Лирско интервју за Скопје
или: песна за Благоја Попов
(запис од 1969 година)
- За Јустинијан, ти, претседателе,
дали си чул?
- Да. Велат бил алкохолик
и сомнабул!
- На Стар Мост в Скопје
Карпош убиен бил?
- Веројатно. Но тој податок
во „Дневникот“ свој го скрил.
- Типичен херострат
бил генералот Пиколомини?
- Земјотресот од ’63-та
беше поголем, ми се чини.
- Се зборува дека в Скопје
првите досијеа
биле отворени за Ѓорчета Петров
и за владиката Теодосија?
- Што да се прави,
крива е белки традицијата:
за поумните кај нас
првин да узнава полицијата.
- Во „Бутел“ постои
АЛЕЈАТА НА ВЕЛИКАНИТЕ...
Кој ли ги праќа
за таму поканите?
-Оддел за вечноста
нашата општина нема,
но сепак, негде можеби
постои за тоа шема!
- Кому ли в Скопје паметник
да изградиш си презел?
- На оној скопјанец
кредит што не зел.
- Тешко ли е во Скопје
да бидеш и да значиш прв?
- Па... ниедно стебло
не расне без врв!
- А би го менувал ли ти
врвот за корен?
- Би... би!... но, троа псст...!
Тоа е разговор предизборен.
- Благодарам. Благодарам.
Беше беспрекорен.
Од збирката Скопјани, 1981
ГАНЕ ТОДОРОВСКИ (1929 – 2010), еден од најголемите поети и книжевни теоретичари. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде и што докторирал и предавал хрватска и македонска книжевност – XIX век. Автор е на единаесет поетски збирки и осум книги студии и критики, како и на две антологии, а и како коавтор на пет антологии. Поважни дела: Во утрините; Тревожни звуци; Спокоен чекор; Божилак; Апоеоза на делникот; Снеубавен ден; Веда Словена; Скопјани; Неволици, неверици, несоници; Недостижна. Добитник е на голем број награди: 11 Октомври, 13 Ноември, Кочо Рацин, Климент Охридски, Браќа Миладиновци, Гоце Делчев, Димитар Митрев, Ацо Шопов. Бил амбасадор на Република Македонија во Руската федерација. Преведен е на голем број јазици.