(Кон студијата „Сите драјвери вклучени“ на Роберт Алаѓозовски, издавачка куќа „Готен“, Скопје, 2021)
Книжевноста не е само дел од интелектуалното живеење на една земја. Таа е многу важна врска со светот најмногу заради нејзината сублиматност и заради цивилизациското искуство на една земја кое се содржи во стиловите и начините на мислење на нејзините автори. Преводите се неодминлив мост кон согледувањето на книжевноста во другите земји, во другите опшествени и социјални констелации, конечно, тие се релациите што ги поврзуваат и народите и нивните држави. Јазиците многу често претставуваат бариера, но преводите на многу суптилен начин ги премавнуваат бариерите правејќи ги народите блиски и по начинот на живот и по нивните културни и интелектуални богатства. Стидијата „Сите драјвери вклучени“ се занимава со анализа на преводот на македонските автори на другите јазици, со третманот како на авторите, така и на нивните дела од различни жанрови.
Она што импресионира во оваа студија е длабоката аналитичност која го доловува македонскиот автор во преводната книжевност на другите земји на различни нивоа истовремено говорејќи за една многу важна тема: како да се претстави македонската книжевност во другите земји и како нејзиниот превод да го најде своето место во книжевната мапа на Европа. Имено, анализирајќи ја македонската книжевност и нејзиниот третман надвор од земјата, оваа студија најпрво ја претставува методологијата на своето истражување и секако нејзината цел велејќи дека: „Студијата ги анализира концептите и „природата“ на книжевното творештво, каналите и механизмите преку кои се одвива процесот на преведување и публикување на преводни книги од македонски јазик, ги анализира типот на издавачи и нивниот интерес, културните политики и механизми на поддршка, како и улогата на авторите, преведувачите, уредниците и книжевните агенти во процесот.“ Говорејќи за процесот на претставување на македонската книжевност во Европа, во оваа студија се многу детално претставени македонските издавачи низ концизната аналитика на Билјата Туџарова Ќупева каде што низ една многу корисна хронологија може да се согледа развојот на македонското издаваштво од по Втората светска војна, кога Македонија била дел од Југословенската федерација, па се до тридецениската независност на нашата земја. Во главата наречена „Контекст“ можеме да го согледуваме нејзиното осврнување на тоа како издаваштвото се развило од една единствена издавачка куќа по војната па се до 121 издавчка куќа во 2020 година, како и еден исклучително важен пресек на одобрени и издадени проекти во периодот од 2015 до 2020 година. Во оваа анализа е мошне важна дистинкцијата на „книжевноста со една социјална функција, во насока на создавање на национални и универзални системи на етички и цивилизациски вредности“ и тривијалната книжевност без уметничка вредност чија цел е брза заработувачка. Овде се, секако, од големо значење и критериумите и културната разновидност кои македонската книжевност преку преводот ќе ја доведе кон поголема читаност и вреднување во Европа. Но, оваа глава предупредува и во однос на претприемништвото каде што се споменува една дистинкција која вели дека кај нас има многу издавачки куќи со мал број на вработени и ситни ресурси, но и дека книжевните дела ги има се повеќе. Секако, дека она што треба да се направи што се однесува до таа состојба е книжевните дела да бидат што подобро пласирани надвор од нашата земја. Во таа насока е многу продуктивен делот од студијата наречен „Вмешување на титаните“ каде е направена опсежна анализа учеството на фондовите на „Креативна Европа“, „Традуки“ како и Министерството за култура на Република Северна Македонија како најголеми поттикнувачи и поддржувачи на преводот на македонските книжени дела. Говорејќи за една доста оптимистичка бројка од 79 поддржани проекти од „Креативна Европа“ од кои на 45 од нив Македонија е носител на проектите, оваа студија ќе проговори и околу многу важната потреба од систаматизирано и организирано претставување на македонската книжевност во странство преку постоењето на агенти и институции како што се центрите за книга во другите држави. Овде се фрла поглед и врз книжевните награди и признанија и во еден оптимистичен тон говори за тоа дека македонските автори полека, но сигурно стануваат релевантен чинител на длабоката валоризација на македонската книжевност иако при квантитативните анализи нивното присуство на европската книжевна сцена е се уште незначително. Тука станува збор за „Европската награда за книжевност“ како дек од „Креативна Европа“ на која во текот на десетината години колку постои истата нагеадени се четворица значајни македонски автори (Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Ненад Јолдески и Петар Андоновски) чии дела ги раширија преводните верзии во повеќе земји. Секако, тоа значи и вреднување на истите дела и преку книжевната критика на повеќе земји што говори за отворањето на македонската книжевност надвор од границите на нашата земја. Од големо значење е и книжевната награда „Балканика“ која се доделува веќе четврт век и која опфаќа конзорциум од шест балкански земји: Северна Мекедонија, Грција, Бугарија, Србија, Албанија и Турција, а чиј прв реципиент бил српскиот автор Давид Албахари, а од нашата земја добитници биле двајца автори: Александар Прокопиев и Венко Андоновски. Една од најважните платформи е гореспоменатата „Традуки“ која претставува мрежа на фондации што овозможува дијалог во сите правци на сите 14 земји членки на таа мрежа. Започната како пилот-проект во 2008 година: „Традуки“ денес е пример за мултилатерална, меѓународна културна соработка, што гради прекугранични и добрососедски мостови“, што е од огромна важност за пласирањето на македонските книжевни дела надвор од земјата. Во овој дел авторите на оваа студија говорат за сликата на преведените дела на македонски автори надвор од нашата земја обично на јазиците на земјите од регионот (српски, хрватски, словенечки, романски, бугарски, албански) која е индикативна за тоа како се движи и како осцилира нивната доминација и се споменуваат 32 преведени македонски книги во период од 2016 до 2021 што е бројка која има потреба од зголемување. Во таа смисла, како релевантен чинител на Традуки е и Македонското министерство за култура кое има свој конкурс за поддршка на македонски автори кај странските издавачи и студијата споменува дека тоа игра извонредна улога во пласманот на македонските книжевни дела надвир од границите.
Едно од најважните сегменти на оваа студија е анализата на авторите и преведувачите која е доста опсежна и зборува за нивната улога во доследното претставување на македонските книжевни дела во странство. Тука се поставуваат неколку прашања кои се поврзани со тоа: колкава е улогата ан авторот во претставувањето на неговото дело надвор од границите и секако, кои се преведувачите, нивниот кредибилитет и круцијална улога во обликувањето на делото што е од огромна важност за неговата достапност кон другите јазични подрачја. Зборувајќи за потребата од нивно институционализирање се наметнува потребата од формирање на агенции или центри каде што ќе се формира систем на третирање на авторите и певедувачите, а и нивните дела, предлог кој се поставува и на други нивоа, како што е Семинарот за македонски јазик, а од лавовско значење е и книжевната критика која е на некој начин огледало на едно дело врз кое се огледува потенцијалниот читател. Овде и авторот и соработниците не заборавиле да ја согледаат и улогата на уредниците кои се од големо значење за формирање на книгата воопшто, а особено на онаа која ќе дојде до рацете на потенцијалниот читател во странство.
Студијата во која многу егзактно и системски многу податливо се прикажани и другите обрнува огромно внимание на фестивалите и резиденциите кои се на некој начин директен контакт на авторите со книжевната сцена во земјата во која што добиле резиденција, но и на фестивалот каде што присуствувале. Споменувајќи ги легендарните „Струшки вечери на поезијата“ овде станува збор и за платформата „Версополис“ која игра многу значајна улога во промовирањето на македонските поети во странство, на еден жанр чија фрагилност во насока на читаноста е многу голема. Покрај резиденциите кои ги овозможува платформата „Традуки“, а низ значајниот проект и проектот „Читајќи го Балканот“ тука станува збор и за состојбата на преведеност на македонските автори по земји каде што е генерална констатација дека македонските автори се најмногу преведувани во земјите на регионот, но се доаѓа и до констатација дека некои од авторите се повеќе валоризирани во странство отколку во нашата земја. Тука не можеме, а да не ги споменеме и македонските книжевни фестивали како што се „Про за Балкан“, „Букстар“, како и „Скопје Fellowship“ во чии програми можат да се најдат не само автори од странство, но и понатамошни иницијативи за силно поврзување на македонските автори со преведувачите и читателите вон границите.
Кога станува збор за промовирањето, за презентирањето на македонската книжевност во странство преку системите на маркетингот и детекцијата на пазарната политика, оваа студија ја констатира тажната состојба на непостоењето на агенти во нашата земја што говори за една осаменост на македонските автори во таа насока, состојба која на некој начин ги наведува самите да се грижат самите за своето претставување во странство. Затоа, сметајќи го за исклучително значаен во оваа студија е делот кој по заклучните согледби е посветен на Препораките кои би ја обезбедиле подобрата иднина на македонската книжевност во странство, препораки кои генерално се однесуваат на трансформирањето на сегашниот Сектор за книга во македонското Министерство во релевантна генеричка Агенција за книга по примерот на ЈАК во Словенија, агенција која би имала повеќе функции покрај презентирањето на македонската книга во странство, а тоа се: промовирањето на нашата литература во странство, обезбедување на достоен финансиски третман на преведувачите и авторите блиски до европските стандарди, како и да се формираат грант-линии што ќе дадат поддршка на многу сегменти од развојот на книгата на македонскиот автор вон границите. Од огромно значење во таа смисла се и релевантните награди за првеедувачите и авторите, но и семинарите кои треба релевантно и легитимно а и континуирано да ги детектираат состојбите во пулсирањето на преводот и презентирањето на македонската книжевност во странство. Давајќи концизен преглед на сите македонски дела преведувани на скоро сите европски јазици, оваа студија формира слика за состојбата во преведувањето на македонските автори и дела во Европа, слика која треба и да не загрижи, но и да не поттикне на размислување околу тоа: каде е македонската книжевност на европската и светската книжевна мапа, дали нашите автори се доволно преведени, дали ги имаме и оние автори чии дела се со голема уметничка вредност, а не нашле начин да дојдат до читателите надвор од нашата земја, кои се критериумите за податливост на македонските автори кон читателите во другите земји.
Индикативноста на самиот наслов говори дека од несушна важност е да бидат вклучени „сите драјвери“ затоа што македонската книжевност со својата комплексност и стилска автентичност треба да биде преведена и презентирана надвор од нашата земја. Сенка Наумовска, Ксенија Чочкова, Емилија Мајсторова, Златко Панзов, Иван Шопов, Марија Саревска-Тодоровска, Соња Ставрова и Владимир Јанковски се соработниците кои овозможија оваа состојба и понатамошните препораки да бидат релевантно поддржани од една длабока аналитичност и согледливост што ги чини многу значаен дел од студијата која многу искрено, но и доста критички предупредува на тоа дека навистина нема време за да се фатат европските возови на достојниот третман на македонскиот автор, на неговото дело, на неговата достојна презентација на Европското и светското тло каде што ќе постане и конкурент за големите европски и светски книжевни награди, поттикнувајќи ја толку посакуваната мултикултурна слика на нашата држава, вредност која е значаен чинител за нејзината видливост во европските и светски рамки.
Рецензија на Сашо Огненовски
Македонски писател и комуниколог. Неговата книжевна библиографија вклучува пет поетски книги (Лавина, 1995; Плодовите на пеколот, 2014; Пустински цвет, 2015; Шума, 2018; Менување на минатото, 2019), две книги со детски пиеси (Обична бајка, 2002; Магичен компас, 2011), две пиеси за возрасни (Тага, 2012; Тврдина, 2016) и два романи (Сивиот плоштад, 2019; Турнеја, 2020), како и голем број на трудови од областа на комуникологијата, семиотиката, мултикултурализмот, театарот објавени во разни списанија и презентирани на голем број конференции низ светот (Гетеборг, Осло, Милано, Белград, Скопје, Нови Сад, Лондон итн.) Неговата последна пиеса Тврдина е објавена на англиски јазик од страна на издавачката куќа Лулу од Јужна Калифорнија, САД, додека неговите детски пиеси се објавени на српски јазик од страна на издавачката куќа Алма од Белград. Пишува осврти, есеи и колумни за македонски, српски и англиски портали. За неговата поезија е добитник на наградата ИВА БОГДАНИ од Приштина, Косово, наградата на Црногорската асоцијација на преведувачи и меѓународната награда „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво од Риека, Хрватска за најдобар роман и за особени заслуги во литературата. Неговите дела се преведени на англиски, српски, албански, индиски, арапски и хрватски јазик. Главен и одговорен уредник е на книжевното списание Книжевни елементи и на веб списанието Елементи.