ДЕВОЈЧИНСКА СОБА
(извадок)
16.На Тамара ѝ беше жал и за Донка и за машината.
Ми раскажа дека таа неодамна усвоила од фри шопот пред својот влез,
што во белградскиот случај тоа едноставно бил контејнер на аголот, стара
машина за шиење, позната сингерка и дрво на животот. Кога излезе да го
фрли ѓубрето, покрај контејнерот пронашла голема, здрава билка во убава
саксија со боја на песок и стара машина која дури делувала дека е во активна
состојба. Околу сингерката малку и се поткачила со собирачот на секундарни
суровини кој стигнал во исто време до пленот. Ги собрала и саксијата и
сингерката и на скалите ја сретнала сосетката Јасенка. Таа изгледа
посматрала од прозорецот како ги зема растението и машината, па излегла
да ја пречека.
Јасенка поголемиот дел од својот живот го посветила на негувањето на
болната мајка. Петнаесетте потенцијално најдобри години заминале додека
ја преместувала старицата од доктор кај доктор во обидите да ѝ вдахне уште
некоја година живот, зашто не знаела што да прави со своите години. За
момент се запрашав дали мојата мајка би очекувала и јас да се грижам за
неа исто така, ако судбината на нашето семејство не доживеа драматичен
пресврт во почетокот на деведесеттите години? Никому, па ни на мајка и на
Јасенка не ѝ беше до живот. Но таа никако не можеше да остави. Низ
нејзиниот живот поминаа разни жени, а Јасенка ги сакаше жените повеќе од
мажите. Дошле и си заминале. Поминале и добри работи, кученцето
пцовисало, се исушиле скоро сите растенија и преживеало само тоа едно
дрво на животот што го добила од колегите кога добила отказ од работа.
Зашто Јасенка имала време само за мајка ѝ. Ја земала сингерката од Тамара
за да ѝ помогне до третиот кат и попатно ѝ рекла дека проклетото дрво на
животот почнало да буи како лудо откако ѝ умрела мајка ѝ. Таа таа количина
на пркос не можела да ја поднесе, па го исфрлила надвор заедно со
машината за шиење на мајка си. Била среќна што Тамара ги земала и
растението и машината. Сметала дека во нејзина сопственост тие се уште
можат да пронајдат некаква смисла и цел.
„Ова е сега оној момент кога ти мене ми велиш дека е Јасенка
всушност твоја братучедка.“
„Пардон?“
Очигледно делував потполно избезумено, зашто Тамара почна да се
смее гласно.
„Така е тоа во Блеград. Сите се знаат. Кога ќе тргнеш да кажуваш
некаква приказна, обврзно се испоставува дека барем една личност на
масата ги знае актерите.“
„А, тоа...“, ми олесна.
„Извини, баш и не е финта.“
„Ама не, што ти е... Само не разбрав. Ми удри жешкото во главата.“
Всушност, во главата му удрило малку виното, на сè уште прилично
празен стомак и на адреналинот од толку обичната, но толку возбудлива
вечер. Тамара нарача уште две корпички леб и маслини додека го чекаме
следниот генг, а јас си помисив дека секоја вечер би требало да изгледа вака.
И дека секоја вечер би требало да изгледа вака. И дека не знам што да
правам со тоа чувство. Ме фати паника.
Се разделивме со бакнеж во образот и лесна прегратка. И двајцата
бевме малку лепливи.
Дојдов назад во станот на мојата мајка и веднаш отидов под туш. Ми се
чинеше дека морам под итно да ја измијам од себе лепливата белградска
влага, но и овлаш бакнежот на Тамара во образот, додека сè уште не се
втиснал подлабоко и додека сè уште можам да го симнам со обичен сапун.
Превод од српски јазик: Сашо Огненовски
(Извадок од романот „Девојчинска соба“ во издание на Доказ, Белград,
Србија, 2023)
Стеван Вранеш (1979), дипломирал драматургија на ФДУ во Белград. По повеќе од 15 години пауза, се враќа на пишувањето со пиесата „Седобро“ која во 2017 година ја објави списанието Театрон, а потоа е изведена во Народниот театар во Ужице и селектирана за Стерииното позорје 2018 година. Живее во Бристол, југозападна Англија. Сака да пишува во Јоркшир затоа што го потсетува на Црна Гора, каде како дете ги поминувал летата, во Девон, заради драматичниот брег на Атлантикот и во Андалузија затоа штпо во зима е топло и сончево. Паралелно со обидите да (п)остане писател, ја одржува во живот и кариерата на стручњак за комуникации, која му овозможи да го види светот и да запознае луѓе. Игра сквоѓ. „Девојчинска соба“ е негов прв роман.