Elementi Logo

ПЛЕТКА

Backgorund

Плетка

Да можев сега да те стегнам
силно меѓу овие празни дланки,
да те растурам како
подредена низа, шпил од карти,
да те истурам како
сируп од капини врз бело платно,
да те запечатам како
восок на љубовно писмо,
да те провејам како
свилена крпа на разигран ветер.
Да те најдам во светот и
да го следам секој твој чекор,
да те будам пред Сонцето да зајде,
да му шепнам на дождот дека те сакам,
и тој шепот низ уличните празнини
тебе да те најде.

Да можев да те вжарам во мојата кожа,
и да те носам на мене како отмен украс,
за да не те одели од мене никој,
за ние секогаш да постоиме.
Да те украдев од твоето затворено катче,
и да те однесев под сите неизбројани ѕвезди,
за тие да станат наши
кога молкум ќе ги изброиме.

Да можев да брцнам во светскиот џеб,
и од сите луѓе да те извлечам тебе,
да те скријам од сиот свет,
да те засолнам во сатенската дипла во мојот скут.
Ќе се престорев да можев
во ладнокрвен рептил,
за да те допрам и да го истиснам
од тебе сиот студ.

Да можеше да биде
се што некогаш сум посакала,
на овој свет ќе останевме само две,
ќе менувавме облици и форми
ама ќе живеевме живот оскуден.
Ти си човек, а не си ни мој,
ти си таму некаде свој,
а јас?
Јас си поставувам стапици,
се втурнувам во виулици,
осудувам живи грешници
додека грешам повеќе
од мене што ми е згрешено,
додека пробувам да отплеткам
нешто што не е ни заплеткано.

Градско дете

Градот си ја искрцка половината
и ги оптегна рацете врз нас
и еден по еден почна
да не фрла да лебдиме во воздухот.
Градот ја сокри месечината
со светилките свои ѝ го засени отсјајот,
ни го продолжи денот
за полесно да го уништиме.
Градот ја изгази дивината,
паразитски се расеа на секаде
почна да расфрла од своите отрови
набрзина почна да ги коси полињата
и да блуе како после лудо пијанство
врз невините простори.

Градот, пропаднат адолесцент
се оживеа толку многу што се изгуби
сам во својата котлина,
Се прелеа како млеко што врие.
Скржавец е тој, што ја упива
како жедна билка летната топлина.
Град што не знаел да спие.
Град што како подмолна змија
во дувлото од гасови се крие.
Град што се гради со грдно градиво,
грандиозно што грди градини,
градирано ги гравира градите
што го исполнуваат градниот кош.
Звук што пука и клокоти
гр-гр-гр-гр…звучи соодветно.
А луѓето се градот, нели?

Се будам наутро
и мирисот на зима замелушено ме обзема.
Градско дете

.

Спасувачи

Никој нека не ме спасува!
Нека не пробува да ме откопа
од моите мали вирчиња кал
кои ме влечат како жива песок
се подлабоко внатре во себе.
Никој нека не ме спасува!
Од закоскеното блато
што под табаните гребе.
Јас не сум за спасување,
сама си ја си ја ископав дупката
и удобно е овде.
Закитете ме со позлатен орден,
за делото што го создадов од калта.
Јас правам статуи, инсталации
од своите грешки, јас вајам.
Шлакам, покривка врз емоции,
Ерозии пополнети со плунка и шлајм.
Никој нека не ме спасува!
Мразам да ме жалат,
натажени погледи, кукавици.
Непризнание на индиферентноста!
Јас не се жалам, не ми требаат емпатии.
Сакам воодушевување на облиците
што ги создавам од животот.
Сакам проширени зеници,
стеснети шареници
од страв и почит, не од симпатии.
Никој нека не ме спасува!
Осудувам херои и храбри подвизи,
витешки манири и зацрвенети образи.
Јас сум си давеникот и спасот во мојата приказна.
Моја е приказната,
не одземајте ми ја.
Никој нека не ме спасува
од мувлата што ми ги покрива рацете,
кадифе е!
Никој нека не ме спасува
од жицата што одвнатре
ми чепка во органите и ме растура
животот е поубав-аморфен!

ЗА АВТОРОТ

Ива Петреска

Ива Петреска е млада поетеса и студентка на Медицинскиот факултет. Учествувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ во организација на „Култура Бета“,„Отскочна даска“, настан за млади во рамки на „Скопскиот поетски фестивал“, а неколку нејзини песни се објавени во „Репер“. Времето го поминува во нижење монистра, во разговори со другарките и учење низ скопските кафулиња. Вљубена е во животот и во уметноста, а преку поезијата сака да остави свој печат во светот.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ