Elementi Logo

ЖЕЛЕЗНИЧКА

Backgorund

– Купив гробно место – гласно и речиси свечено соопшти Боге Близнаковски влегувајќи дома, иако навидум немаше никој. Уште не го беше одвиткал ни шалот од околу вратот, некаде од станот долета прашање:

– Единечно или двојно?

– Двојно. Јас сум женет човек. Како можеш да помислиш дека би купил гроб без тебе?

 – Само прашав… – рече Горица и го бакна својот маж в образ, помагајќи му околу зимската облека во ходникот. Ехото на кажаното испиша нежен, безгласен прекор дека никогаш немаа ни зборувано за тоа, а тој веќе…

 – Имаше некоја акција во Бутел. Навистина беше поволно…

Додека Горица вешто и брзо ги ставаше ракавиците, капата и шалот на сушалката на терасата, за да се изветрее мирисот што ја следеше со децении, ја прободе нејзината скришна кама со две острици и сеќавањата ѝ прокрвавија. Обилно, во две црвени шурки крв на студените плочки. Набрзина си влезе внатре, ко ништо да не било и весело го праша мажа си:

 – Сакаш да направам чај?

* * *

 За својот осумнаесетти роденден, Горица цврсто беше решила да си ги дупне ушите. Не можеше ни да претпостави што ќе значи за нејзиниот живот пијаната грешка на златарот 84 Улиците што ги нема во ГТЦ наместо по едно дупче на секое увце, левото да ѝ го дупне двапати.

– Зошто направивте вака?

 – Како?

 – Па… Нема врска – рече младата девојка, гледајќи се во огледалото. Плати и си замина со две болки, една до друга.

Од тој момент, до двете црвени шурки крв на терасата, двојноста ја следеше како сенка со крената секира. Нештата што требаше да бидат едно, секирата ги цепеше на две: сакаше двајца мажи, се мажеше два пати, двапати се селеше, имаше два спонтани абортуса и, еве, сега има и два гроба. Еден само за себе, единечен, и уште еден, двоен, брачен, комфорен и заеднички со својот втор сопруг. Додуша гробовите беа празни, ама кај и да е, ќе мора да почне да копа еден тежок и тврд муабет со Боге,.. зашто таа само неколку дена пред него, на истата поволна акција во Бутел си беше купила единечно гробно место, само за себе. Иако е мажена жена.

Постојано го влечеше со себе мирисот на пијанството на златарот од нејзиниот осумнаесетти роденден. Во левата ноздра – посилно, во десната – троа послабо. Како сѐ да ѝ се удвојуваше и пред очите и во срцето; како на левото увце да ѝ тежеа две големи обетки немир.

Пред крајот на студиите, сновејќи се низ тенките ходници на Филозофскиот факултет, Горица набрзина се вљуби и за неколку месеци се омажи за својот колега Ангел Двојаков. Горица Двојакова. Заедничкото учење им одеше подобро отколку сите други работи заедно, дипломираа речиси во еден ден. Горица сѐ можеше, освен да го разгази својот нов, сутесен брак. Помал за цел број. Толку многу ја стегаше, целата се нафрли со плускавци и не додржа, пред да прокрвави, го подгази, набрзо и го фрли неизносен. Засекогаш останат речиси нов брак. Пред крајот на своите дваесетти, сновејќи се низ тенките ходници на осаменоста, Горица бавно се вљуби и за неколку Оливера Ќорвезироска 85 години се омажи за Боге Близнаковски. Горица Близнаковска. Се пресели по вторпат во сосем друг крај од градот – на улицата „Железничка“. Тојпат бракот ѝ имаше точен број, ни сутесен ни клампав; не требаше ни да се разгазува, ни да се подгазува, со него можеше удобно да се изоди сѐ до смртта,.. единствено мирисот на пијанството во ноздрите на Горица се засили. Боге беше алкохоличар.

* * *

– Сакам, ама од камилица! – одговори Боге веќе облегнат во фотелјата.

 Набрзо на масичката имаше две шолји чај и две чиничиња со зимски колач со брусница и суво грозје. Горица, особено сега откако скришно си го купи единечниот гроб во Бутел, сѐ потешко го поднесуваше секојдневието совршено деливо со два. Сега, кога веќе имаше и втор, брачен и комфорен гроб меѓу нив, можеби требаше да почне да се копа тешкиот и тврд муабет. Се обиде, но уште првиот замавнат збор ѝ залетна в грло. Се закашла, Боге нежно ја потапка по грбот и сѐ стана како секогаш. Ги испија чаевите, ги изедоа колачињата, Горица ги однесе садовите в кујна и дискретно го отвори фрижидерот да провери колку точно полно го остава шишето со ракија. Боге никогаш не пиеше пред неа, но не престануваше кога ќе останеше сам.

– Ќе излезам малку, бргу ќе се вратам.

Одеше по „Железничка“ без никаква цел. На левото увце ѝ тежеа двете големи обетки немир, а двете сенишни болки, една до друга, ја следеа во чекор. Ја гледаше улицата како прв и последен пат во животот. Сакаше ем да ја запомни, ем да ја заборави. Се џареше во куќите наоколу, во стаклениот објект на Мала станица, внатре имаше некаков настан, во игротеката отспротива,.. потоа се упати подлабоко низ улицата, ја помина раскрсницата со „Герман“ и малку пред 86 Улиците што ги нема „Димче Мирчев“ од десната страна, вниманието ѝ го привлече жолтата куќа со две табли, една врз друга. Речиси исти. На едната пишуваше „улица ЖЕЛЕЗНИЧКА“, на другата „улица ЈОРДАН МИЈАЛКОВ“. Додека Горица размислуваше дали и со што би можела да ја откорне и да ја фрли едната табла, која било, зашто сеедно ѝ беше дали ќе остане старото или новото име на улицата (нејзе ѝ беше важно само нештата да не се двојни!), од куќата излезе една повозрасна жена со шапка.

 – Зошто направивте вака? – ѝ се вдаде Горица.

– Како? – се зачуди жената и сомничаво ја погледна.

– Зошто ставивте две табли и за старото и за новото име на улицата? Ако повторно ѝ го сменат името?

– Јас не ги ставам таблите, ниту, пак, ги менувам улиците… Тоа од општината…

– Па… нема врска – рече Горица и го забрза чекорот. Двете сенишни болки, една до друга, речиси потрчаа по неа…

Имаше таман толку разум и сила да дојде до дома. Целото тело ѝ трепереше и пламтеше од студ и оган во едно. Ѝ течеа и солзи зад очилата замаглени од пребрзо дишење. Бувна во станот и додека ги собуваше чизмите во ходникот, забележа дека со сопствените чекори во домот внела опасна и конечна одлука. Седна покрај својот заспан, пијан сопруг и му шепна:

 – Знаеш, Боге,.. јас смртта сепак сакам да ја поминам сама… Во единечен гроб… Си купив. На акцијата во Бутел. (Од збирката раскази „Улиците што ги нема“, издание на Или-Или, Скопје, 2018)

ЗА АВТОРОТ

Оливера Ќорвезироска

ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКА (1965), романсиерка, раскажувачка, есеистка. Автор на дваесетина прозни дела. Добитничка е на наградата Стале Попов. Позначајни дела: Сошиени раскази, Заклученото тело на Лу, Кифличката Мирна, Еден текст и една жена, Дедо Миле, Аб’т.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ