Elementi Logo

Прво беше зборот

Backgorund

Прво беше зборот

Некој еднаш ме праша
Што ако престанеме да се слушаме
Што ако зборовите престанат
Да допираат до нас
И се претворат во безгласна буква
Што ако молкот почне
Да се напластува како снег
Во подножјето на една тешка тежина
Чија сенка ни сонцето не може
Да ја опфати
Што ако замреме во мигов
Дали и понатаму ќе има таков свет
Што ќе го светува зборот?
Но велам
Што ако навистина те слушнев
Што ако снегот поченеше да се топи
Едно свежо априлско утро
Веднаш по утринското кафе
Што ја сквернави белата кошула
Што ако ти го поземев зборот
Зарем ќе ми го вратеше
Тивко тивко на усниве?

 

Во себе те пуштам

Би можела да те завртам околу буквата О
Би можела да те спуштам по јадицата на У
Би можела да те оставам за миг
Колку за да пуштиш чекор во мојот перверзен
ум
А таму:
Сите карти се отворени
Сите правила се растегнати
Сите мртви се воскреснати
Не постои бројот два

Ни дуализмот што од него доаѓа
Ни Хамлетовото двоумење
Нема ни точка ни запирка
Единствено звукот на О и У
Тлее врз формата на моите усни
Штом во себе те пуштам.

ЗА АВТОРОТ

Гордана Балеска Трифуновска

Гордана Балеска Трифуноска (1993, Охрид) дипломирала на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Скопје, а потоа магистрирала на на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси при Универзитетот за туризам и менаџмент, Скопје. Авторка е на стихозбирките: „За блудниот син, за блудната ќерка“ (2022, Креативна верига) и „Трепери срцето мое“ (2010, Ирис). Нејзини песни се објавени во периодиката, а нејзини раскази се објавени во „Рукописи 43“, Панчево, Србија, и во збирката раскази од повеќе автори „Интимно со пандемијата“ (Креативна верига, 2021). Добитничка е и на откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за расказот „Еден убав сончев ден“ во 2021 г.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ