Elementi Logo

Градината што пролет не дочекала

Backgorund

Градината што пролет не дочекала

Во левиот џеб од капутот ја носам
мечтата кон едноставното.
Слика од цветна градина со
мирис на пролет.
Всушност, мирисот доаѓа од
дамката чај засадена на неа,
бидејќи на сликата лале не би
можело да исцути.
Во градината цутат само цветови
од боја, но не и ружи.
Живеат пеперутки од хартија,
но не и бели глуварчиња.
Кога цвет ќе исцути,
тоа никогаш не е јаболко.
А кога јаболко ќе исцути,
тоа никогаш не паѓа.
Но во средината расте кокиче бело
што испраќа гласини до Сонцето,
да зраците да го разбудат движењето,
па од некоја градина пеперутка да
побегне и од лале полен да ми донесе.
Водата да надојде,
глуварчето да побелее.
Нечиј син, нечиј татко своето мало
да сака со трн од ружа да го прободе.
Па крв да капне на моето кокиче и
од својата дршка трње да роди.
Но јас во левиот џеб од капутот ја
носам љубовта кон зимата.
Спијам кога сонце ќе изгрее,
молчам кога славеј ќе запее.
Всушност, ја сакам музиката,
но ме плаши бучавата.
Ме плаши плимата.
Можеби би ја сакал водата ако
не ме плашеше длабочината.
Затоа и носам капут кога не треба,
кога водата во реката сè уште ми бега.
А во десниот џеб од капутот носам очила,
за да можам, кога гласот Сонцето
ќе го стигне и пеперутката полен ќе ми донесе,
да мечтаам по градината што пролет не дочекала.

ЗА АВТОРОТ

Сатја Александар Давитков

Сатја Александар Давитков (2002, Скопје) студира Молекуларна биологија со генетика на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, Скопје. Средно образование завршил на Државниот музички училиштен центар, во Штип, на отсекот за Пијано со одличен успех. Негова поезија е објавувана на платформата „Култура Бета“, на уметничката инсталација „Никулци“ во Дом на млади – Штип. Негови есеи се објавени во „Средношколски размислувања 4“. Учествувал на „Поетска епизода #1“. Покрај пишувањето поезија, компонира и свири пијано, за што има освоено бројни награди на акредитирани меѓународни и државни натпревари.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ