лошо. Станав да одам кај мајка ми, да ме смири, да ми каже дека сѐ ќе биде во ред. Нејзината појава не личеше на мајка ми што сакав да ја видам. Панично фрлаше облека од плакарот на креветот и ја предиплуваше, ја мазнеше, и тоа повеќепати, како да не знае што прави и што треба да прави. Кога ме виде, го смени изразот на лицето, се созеде и ми рече да си легнам. Се почувствував виновен што ја гледам таква, што посведочувам ваков настан. Ја послушав, оти ми беше страв да останам, да не слушнам нешто што не сакам. Го зедов мечето со кое спијам кога сонувам кошмари и легнав назад. Ги затворив ушите со дланките и замижав. Сакав да заспијам, да го претворам прерано почнатото утро во еден страшен, но неважен сон и да се разбудам во нормален ден. Се убедував дека кога ќе се разбудам сѐ ќе биде исто како порано. Паметам, си пеев некоја песничка, ја мрморев, ја шепотев, некоја приспивна. Кога дојде татко ми престанав и се преправав дека спијам. Ме бакна и ме погали по косата со студена растреперена рака. Камо да станев и да го гушнев за последен пат, да го видев, да го допрев, да не бев толку исплашен. Камо да не бев... дете. 

Мама ги криеше весниците од мене и јас знаев дека ги крие и знаев точно каде ги крие. Но, ми беше страв да ги погледнам. Знаев дека нешто лошо се случува со татко ми, но не знаев колку ниту каде. Не знаев каде е, а и не сакав да знам навистина каде е, иако таа упорно ми кажуваше дека е на службено патување. Кога и да ја потсетеше нешто на него, почнуваше да ми раскажува како ѝ пишал, што ѝ пишал, дека бил добар, дека ќе си дојде за брзо, дека сѐ е во ред. Кога ќе ги побарав неговите писма да ги видам само ми велеше дека не се тука, ги нема, кај поштарот се, а некогаш и ме игнорираше повторувајќи ги истите мисли полни надеж. Еден период го чекавме поштарот секој вторник, таа велеше дека во вторник ќе ни донесе ново писмо. Поштарот никогаш не дојде.  

Стана многу раздразлива, брзо се лутеше. Ако не беше тажна, беше нервозна. Познавав кога плачела. Никогаш не плачеше пред мене, но по очите можев да сетам. Ми беше жал за неа, сакав да ѝ помогнам, ја прегрнував, ја бакнував, но јас бев само дете. Што би можел да сторам? Чувствував дека повторно, по кој знае кој пат ќе бидам гостин кај тета. Да можев да бирам не би бил ни дома, ни кај тета. Сакав да сум со тато, каде и да беше тој, сакав да сум со него. Некои деца од улицата кај тетка ми, често ме прашуваа дали татко ми е во војна, дали е војник, дали ќе се врати. Јас само молчев, а што би рекол и да знаев каде е. Мајка ми сакаше да ме заштити од војната, од грижите, од нејзе, но не успеа да ме заштити од животот, ниту, пак, од смртта...

 

ЗА АВТОРОТ

Нина Насеска

Нина Насеска

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ