Јас сум само човек
кому бог му дал дупка меѓу нозете
од каде дојдовте и вие
Сите жени во мене се уморни
сите спомени во мене се уморни
Сакам да заспијам и да ги затворам очите
Сакам моето тело да го напушти креветот, а креветот да излезе од собата
Сакам собата да излезе од дома
Јас сум супермасивна дупка
4 милиони сонца се во мене
горење… желба… копнеж…
бебињата плачат
масивната ѕвезда умира
во мене – мојата ѕвезда умира
Универзумот е во моето тело
спомените се постари од мене
и веќе родив многу истории
Жена како мене, жена како тебе
Купив нова машина за перење, старата е расипана
Кога ќе ја вклучам, палам цигара, седам пред неа и гледам
како се тркалаат моите детски алишта
Мојата судбина, камен што се тркала!
Метафората за вкусно сочно овошје го замени името на дупката
значењата се префрлија од „нештото“, „појасот“, „црниот срам“
до праската, јагодата, грозјето, авокадото
Страстното овошје и килибарната роза
Жена како мене, жена како тебе
Има одговори на сите прашања во нејзиното тело,
секое растојание е крај кој се однесува на мене – тоа сум јас
Го земам кафето, го пијам полека
Палам цигара и си играм со нејзиниот чад
Пет туберози
Пет арапски јасмини
Пет цветови од портокал и пет бугарски рози
Некои бадеми, зрна кафе, бергамот и лимон
Какао, ванила, пралина, сандалово дрво, килибар, мошус, кашмир дрво
Цимет и кедар
Мириса на килибарни цвеќиња
Тоа сум јас
Сите жени во мене ги нема
Останувам само јас
Дупка во сонцето, дупка во ѕидот
црна дупка во универзумот
Гравитација, светлина, не можам да излезам од моето Јас
Стиснат во мал простор
во мене умира ѕвезда
Дупка во моето тело, Крв во мојата дупка, Крв во моите гаќи
се јавува мојата Црна дупка
Сите жени во мене ги нема
Останувам само јас
Сакам да сечкам.
Сечкам, сечкам и го ставам палецот во пулпата од зрели домати
и под лизгавата кожа на пилешките гради
Ги посипувам прстите со масло и билки
од маринираните парчиња месо
Се сеќавам на мирисот на мајка ми, мирисот на лук и кромид
но… повеќе сакам отомански зачини
Додека го вкусувам и мешам, ја тресам лажицата и се смеам,
Ти давам повеќе вино, а потоа те хранам со себе
Врескам, викам и пцујам, коските ми се смачкани, скршени на парчиња,
дупката се отвора и се шири
киретажа, ножици, игла, докторот ја става раката во мене
Тој копа и длаби
За волја на Бога! О Боже!
Не ме оставај!
Моите апстрактни рабови, крајната жртва
Ти ја пролевам мојата крв
ти оживеа, јас умирам
Жена како тебе, жена како мене
Сите жени во мене ги нема
тоа сум само јас
Утробата и Гробот се во мене
Телото е мојот дом
Црн фустан, бел фустан
Сјајот на фустанот, розови рози
Господи, „дај ни ја денес нашата секојдневна поезија“
…
Експлодирам во брилијантен излив на светлина
Јас сум остаток од моќна и светла ѕвезда
Дали сум мртва ѕвезда?
Мајката на децата
Жената
Девојката
Поетесата?
Имам траги и лузни по целото тело
Моите гени лежат во други тела
Јас сум
Жената во црн фустан
Онаа што ги крева скалите на шепотниот ветер
Сонцето ја игра својата игра одново и одново
Сè помина
Погледнете се во огледало и видете ја вистината што се крие во вас
Почувствувајте го, исто како што чувствувате студ и глад
Како нешто сеприсутно
Тоа сум јас.
Превод од албански на англиски јазик: Ќерим Ондоци
Превод од англиски јазик: Билјана Китановска
Од поетската книга „Вреќи“, 2021
БЛЕРИНА РОГОВА ГАЏА (1982), поетеса, есеистка, новинарка и литературна истражувачка. Дипломирала на универзитетот во Приштина и докторирала на науката за литературата. Објавила четири поетски збирки: Горгона, Кејт, Таа доаѓа од исток и Таса, како и студијата Форма на прозата кај Кадаре. Добитничка е на нагадата за литература Кристал Вленица во Словенија и Националната книжевна награда за најдобра поетска книга на Косово. Остварила резиденции во Виена, Сплит и Ново место, а била учесник и на повеќе книжевни фестивали низ Европа.