Нема да го споменувам името на градот. Нема да ги споменувам вистинските имиња на главните актери. Суеверен сум, ете. Само ќе кажам дека беше странство, а ние бевме странци во тој странски град.
Не се сеќавам повеќе како и зошто се најдов во таа црна врела ноќ со воздух тежок како планина и со небо без ѕвезди, месечина и облаци. Не се сеќавам зошто како млад новинар воопшто бев таму. Во тој град студираа четворица мои уште помлади пријатели. Бесцелно шетаме во мракот и гледаме во изгаснатите улични светла и во мрачните прозорци на сенишните сиви, бетонски згради. Ова е време на рестрикција на струја, а ние не знаеме што со себе.
– Ајде да одиме кај Маре, кога сме веќе тука – ми вели Вале и покажува со кажипрстот од десната рака кон една долга, долга повеќекатница. Маре живее во вториот влез, на шестиот кат. Додека одиме пешки низ мрачните скали и ги гориме прстите, обезбедувајќи слаба светлина пред нашиот немоќен вид, јас ги бројам катовите и се преколнувам самиот себе што ја прифатив оваа блесава идеја. А каков избор имав?
Кога конечно чукнавме на една стара дрвена врата, во нејзината рамка се појави ликот на синооката, насмеана Маре, осветлен со слаб зрак светлина од свеќата што ја имаше в раце. Темно беше, ама препознав дека на кујнската маса седат Горан и Венко, гласно се смеат, а во чашите им се лелее некаква течност чија боја не може да се одреди. И на кујнската маса има запалено свеќа. И во претсобјето има свеќа. Има три свеќи што горат. Додека нашите сенки морничаво се играат на ѕидовите од станот, забележувам на масата уште неколку незапалени свеќи.
Се гушкам со пријателите, а Маре става пред мене и пред Вале чаши со некој алкохол со неизговорливо име.
– Ајде да викаме духови! – веќе не се сеќавам кој го предложи ова, ама се сеќавам дека сите со воодушевување прифатија. Јас воопшто не бев воодушевен. Да, ќе биде ова една од оние ноќи на блесави идеи. А од друга трана, каков избор имав?
– Добро, – реков – само под два услови: нема да викаме наши починати роднини и јас да бидам прв што ќе привикува дух.
Дечките очигледно беа подготвени. И покрај мракот, Горан вешто од една фиока извлече шпил карти, на кои наместо вообичаените карташки дизајни имаше напишано букви. На секоја карта по една буква. Вешто ги растури картите по масата, а пред себе стави хартија и пенкало. Се фативме за рацете, седнати околу масата, и нешто баевме, како хор што не успева да отпее госпел.
Во мигот кога мислев дека кулминацијата е достигната, потстанав од масата. Ја спуштив главата над свеќата за да изгледа мојот лик колку што е можно посенишно и со најрапавиот, морничав глас што можев да го произведам, го довикував духот на Јосип Броз Тито.
– О, ти, духу маршалски… О, ти, духу претседателски, ако ме слушаш појави се! О, ти духу самоуправен појави се пред твоите пионери…
Па, потоа почнав да зборувам нешто неразбирливо, а моите пријатели едвај се воздржуваа да не прснат од смеење, ама сепак се воздржуваа и глумеа престравеност. Кога конечно објавив дека ми се јавил духот на Тито, го прашав дали баклавите, горе на небото се исто толку добри како оние во Скопје. Луѓето околу масата немо се тресеа, смеејќи се во себе. Повторно се фатив во кругот. Паднав во транс и почнав да ја вртам мојата празна чаша по картите на масата. Одговорот на Тито беше: „Без бозата од Апче ништо не вреди“. И тука настана експлозија од смеење. Добро, можеби оваа странска ноќ со странци во странскиот град и нема да биде баш целосно промашување.
Веќе немаше глумење. Се смеевме и галамевме додека го привикувавме духот на Мао Цедунг и го прашувавме кога научил да плива и дали му требала гума за пливање кога ја препливувал онаа голема река. Јулиј Цезар го прашавме дали е задоволен што постојат и пијалак и салата со неговото име (човекот бил повеќе за чварки и кисело млеко!). Никола Тесла беше прашан кога ќе дојде струјата. Наполеон одговараше дали би бил поуспешен војсководец ако беше понизок…
Не знам колку беше часот, ама сигурно беше длабоко во ноќта кога Маре ја зеде чашата и ги прекрши правилата на играта. Синооката, насмеана Маре го повика својот неодамна починат татко. Сакаше да го праша дали ѝ е лут и сакаше да му се извини за нешто за што мислеше дека му згрешила. Сакаше да му каже дека го сака, бидејќи мисли дека никогаш тоа не му го рекла. Крвта ми смрзна во жилите. Напнатоста се сечеше во воздухот, тежок како планина.
Не знам зошто и не знам како, ама сите рекоа дека јас треба да го довикувам чичко Митре, татко ѝ на Маре. Мислеа, претпоставувам, дека јас со своето искуство ќе ја релаксирам ситуацијата. И Маре, со оние слатки очи и прекрасни усни што трепереа на слабата светлина на свеќата, сакаше јас да го повикам татко ѝ.
Баев и пеев нешто подолго отколку што требаше. Мозокот ми работеше сто на час. Сакав да смислам нешто што нема да биде премногу патетично и премногу јадно, а сепак да ѝ кажам на Маре дека татко ѝ ја сака, дека секогаш ја сакал и ќе ја сака до вечноста. Сакав да ѝ кажам дека никогаш не направила никаква грешка и дека татко ѝ секогаш ја чувствувал нејзината љубов. Сепак требаше да биде само една реченица, па се решив неговиот одговор да биде во вид на прашање: „Зошто не ме однесе на журката кај Ѕвездан?“
И таман реков дека духот на чичко Митре е тука, меѓу нас. Дека сите нѐ гледа и дека ми изгледа задоволно и насмевнато, одеднаш се слушна некој страшен звук. Како некој очајнички да удира по прозорецот. Од надвор. По ѓаволите, ова е шести кат! Грч ме стегна во градите. Не можев да мрднам. Занемев. Бев парализиран.
Пламенот на свеќата почна да трепери. Со половина око видов дека Горан, колку што можеше побргу, истрча и се заклучи во купатилото. Вале влезе во оставата и ја затвори вратата зад себе. Венко се сокри зад фотелјата и забележав дека кришум ѕирка и гледа што ќе се случи. Маре само се лизна под масата и остана таму да лежи. Сенките на ѕидовите чудно се разиграа. И – свеќата се изгаси. Сѐ уште не можев да мрднам, а тропањето на прозорецот продолжуваше. Дамари удираа во моите слепоочници. Во ист ритам како што удираше духот по прозорецот.
Одеднаш од истиот правец, од кај сенишниот прозорец, се слушна еден пригушен, но доволно силен глас, се слушнаа некои сосема непознати зборови за моето уво. А тропањето продолжуваше. Овојпат помешано со тие чудни парачовечки звуци. Ми се вртеше во главата. Мислев дека ќе се онесвестам.
Не знам како се прибрав и како решив да го отворам прозорецот. Всушност, сакав да му кажам на духот на чичко Митре дека ќерка му го сака и дека ќе го сака до вечноста, дека нема потреба да се лути и дека треба да си го најде вечниот спокој. Рацете толку ми се тресеа што едвај го отворив прозорецот. И штом го отворив, пред мене се укажа едно страшно лице, со свеќата, поставена под неговата брада, со вампирски очи и со брчки достојни на мумија. Ликот викаше, па се стишуваше, па пак викаше, а јас ниту нешто разбирав, ниту нешто можев да слушнам. Ми требаше време и нешто воопшто да видам.
И тогаш видов: заедничка тераса за сите пет станови што се наоѓаат на шестиот кат. И тогаш видов дека од кујната има врата што излегува на таа тераса. И тогаш разбрав дека соседите можат да се посетуваат едни со други, одејќи преку терасата. Го викнав лутиот комшија што го разбудила бучавата да дојде на еден неизговорлив пијалак. Маре седна на своето столче, со понасмеани очи од порано. Како да ѝ олесни. Останатите беа бледи и не прозбореа ни збор. Комшијата уште беше лут или глумеше лутина, ама си ја испи пијачката и си замина. И ние набргу заминавме. Јас се вратив во својот хотел и долго не можев да заспијам.
Ќе излажам ако кажам дека сум заспал и дека сум го сонувал Тито како јаде баклави и пие боза кај Апче. Да, сигурно сум заспал, ама не знам дали и што сум сонувал. Сепак, од време на време го сонувам чичко Митре и му ја раскажувам оваа приказна. А тој само се смее. И не вели ништо.
А мене повеќе не ми е страв.
Ѕвездан Георгиевиски е роден 1961 година во Јесенице, Република Словенија. Работел како новинар во повеќе редакции: „Нова Македонија“, „Пулс“, „Утрински весник“, „Глобус“. Еден е од основачите на „Канал 4“, првото приватно радио во Македонија. Основач е на наградата „Роман на годината“ што своевремено ја доделуваше „Утрински весник“, а сега ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Ги објавил книгите: „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ (роман, „Темплум“, 2016, второ издание „Темплум“ 2018), „Урбани топоними“ (есеи, „Темплум“ 2018) и „Да не бидам покусо“ (раскази, „Просветно дело“, 2018). Преведува од англиски и од јазизите на некогашните југословенски републики. Досега превел десетина книги. Уредил повеќе зборници, алманаси и списанија. Во моментот работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.