Elementi Logo

Backgorund

НА ПОЛНОЌ

На полноќ
поспаноста лебди
меѓу навиката и посакувањето,
гравитацијата тежи на вратот,
а мигот заспива по инерција
за да ја оживее урнатината на сонот.

На полноќ
си облекуваат пижами
сите драми од денот,
воздишките бројат ѕвезди,
а часовникот од мобилниот телефон
го ресетира својот круг на животот.

Во средиштето на мојот видокруг
ја збирам месечината во капка вода
за да го исплакнам лицето на сонцето
кое дреме под крилцата на вљубените гугутки
кои спијат прегрнати на врвот од врбата
пред прозорецот од мојата спална соба.

На полноќ
молкот во немоќ заспива
во наборите на отпечатокот од образот
втиснат како сув жиг
во маргините на перницата
која во полусон го запишува
последниот ред од колумната на денот.

ПРЕЛУДИУМ

Ненајавени ветришта
ја тревожат терасата
на скршеното спиење.
Незаспаните планови
од густиот растер на обврските
ги тријат очите полни со вжарени солзи.
Ги затворивме прозорците
на нашата безбедност
за да му отвориме врата на осамата.
Надуениот балон на неспокојот
го достигна своето извишување.
Драмата на стравот
изведува прелудиум
за ураганот на заборавот.

ЗА АВТОРОТ

ВЕСНА МУНДИШЕВСКА-ВЕЛЈАНОВСКА

ВЕСНА МУНДИШЕВСКА-ВЕЛЈАНОВСКА (1973), македонска поетеса. Авторка е на 13 книги поезија, 2 книги со критичко-есеистички текстови и коавторка на книга со песни за деца. Уредник е на списанието за култура – книжевност, драмска уметност, филм и издаваштво – „Современи дијалози“ чиј издавач е Македонското научно друштво – Битола. Била претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток“ – Битола и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола, како и секретар на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“. Добитник е на наградата „Караманов“ за книгата „Вибрации на духот“ (2007), наградата на ДПМ за најдобра песна на манифестацијата „Празник на липите“ (2016), наградата на Македонското научно друштво (МНД) за научно-образовен придонес (2018), наградата „Книжевен круг за книжевна критика“ (2020) за книгата „Профили“ и др.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ