1.
Беше пролетта 1890 година. Сонцето уште не беше ѕирнало од зад Балканот, кога на полјаната на крајот од селото Стомна почнаа да се подготвуваат софрите.Огнот за печените јагниња беше запален, а бинлаците со ракија се ладеа во изворот. Жените сноваа наваму натаму и се туфкаа затоа што не знаеја како ќе соберат толку многу народ овде. Музикантите се собираа за да си ги наштимаат инструментите, пред да тргнат со свадбарите кон куќата на невестата.
Караславови живееја во мала куќа со двор и плевна каде што од рани зори беа заблеале двете јагненца што скоро се родија. Кољо Караславов беше одамна на нога за да го нахрани добитокот, да го исчисти и да го измете дворот, затоа што знаеше колку народ ќе се втурне денес кај нив и не сакаше тие да видат нечистотии. Тој цела вечер не го фаќаше место во креветот. Се вртеше лево, десно, па и Караславовица не можеше од него да заспие. Се сеќаваше на Цвета кога беше мала и како трчаше крај него за да си игра. Куќата се ореше од детска смеа и од песни. А денеска требаше да ја даде за невеста. Очите му се насолзуваа при самата помисла дека неговата единствена рожба ќе си замине од татковиот дом. Навистина, немаше да си оди од селото, туку одеше да живее во друго маало. Но, во друго семејство, и ќе има и други роднини. Ах, колку го мачеше таа мисла, дека за последен пат станува на изгрејсонце и за последен пат ќе ги види очите на Цвета во таа куќа.
Го болеше срцето. Не знаше со каков ум се беше согласил да ја даде Цвета за невеста на Сајбиевиот син. Толку многу го мразеше ток сиромашен живот што му било пишано да го живее што го проколнуваше денот во кој се родил. Ако го немаше тој недостиг, немаше да трупа толку долгови кон својот иден зет. Туку, нели Сајбиевите беа чорбаџии во селото, па кај нив често селаните одеа да бараат заеми. Кољо толку многу се задолжил, што не знаеше како ќе му исплати на Сајбијата. И на тоа пусто пијанство една вечер, и наместо тоа, ја предложи својата ќерка за невеста. Сајбијата воопшто не се поколеба. Цвета му се чинеше убава, беше млада – само што беше наполнила псумнаесет години. А тој, нели веќе ги беше минал триесеттите, па другарите го сметаа за стар ерген. Веднаш штом се согласи да ја земе Цвета за жена, му ја стисна раката на Кољо и му рече:
„Сите долгови кај мене ти се платени.“
Кољо три дена не се појавуваше во куќата. Излегуваше рано наутро и се прибираше дури кога ќе зајдеше сонцето. Не можеше да ги погледне в очи ни Цвета, ниту пак жена му Минка. Како да им каше дека си го продал своето чедо за да си ги исплати сите свои долгови? Се се правеше дека има да заврши многу работа, дека е многу зафатен и дека затоа нема време д асе прибере. Но, најпосле веќе требаше да ја каже вистината. Ја испи во една голтка чашата со ракија и рече дека ја ветил Цвета за жена на Сајбиевиот син.
„Кољо, што си направил ти? Нашата Цвета? Цветчето наше ли?“ се развика Минка.
„Веќе дадов збор, Минке. Не можам да се откажам.“
„Ама како бе ти? Нашето чедо си го продал!“, таа започна да си ги кубе косите од мака. „Ах, мојата мила Цвета!“
Кољо веќе ништо не зборуваше. Си налеа уште една чаша ракија и наеднаш ја голтна. Со крајчето од окото ја виде Цвета која застанала на прозорецот. Гледаше кон месечината и ноќното небо. Не кажа ни збор. Како да се мачеше да се помири со судбината која нејзиниот татко и ја беше одредил. Не му кажа ниту еден лош збор. Не го прекори за тоа што и го направи, не го замрази, туку со грижлив глас му зборуваше. Но, не му кажа ни дека го разбира. Не му кажа дека се помирува со судбината. Тоа Кољо најмногу го болеше. Гледаше дека детето страда за да ја проголта болката и да го носи тоа бреме во себе се до крајот. Со мака гледаше како и се менуваше погледот. Колку помалку време остануваше до свадбата нејзиниот поглед стануваше се поматен заради сите солзи коишто останаа неисплакани.
Во куќата се слушаше липање. Минка беше во одајата на ќерка си и ја китеше за нејзиниот свадбен ден. И помогна да си ги облече празничните облеки, и ја сплете црната коса во плетенка, и закачи во косата росни китки, и стави ѓердани на вратот. Ја гледаше и не можеше да поверува дека ќе остави нејзиното убаво девојче да се омажи за Сајбиевиот син. И плачеше. Не запираше да плаче и да си ги забришува очите со дланката. Шмркаше и го гледаше студеното лице на Цвета.
„Толку си убава Цвето. Поубава невеста во ова село не виделе досега. Сигурна сум.“
Цвета молчеше. Очите со боја на зумбул и гледаа надолу и беа замрежени од солзи. На вратот и беше врзано невидливо јаже и ја гушеше и таа не можеше да земе здив. Во тој момент не можеше да каже ни еден збор. Мајка и ја допре за брадичката и ја натера да го подигне лицето кон неа. Ја погали. И се насмевна.
„Многу мислев Цвето, но најпосле се решив да ти дадам нешто.“
„Мајко, јас не сакам дарови повеќе. Толку многу работи ми даде за свадбава, а јас дури не сум ни помислила на тоа да се мажам.“
„Знам, чедо, знам. Но, она што сакам да ти го дадам е нешто друго.“
Минка отиде до вратата и ѕирна. Кољо се уште беше надвор. Ја затвори вратата и се врати кај Цвета. Извади од сукното дрвено шишенце и и го даде на ќерка си. Цвета го зеде шишенцето во рацете и го загледа.
„Розово масло ли е тоа?“
„Не, Со него можеш да се спасиш од својот маж.“ Настана молк. Цвета со недоумица гледаше во очите на мајка си. Минка проговори потивко: „После свадбата, кога ќе се качите во одајата, стави му го овој отров во чашата и натерај го да го испие. После ќе кажеш дека многу се возбудил заради брачната ноќ и дека затоа срцето му престанало да му чука. И ти ќе бидеш омажена само за една ноќ. Пак ќе си бидеш слободна, Цвето, но ќе имаш и имот. Веќе ќе бидеш Сајбиева снаа. А понатаму ќе можеш да се омажиш за оној што ќе си посакаш ти. На друг начин јас не можам да те спасам од таа судбина. А пак мајчиното срце не може да поднесе да те гледа така несреќна.
„Јас не сум несреќна, мајко. Штом сето ова го спасува татко од долговите, јас ќе се мажам.“
„И ќе живееш со оној мисир до крајот на животот? Точно е, имаат пари, ниви колку што сакаш, народ што работи за нив, ама ти него не го сакаш.“
„Ти, го сакаше ли татко пред свадбата?“, праша Цвета, а Минка ја гледаше и молчеше.
„Други времиња беа тогаш. Ама потоа го засакав. Сега не можам без него“, кажа на крајот таа.
Чукна надворешната врата. Кољо влезе во куќата, а Минка потскокна уплашена.
„Скриј го шишенцето“, и рече на ќерка си. „Да не го види татко ти.“
Цвета го пикна шишенцето во пазувите и тешко воздивна. Мајка и го слушна гласот на Кољо којшто ја повикуваше и излезе од одајата. Невестата остана сама. Отиде до огледалото и се погледна во него.Убава беше и без тие облеки. Уште малку и ќе ја направат невеста, а потоа, кога ќе го извади невестинското руво од себе, таа ќе биде Сајбиевата снаа. Ги стегна забите за да не се расплаче. И не, не и се плачеше толку што ќе биде омажена, туку затоа што детството веќе и заминува и сега на неа ќе се гледа поинаку. Ќе треба да води куќа и да се грижи за маѓот.
Веќе нема да има седенки. Веќе нема да оди да пее со нејзините пријателки и да игра ора крај запалениот оган на плоштадот.Момчињата веќе нема да ја загледуваат. Ами Стојан? Ах, и тој веќе немаше да ја гледа со тој негов поглед! Толку многу насмевки Цвета му испраќаше, парче од косата му даваше него пред сите ергени во селото. Но, откако разбра дека ќе ја дадат за Сајбиевиот син, очите на Стојан веќе не ја видоа. Ја мразеше ли, се прашуваше таа. Сигурно си мислеше дека мајка и и татко и одамна ја биле ветиле за Сајбијата, па сега тој да оди да си игра напразно со своето вљубено срце …
Цвета ја стави раката во пазувата. Почувствува студенило таму каде што беше шишенцето со отровот. Тука беше решението на нејзиниот проблем. Тоа ќе ја ослободеше од маките што ги трпи и од оние што и се задаваа на нејзиниот пат. И не, не беше способна да му го даде на својот маж отровот да го испие. Тој пак, за што беше виновен тој? Татко и ја беше дал доброволно, а тој се согласил да се ожени за неа. Затоа Цвета се мислеше дали тој воопшто да ја испие таа смртоносна голтка и се така да се заврши. Ете, во свадбено руво ќе ја земат, во нејзината одаја каде што си го поминала целото детство. И ќе си замине од овој свет недопрена, непорочна. Слободна.
Од горната страна на маалото зачукаа тапани. Се собираа соседите пред куќата на Караславови и веќе почнуваа да се вијат ора. Од кај баирот се задаваше свадбениот бајрак со сватовите. Веселиот џагор се носеше наоколу, а срцата на Кољо и на Минка беа свиснати од мака.
„Цвето! Цвето!“, викаше мајка и влегувајќи во нејзината одаја. „Цвето, идат!“
„Гу слушам!“, одговори невестата ѕиркајќи од зад завесата. „Готова сум.“
„Не заборавај што ти дадов, Цвето“, и ја стисна раката мајка и. „Ти самата реши што ќе правиш.“
Цвета кимна и повторно погледна низ прозорецот.
Кољо и Минка излегоа на вратата за да ги дочекаат гостите. Музиката ги заглушуваше гласовите на селаните и ги поттикнуваше да играат. Најнапред на процесијата беше тој – Сајбиевиот син, младоженецот. Се викаше Лозан. Беше висок, силен како карпа. Облечен во свадбена носија и со црвена капа на главата накитена со шимшир и пауново перо. Од под тенкиот мустаќ му се рашируваше насмевка.
Во десната рака ги држеше уздите на коњ бел како снег кој одеше бавно следејќи го неговото тепмо. На грбот од животното седеше свекрвата – Сајбијката Гена. Таа беше на возраст од скоро седумдесет години и нозете воопшто не ја држеа. Додека да го натрупаат богатството со нејзиниот маж, таа си го изгуби здравјето по нивите и по шталите. Затоа сега толку тешко се движеше. Она што сите го забележаа и не го одобруваа, беше дека таа се беше облекла во црно, од главата до петиците. Вистина е, таа ги жалеше својот маж и првородениот син, но денеска беше свадбата на Лозан, па не беше добро да биде облечена во црно. Но, таа знаеше што прави и никој не можеше да ја разубеди.
„Добродошла, сваќе!“, и се обрати со наместена насмевка Кољо.
„Добро ве најдов сватови!“, рече Гена. „Дојдовме тука да ви ја земеме невестата.“
„А, ќе ја видиме таа работа“, се насмеа Кољо. „ Еве тука имам една невестинска обувка, па ајде да видам колку пари ќе се соберат во неа.“
Лозан пристапи напред со самоуверена насмевка. Извади пари од пазувата и почна да ги става во обувката, толку колку што можеше да собере во неа. Скоро ја имаше наполнато кога Кољо му даде знак да престане. Сите почнаа да ракоплескаат, а оркестарот повторно засвири кога домаќините ги поканија свадбарите да влезат во куќата. Лозан и помогна на мајка си да се симне од коњот и ја натера да се потпре на него за да можат да го преминат прагот на Караславови.
Во дворот беше подготвена трпеза. Гостите можеа да се послужат, додека Лозан, мајка му и нивните најблиски влегоа во куќата за да ја земат невестата. Цвета ја изнесоа на раце со црвен вел на лицето. Таа повремено си ги сокриваше тажните очи, па така народот мислеше дека е таа многу среќна. Ја качија во една кочија заедно со Лозан. Зад кочијата влечена од два коња одеше целата врвулица од народ кон селската црква. А музиката не запираше и не запираше додека невестинското срце се кинеше од мака.
Лозан се престраши и ја допре белата рачичка на својата млада невеста. Таа му се причини толку студена што повторно му стана незгодно.
„Студена си. И трепериш“, и рече тивко на увото.
„Незгодно ми е.“
„Од што? Од мене ли?“
„Не. Толку многу народ дошол заради нас.“
„Наскоро се ќе заврши. Тоа е само еден ден. После сето ова ќе останеме само ние двајцата“, се насмевнуваше тој.
А под велот, Цвета си ги поткасна усните од страв. И за тоа мислеше толку долго. Ја плашеше мислата дека ќе остане сама со Лозан. Не знаеше што да прави. Не знаеше ништо за тоа што се очекуваше од неа. Повторно се сети на шишенцето во пазувата и на зборовите на мајка си. И требаше само храброст за да го направи она што требаше да го направи.
Венчавката помина, а потоа сите дојдоа на полјаната каде што од изутрина се прошетуваа жени за да готват и да ја подготват долагата тепеза. Беше покането целото село на свадбата и мораше да има многу храна. Младоженците беа ставени на највидното место, а покрај нив нивните роднини и пријатели. Цвета изгледаше безволна, ни еден залак в уста не беше ставила. А Лозан се смееше и наздравуваше за сите да видат колку беше среќен. Минка и Кољо отстрана ја гледаа својата ќерка. Од мака, Кољо се налеваше со ракии, така што жена му почна да го кара дека многу брзо ќе се испијани. Но, тој не сакаше да чуе што му зборуваше таа. Тешко му беше на душата и затоа сакаше малку да му олесни од ракијата. Свекрвата Гена, пак, се радуваше на среќата на својот син. Во нејзиниот живот и останал само тој. Молеше да и дојде снаа, па малку да и се заубави животот.
Требаше да бидат направени сите ритуали на свадбата. Лозан и Цвета го скршија лебот над своите глави, така што поголемото парче остана кај него. После Гена пред нозете на невестата стави лонче со вода во коешто пливаа бели и цврни каранфили. Невестата го турна со ногата и цветчето коешто беше најблиску до неа беше црвено – значеше дека првата рожба ќе им биде машка. Останатие часови поминаа во песни и танци Младото семејство доби безброј подароци и благослови. Досега немало во селото таква раскошна свадба. Народот после тоа многу долго ќе зборува за неа.
Лозан на раце ја пренесе својата млада невеста во новата куќа. Ќе живеат во татковиот дом. Тоа беше голем имот, на два ката. Дворот се ширеше дури до шумата. Имаше засадени зеленчуци и овошни дрвја кои преку летото даваа многу плодови. Во една доградба лево блееја овци, а кокошките насекаде потскокнуваа. На тремот пред куќата имаше миндер покриен со црвен ќилим. Понекогаш, во топлите августовски вечери, Гена многу сакаше да спие таму.
Нозете на Цвета го допреа подот на главната соба со огништето. По целото тело ја полазаа трпки. Беше уплашена. Не знаеше дали некогаш ќе се навикне да живее тука. Тоа беше голема куќа, но студена, мрачна. Како да е создаден за во неа да живее многу челад, но во неа живееја само Лозан и неговата мајка. Тука имаше миндер, мала софричка и еден чекрк до ѕидот. Во дното се гледаше врата која водеше до одајата на старата.
„Студено ли ти е?“, нежно ја праша Лозан. „Да запалам ли оган?“
„Не, добро ми е.“
„Ние ќе живееме на вториот кат, а мајка си спие овде. Ете, онде се скалите.“ Тој покажа кон стрмните дрвени скали кои водеа нагоре.
Цвета зачекори бавно по ќилимот до скалите. Се качи по нив слушајќи го различното крцкање на секој свој чекор. Горе имаше ходник и две соби. Подот беше обоен во црно, а ѕидовите – варосани во снежно бела боја. Мирисаше на дрво и на сушени миродии затоа што од таванот висеа билки кои Гена ги употребуваше за гозбите. Лозан ја отвори вратата од одајата. Влезе прв и ја запали газиената ламба за невестата да влезе на светло. Внатре имаше голем кревет, ковчег и девен креденец висок до таванот. Зад раширените завеси се гледаше широк прозорец низ кој Цвета си замислуваше како ја будат сончевите зраци.
Лозан ја пружи раката кон неа. Таа се двоумеше , но на крајот му ја подаде својата рака.Тој нежно ја повлече внатре и ја затвори вратата. Со срце силно расчукано невестата седна врз ќилимот и почувствува како целиот свет и се завртува од голема непријатност. Лозан застана пред неа. Со насмевка и го подигна велот кој целиот ден ги беше сокривал заматените очи. На светлината од ламбата невестата му се чинеше поубава од секогаш. Со дланката од раката и го погали образот. Неговата груба кожа остави црвени траги по нејзиниот бел и нежен образ.
„Колку си убава“, рече Лозан и посака да и го бакне лицето, а таа си го помести лицето настрана.
„Ми се пие малку вино. Има ли?“, праша таа. „Денес од незгодно не сум ставила ни залак в уста, ниту пак една голтка.“
„Вино ли ти се пие?“, се изненади Лозан.
„Никогаш не сум пиела вино. Татко ми не ми даваше. Но, сега нели веќе не сум кај него …“ се обиде да се насмее Цвета.
„И јас ќе се напијам вино. Сега ќе донесам.“ Лизан брзо излета од собата.
Цвета остана неподвижна на своето место. Ги беше скрстила рацете, а во нив го стискаше шишенцето со отров што и го даде мајка и.
По малку Лозан се врати со бинлак црвено вино и со две чаши. И налеа прво на невестата, а после себеси. И подаде една чаша и ги кренаа чашите за здравица. Тој веќе беше испил толку ракии на свеченоста што му требаше само малку да му се завртиво главата. Веднаш ја испи чашата. Цвета исто така се натера да ја испие својата чаша. После стана од креветот.
„Ајде уште по една чаша. Јас ќе турам“, се насмеа таа.
Ја зеде чашата од ковчегот и повторно наполни вино за себеси и за Лозан. Пред да му ја даде неговата чаша, го отвори шишенцето со отровот и запирајќи го здивот почна да ја истура содржината во виното без тој да ја види. Лозан ја тргна за фустанот со палав израз на лицето. Како да сакаше да и каже дека е тој веќе подготвен за нивната прва вечер како младенци. Цвета се потресе од тој гест и го испушти шишенцето на подот. Отровот се разлеа.
„Што е тоа?“, Лозан се исправи како попарен од креветот. Се наведна да го земе шишенцето, а Цвета го гледаше преплашено. Тој ја помириса течноста и не почувствува никаков мирис. Стави капка на прстот и ја лижна. Се намурти од горчливиот вкус и плукна настрана. – „Отров? Сакаше да ме убиеш?“ – гледаше зачуден кон својата невеста.
Таа молчеше. Брадичката и трепереше. Од очите почнаа да и капат солзи. На Лозан тоа му беше доволно за да разбере дека претпоставките му беа точни. Го фрли шишенцето на подот и ја зграпчи Цвета за половината. Ја фрли врз ќилимот на креветот и се качи врз неа. Таа направи неуспешни обиди да го оттргне од неа, но тој беше силен и здрав маж.
„Немој, те молам! Не сакам!“, липаше таа под него.
Но тој не сакаше да чуе ниту за миг, Ја стави раката врз нејзината уста без да се заинтересира за солзите ја направи своја жена.
2.
Минка цела ноќ не можеше да заспие. Во ушите се уште и удираа звуците од тапанот. Толку беше уморна кога се прибраа со Кољо што веднаш се струполија на креветот за да се одморат. Но, сонот не и доаѓаше. Се вртеше де налево, де надесно. Полната месечина доаѓаше низ прозорецот до неа и и блескаше во уморните очи. А од другата страна Кољо, колку и да беше пијан, исто така не можеше да заспие. Таа го слушаше како воздивнуваше и како одвреме навреме поткашлуваше. Најпосле тој стана и тргна кон вратата.
„Каде одиш, бе, Кољо?“, се поткрена Минка за да го праша.
„Не можам да спиам. Ќе одам надвор.“
„Ела, легни си овде. Ако не спиеме, ќе се одмориме.“
„Не можам, Минке. Ме фаќа с’клет. Ти лежи си.“
И без да дочека уште некој збор од жена си, тој излезе од одајата. Минка повторно легна. Но, овојпат друго ја вознемируваше.На дрвото пред куќата застанала кукавица и силно закука. Срцето на Караславовица се свитка како топка. Дали Цвета го отру Лозана? Утре наутро сакаше да разбере. За миг зажали што и го даде шишенцето. Се прашуваше што и требало да се меша во тие работи. Сепак, жените никогаш немале право на своја волја. Се мажите одлучувале што ќе се случува со нив. А штом Кољо одлучил да ја мажи Цвета, така требаше да биде. А сега пак, ако таа веќе го убила, нема ли луѓето да се сомневаат дека тука не е чиста работата? Кукавицата си отиде дури на разденување. Тогаш Минка можеше малку да дремне.
Некој зачука на вратата. Караславовица скокна уплашена и се загледа во одајата. Си рече дека можеби и се присторило, но после некој пак почна да чука. Го слушна гласот кој викаше:
„Чичко Кољо! Тетка Минке! Чичко Кољо!“
Таа стана од креветот и брзо се облече. Се чудеше каде отишол нејзиниот Кољо што не ја отвора вратата. На прагот од куќата беше дошол Киро, петнаесетгодишно детиште коешто живееше до Сајбиевите.
„Кај си тргнал вака рано, бе, Кириле?“, го искара Минка триејќи си ги очите.
„Тетка Гена, Сајбијката ме испрати да ве викнам. За крвта на младоженците.“
„А, да …“, се замисли таа. „Ама тие уште не станале?“
„Е па не. Ама ако уште се мавтаме овде, ќе задоцните.“
„Чекај да видам каде се напикал чичко ти Кољо“, му рече Минка и започна да вика:„ Кољо! Кољо! Каде си бе, Кољо?“
Минка ја пребара целата куќа, но не го најде мажа си. Излезе во дворот и почна таму да го извикува името на Караславови. И Киро почна да го бара затоа што времето минуваше, а Сајбијката ги чекаше. Минка провери и во шталите затоа што си помисли дека можеби Кољо отишол да чисти и да ги нахрани животните. Но, го немаше. Добитокот беше гладен, а од мажот и ни трага ни глас. Отиде да види во плевната затоа што ожеби отишол да го подготви сеното и кога ја отвори вратата Минка замрзна. Ужасната спиште што се слушна дури и до небесата. Ја стави раката на устата, а очите и беа ококорени како да сакаа да и излезат од очните дупки. Киро брзо притрча до неа и што ќе види – Кољо висеше на една греда, си го ставил јажето на вратот и се нишаше напред назад. Момчето се уплаши и избега оттаму викајќи по патот:
„Чичко Кољо се обесил! Чичко Кољо се обесил!“
Кривејќи, Гена успеа да ги искачи скалите и да стигне до вториот кат на куќата. Застана пред вратата на одајата од младоженците и почука со бастунот. Почека малку, а пото зачука уште еднаш. Најпосле се покажа Лозан, гол до половина.
„Што си се растропала толку рано, мајко?“, запраша тој триејќи си ги очите заради мамурлукот.
„Невестата уште ли спие“, тивко проговори Гена.
„Спие, спие. За што е работата?“
„Синоќа татко и се обесил.“
Цвета лежеше настрана на креветот врз пресушените свои солзи. Кога слушна што кажа свекрва и, веднаш скокна и отиде до вратата.
„Што се случило со тато?“
„Ох, чедо … Се обесил.“
Цвета се потпре на ѕидот затоа што за ќе се срушеше на земјата. Тоа силно и го сви срцето како да сакаше да ја погуби. Лицето и се обли со солзи и таа нададе страшен вик. Лозан ја прегрна, а за тоа време старата ѕирна во одајата. Виде дека на креветот беше оставено невестинското руво на невестата. На белата боја можеше да се види крвава дамка. Гена погледна кон сина си и му кимна одобрувачки.
(Озвадок од истоимениот роман)
Превод од бугарски јазик:
Сашо Огненовски
Бојан Боев е роден на 21 март 1993 година во Јамбол, Бугарија. Уште од рана возраст, уметноста го придружуваше во животот - прво музика, а потоа и литература. Завршил економија. Во моментот живее и работи во градот Бургас. Пишувал уште од школските години, а неговиот прв објавен расказ се вика „Темна вечер“ и е дел од литературниот алманах „Изгрејсонце над Тунџа“ (2009). Со текот на годините тој не престана да создава, да учествува на разни литературни конкурси, да објавува дела во антологии, веб-страници и во неговиот личен блог - www.boyanboev.blogspot.com Во 2017 година, неговиот материјал беше објавен во учебник по литература за 6 одделение. ед. „Образование“ одобрено од Министерството за образование и наука за учебната 2017/2018 година. Со текот на годините, тој експериментираше со дела од различни жанрови, пишувајќи поезија, детски приказни, криминални приказни, срцепарателни приказни за вистински случаи, сè додека не дојде во стилот на Јордан Јовков и Елин Пелин. Духот на оваа мината ера го носи и неговиот прв објавен роман „Сајбиевата невеста“.