Elementi Logo

KРАТКИ РАСКАЗИ „ДОБРЕДОЈДОВТЕ“

Backgorund

UGLY

Не само јас, сите стоиме и чекаме на пешачкиот премин. Вжарените автомобили лазат како капки пот по смекнатата кора на улицата. Пладневното сонце ништо не засенува, сè е во жариштето.

Зад грбот слушам I liked Tripled Bridge and those statues on Butcher’s Bridge.

Се придружува другиот глас Yeah, they’re monumental. But, the girls here are really ugly.

Се погледнувам значајно со девојката што стои покрај мене. Ниедна од нас не се завртува позади за да го погледне туристот.

Ќе се збуневме уште повеќе ако тие двајца сенасмеаја на положбата во која не ставиле. Наидува автобус, кочниците зачкрипуваат и тој застанува како мускул во грч. Патниците зјапаат во нас и се чини дека ја слушнале забелешката, па се насладуваат од нашата нелагодност.

Си ги одмеруваме лицата, телата, не сме сопернички, се огледуваме. Не можеме да си кажеме добро изгледаш. Нејзиното лице натежнало со мрсна шминка, додека јас на своето носам мозолки, испукана капилара и влакна кои штрчат над усните. Си помислувам, колку непријатно би се чувствувала во нејзините алиштенца со кои ја имитира излупената кожа на скоро изумрениот афрички предатор. Можеби и неа ѝ паѓа истото на ум, во мојата тренирка дома не би излегла ни да го изнесе ѓубрето. Не  можеме да ги пронајдеме вистинските изрази на лицата, ниту да се изразиме една кон друга. А тој случаен настан не поврзува. Автобусот си заминува, лименото ткиво зацвичува и го испушта жешкиот ауспух. Морам нешто данаправам, и намигнувам и таа се насмевнува. Немаме ништо заедничко, само тој познат град во којшто живееме со други uglyдомашни девојки. Не е важно која од нас колку се труди или ѝ е сеедно, не можеме да се натпреваруваме со љубљанските споменици.

Таа вели, се надевам дека некој ќе ги украде.

На семафорот се запали зеленото светло.

ДОПИР

На шпанската плажа на Zahara de los Atunes во близина на Кадиз лежат исончани капачи од сите возрасти. Одеднаш некои од нив се потпираат на лактите, другите седнуваат, третите стануваат со очите вперени во морето. Низ брегот се шири вознемиреноста, како да забележале широка нафтена дамка која незапирливо се приближува кон нивните тела и телата на нивните блиски. Чувствуваат дека се облечени преоскудно и неподготвени, а тоа во тој момент не е важно затоа што ќе мораат да сторат нешто. Со оглед на тоа што она што доаѓа во бранови не е нафта, ниту куп расцветани алги што пливаат ниту пак мноштво месечеви медузи, туку нешто што на туристите по обликот и по структурата им е блиско. Тоа што им се приближува трепери како невидливо, непознато привидение.Капачите со дланките си ги тријат очите, ги извлекуваат телефоните за да ја снимат нечуената појава. На видикот има усидрени едрилици со француски и германски знаменца. На хоризонтот сложно патуваат крстариците и сонцето. Но сепак, на видикот испловило тоа нешто кое исфрли сè од рамнотежа. Тоа што се појавува, се зголемува, се крева и се спушта на брановите, се придвижува напред, доаѓа, се приближува кон брегот и кон сите на него. Тука не е можно ништо да се направи. Можно е да се занеми, да се укочи во неподвижност, додека меѓу лежалките, душеците на напомпување, потпирките на склопување, ракавиците за пливање, подвижните фрижидерчиња на туристите да протрча серија нозе која во својот трк создава мали експлозии од песок. Птиците и прстите се зариваат во меката песочна плажа, а нивните отисоци се мешаат со трагите на останатите. Така, како водените стапала да продреле од друга стварност да стигнале и предзвикале пресек од непредвидливи размери. Како копното од јужниот брег да заринкало на северната страна, а привидите да се претвориле во материјални тела.

Капачите ќе ги покажуваат снимките од телефоните, ќе даваат изјави за тоа како странците не обраќале внимание на нив. Зад себе оставија само гумен чамец на надување кој недолжно плови во плиткото до доаѓањето на полицијата.

ГЕРМАНЦИ

На островот сепреправаме дека не сме туристи. А изгледот ни е таков, светол тен и исончани, сите домаќини ни се обраќаат на германски. Дури и кога ќе ги опомениме дека го знаеме нивниот јазик, дека сме скоро нивни, тие сепак се збунуваат.

На масите прислушкуваме што зборуваат германските туристи за политиката, па посматраме што пресекуваат во чиниите. Има нешто бедно во нашето однесување.

На домаќините што послужуваат, растојанијата меѓу нашите маси се еднакви, не можеме да ги измамиме.

(Од збирката кратки раскази „Добредојдовте“)

Превод од словенечки на хрватски: Ромео Михаљевиќ

Превод од хрватски: Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Весна Лемаиќ

Автор на фотографија - Марко Голија ВЕСНА ЛЕМАИЌ (1981), димпломрала компаративна книжевност. Ги напишала книгите: Популарни раскази, романите Депонија и Кокошка и птици и збирката кратки раскази Добредојдовте. За Радио Словенија ја напишала радиодрамата Патник. Еден нејзин краток расказ е поместен во антологијата Најдобра Европска фикција. За своето творештво е добитничка на неколку награди. Повеќе од пет година учествува и е во организација на книжевно-музичкиот фестивал Жива книжевност во Љубљана. Весна верува во солидарнста, Grass-roots движењата, борбата против односто на моќта и е секогаш во лов по нови идеи.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ