1
МЕДЕН МЕСЕЦ ВО ТРОПСКИ РАЈ. Кога Вилма го прочита овој слоган во каталогот на туристичката агенција, што Здењек го имаше обележано со розова самолеплива лента со логото на неговата фирма, ширум ја отвори устата, ги ококори очите и ги подигна високо веѓите. Добро знаеше дека природно убавите жени, за каква со право се сметаше и себеси, не мора да се плашат од многу изразна мимика. Уште во својата рана младост таа откри дека гримасата не само што не може да ѝ наштети на вистинската убавина туку, напротив, може да ја збогати со нови, неочекувани нијанси. Задоволниот поглед на Здењек повторно ѝ ја потврди оваа претпоставка. Се разбира дека малку претера, но тоа го стори со добра намера, поради него. Навистина се израдува, но не баш толку силно, туку малку повоздржано, поколебливо, повнимателно.
Првиот ден по слетувањето во рајот, најверојатно поради временската разлика, Вилма се почувствува изморено и необично тешко, дури може да се рече дека, и покрај сиот псевдоколонијален луксуз, жолтите и црвените птици, кокосовите палми и белиот песок (што го носеа од Африка), таа беше разочарана, но откако се аклиматизира, се наспа доволно и почна да се ориентира во хотелскиот комплекс, ситуацијата брзо се подобри. Наутро одеа со Здењек да трчаат по пустата плажа, потоа заедно се тушираа и долго појадуваа на терасата на предната страна на хотелскиот ресторан, која се протегаше сѐ до морето и со својата заоблена форма, алуминиумската ограда и подот од облагородено дрво забележливо потсетуваше на клун на голем брод (несомнено во согласност со идејата на архитектот); нормално, сите сакаа да седат на масите во тој дел. Секој ден во девет часот Здењек го отвораше својот ноутбук на терасата на бунгаловот, се вклучуваше на интернет и почнуваше да им дава задачи, да ги преслушува и да ги фали своите четириесет и двајца вработени.
„Кога за некој час ќе дојдат на работа, мејлот ќе ги чека“, ѝ велеше.
Така Вилма имаше цел час, а понекогаш и два часа само за себе. Обично, на некоја лежалка под палмите што ја обрабуваа плажата пишуваше долги СМС-пораки до своите пријатели во Прага и потоа си нарачуваше кафе и кампари со џус и читаше (имаше искуство со такво мрзливо безделничење, минатото лето дипломираше и уште не беше почнала да работи). Понекогаш, пак, ја оставаше книгата или телефонот и преку затемнетите очила дискретно ги набљудуваше другите гости. Лицето ѝ беше необично сериозно. На моменти се чувствуваше како актерка. Додека беше со Здењек никогаш не ја напушташе својата улога и доследно глумеше среќа во рајот – но секогаш кога претставата ќе завршеше и таа ќе останеше сама, нејзините сомнежи повторно избиваа на површина. Всушност, работата беше банална: тој ѝ се допаѓаше, но не го сакаше. А веќе се омажи за него. И затоа себеси си изгледаше неблагодарна, разгалена и хистерична. Секоја друга жена би дала сѐ за такво момче! Таа реченица ја слушаше секогаш кога ќе се обидеше да им се довери на своите најблиски пријателки.
Пред ручек по еден час се сончаа и пливаа во морето, а потоа следуваше сиеста (која нормално немаше никаква врска со одмор), а попладне најчесто земаа такси и одеа на излет во околината: кај водопадите, до ботаничката градина или до трговскиот центар.
Четвртиот ден изнајмија моторен чамец, кој рано изутрината ги однесе на отворено море, на местото каде што појадуваат делфините, како што тврдеше младиот водич со темен тен. За Вилма беше мистерија како го препознаваат тоа место. Водичот го исклучи моторот. Синиот чамец се заниша на брановите. Здењек разгледуваше на сите страни и постојано ја удираше Вилма со лакотот или со рамото. Таа се приближи поблиску до него. Чекањето ѝ изгледаше бесмислено.
„If you are lucky people, they are here“, ја прекина тишината водичот и се насмевна.
„Во тој случај ќе ги видиме“, возврати Здењек со непоколеблива сигурност и по којзнае кој пат тоа утро ја бакна Вилма. За него љубовта е нешто како управување со човечки ресурси, си помисли. Да се сака значи да се има тимски дух. Таа е неговиот омилен вработен. Најголема емоционална инвестиција во историјата на фирмата. Ова не е меден месец, туку тимбилдинг. Самата чувствуваше дека е неправедна кон него. Од делфините немаше ни трага, ни глас. Вилма можеше да се обложи дека станува збор за измама.
„Добро си?“ сакаше да знае Здењек.
Таа кимна и го погали. Кога погледна во бесконечната празна благо разбранувана површина на океанот, воопшто не веруваше дека би можела да забележи некакви делфини, така што кога во следниот миг тие навистина изнурнаа – толку вистински, толку реални – од неа избувна детски радосно, речиси пискаво изненадување. Тоа беше првпат во своите емоции да биде толку директна и отворена.
2
Уште во првите мигови по пристигнувањето Вилма го забележа тој прекрасен пар (а во следните денови ги слушаше сите во хотелот, без разлика од која националност и да беа, како кога зборуваа за брачната двојка старци, го употребуваа истото клише: What a lovely couple!). Токму кога таа и Здењек одеа на ручек во хотелскиот ресторан, двајцата старци со помош на возачот и две рецепционерки внимателно се симнуваа од зелено-белиот минибус на агенцијата „White Send Tour“ што ги довезе од аеродром. Овие мора да имаат над осумдесет, си помисли Вилма. Дури и толку старите сопружници се држеа за рака, исто како таа и Здењек. Вилма веднаш ги гледаше со тројна надменост: прво, таа беше тука веќе цела седмица и кон сите нови неисончани туристи се однесуваше малку од високо (иако беше свесна за инфантилноста на таквиот пристап); второ, тие беа Чеси, а во странство секогаш држеше априорна иронична дистанца од Чесите и, на крајот, таа беше повеќе од половина столетие помлада од нив. Сепак, мораше да признае дека нивното пристигнување предизвика невидена возбуда на рецепцијата: хотелскиот персонал ги пречека со широки насмевки, во еден случај дури дојде и до прегрнување, а на крајот дојде и самиот директор на хотелот да ги поздрави. Беше очигледно дека тие, за разлика од Вилма и Здењек, не беа тука првпат и исто така беше очигледно дека се омилени. На Вилма ѝ беше јасно дека таа и Здењек се мошне млади, а покрај тоа и прилично убави (ако ја тргнеме лицемерната скромност настрана) за да предизвикуваат единствено симпатии. Кога уште слушна дека обајцата сопружници течно зборуваат француски, првпат помисли дека во ривалството што веднаш почна во нејзината немирна свест, Здењек и таа не мора да испаднат победници.
Секогаш кога ќе налетаа на двајцата старци во текот на следните денови (а тоа се случуваше често, затоа што плажата и целиот хотелски комплекс не беа многу големи), Вилма не можеше да се воздржи а да не ги набљудува внимателно. Набрзо ги дозна сите нивни секојдневни ритуали: тие уште пред појадокот заедно се капеа во морето; тој пливаше со очила за нуркање и ја предупредуваше за секој корал под површината на кој можеше да се гребне. По појадокот пиеја кафе (таа без кофеин) на хотелската тераса, под сенка, и читаа француски весници. Претпладнето го минуваа во бунгаловот (Вилма многу сакаше да знае што точно прават таму), а по дванаесет веќе можеа да се видат како одат кон кружниот покриен бар меѓу базените, каде што пред ручек пиеја по чашка пенливо вино; додека ја совладуваа релативно стрмата угорнина на дрвеното мовче одеа еден зад друг, се придржуваа за оградата и изгледаа некако подгрбавени, но веднаш штом нозете ќе им ја почувствуваа рамната површина на поплочената патека, се фаќаа за рака и повторно чекореа со истата елеганција. Личат на двајца актери од реклама за пензиско осигурување, помисли Вилма. А таа и Здењек, за разлика од нив, како да беа од реклама за станбен кредит. Барменот веќе им мавташе на старите и сервилно им одеше в пресрет. Преостанатите гости гледаа разнежнето во доајените на одморалиштето. Паровите се фаќаа за раце. Стариот рече нешто на француски и сите се насмеаја, дури некој и му ракоплескаше. А сепак, оваа приказна не може да има среќен крај, помисли Вилма, и почувствува некоја нејасна сатисфакција, од која следниот миг се засрами самата пред себеси.
3
Првата заемна конфронтација која и не можеше да се избегне во еден толку мал хотел имаше форма на кратка заедничка средба, при која сонародниците при заминување од ресторанот на нога си разменија неколку клишеа за должината на летот, за заморот од временската разлика, за временската состојба и прогноза. На Вилма, која одлично играше тенис, ѝ беше јасно дека тоа е само загревање. Сѐ уште не беше почнато одбројувањето на резултатот. Обете противнички страни прво имаа потреба од основни информации за да ги откријат слабите страни на соперникот.
„Тука сте со деца?“ праша старицата со дрскост за која сигурно беше свесна.
„Не, не“, одговори Здењек во името на Вилма. „Сѐ уште сме во фаза на меден месец…“
„Меден месец? Можам да се обложам дека некогаш сум го чула овој израз. Што значи тоа, драги?“ му се обрати на сопругот, а се сврте кон Здењек, намигнувајќи двапати забележливо.
„Тоа е јадење. Од компири“, брзо изреагира маж ѝ, со оглед на неговата возраст. „Зар не се сеќаваш на медениот месец со афион? Или со павлака?“
Претеруваат, си помисли Вилма. Изведуваат. Ја претставуваат својата старост како некаква циркуска точка. Можеби на Здењек и на другите хотелски гости им изгледаат шармантно и симпатично, но таа нема намера да им ракоплеска. Се разбира, знаеше дека таа е единствената што од ова прави натпревар и дека тие три безначајни минути над витрината со десерти можеа да поминат сосема мирољубиво, но, накусо, одбиваше да биде губитничка пред елегантната баба.
Следната средба навистина уште од почетокот личеше на натпревар. Вечерта во десет, на сцената во хотелскиот бар настапуваше најдобриот танцов ансамбл на целиот остров, но двајцата сениори од вечера се довлечкаа дури по девет и пол, кога веќе сите места практично беа зафатени, така што останаа да стојат нерешително разгледувајќи наоколу како да се онеправдани. Пред Вилма да може да го запре, Здењек се исправи, им мавна и им покажа дека може да седнат. Чешко дерби, помисли Вилма и направи гримаса, додека Здењек го извлекуваше столчето. Старицата почна прикриено, со саркастичен напад.
„Колку убава двојка!“ рече, откако ги измерка буквално од глава до петици Здењек и Вилма. „Колку убава двојка!“
„Толку убава, дури до болка“, се согласи старецот, спуштајќи го погледот врз длабокото деколте на фустанот на Вилма и со показалецот од десната рака се погали врз мустакот што го немаше, како во некоја аматерска пародија за похотлив хусар. Вилма молчеше.
„Ви благодарам“, се насмеа Здењек.
„Маж ми не го знае Фицџералд“, ги поткрена рамената Вилма. „Успешните бизнисмени не читаат.“
Старицата се обиде да го изедначи резултатот. Замавта со збрчканата рака во знак на неодобрување и ѝ претскажа на Вилма дека ќе имаат прекрасни деца, трескавично ја отвори лачената црна чантичка (за која Вилма помисли дека би одговарала повеќе за балет или за на игранката во операта) и без најава извлече албумче обложено со кожа: три деца, седум внучиња, четири правнуци. Вилма ги прелиста фотографиите со навредлива брзина, го повика келнерот и поентираше со својот беспрекорен англиски изговор. За тоа време Здењек промрмори некои неодредени пофалби на адреса на децата.
Површината на базените меѓу бунгаловите светеше со треперлива синкава светлина, а и палмите и плажата под барот беа осветлени со неколку рефлектори; покрај скалите во темнината гореа факели. Алтернативна романтика, помисли Вилма. Алтернативни конфликти. Френк Синатра предизвика меланхолија кај старицата.
„И јас имам носено ист ваков“, рече замислено, откако вторпат се загледа во фустанот на Вилма. „Пред триесет години, се разбира.“
Пред педесет, ја поправи во мислите Вилма, но потоа ги мобилизира во себе остатоците од смислата за фер-плеј и намерно ја исфрли топката во аут.
„Во Чешка никогаш немав храброст да го облечам“, изјави.
„Ех, во Чешка…“
Разговорот се префрли на државата и политиката и полека дискусијата ја преземаа двајцата мажи: по непотребното внимателно напипување на политичките убедувања (како воопшто да е можно во бар на хотел со пет ѕвездички на Маврициус да седи некој тврдокорен левичар, си помисли Вилма) тие брзо се препознаа како истомисленици, кои не се воздржуваа да ги пцујат чешките социјалдемократи. Старицата по некое време се навали кон Вилма, ја фати за рака и цврсто ја стегна.
„Вие секако ќе имате прекрасни деца“, ѝ шепоти гласно.
Вилма знае дека Здењек слуша.
„Можеби. Да се надеваме.“
„Работиме на тоа со полна пареа.“
Скриената вулгарност на формулацијата на Здењек ја изиритира Вилма. Нема ли сега подробно да им опише како изгледа тоа со полна пареа? Повторно се убеди дека му недостига вистинска благородност. За жал, благородноста не е нешто што може да се создаде преку ноќ едноставно како што се отвора фирма. Благородноста се наследува – само што тој нема од кого да ја наследи. Старецот, за чудо, се насмеа задоволно и пак изгледаше речиси ласцивно. Старицата лесно ги поткрена речиси соголените веѓи и го потапка мажот по раката. На Вилма ѝ се стори дека во тој едноставен гест имаше и воздржано несогласување и великодушна надменост и благонаклоност. Се сети на книгата што ја читаше неодамна: Аристократка е жена која нема да се впушти во вулгарност, дури и кога сѐ наоколу е опфатено од неа.
„Тука сме среќни“, изјави аристократката.
Звучеше едноставно и вистинито.
„А, вие, среќна ли сте тука?“ ѝ се обрати на Вилма.
Се разбира, Вилма мораше да биде подготвена на вакви прашања заради Здењек.
Покажувајќи со два прста кон блескавиот бел песок на плажата во кој благодарение на рефлекторите можеше да се види секое камче и секоја школка, таа рече: „Ако човек тука не е среќен, тогаш каде би бил?“
Старицата кимна со главата, но не го тргна погледот од неа. Вилма знаеше дека не ја убеди.
Па, двосмислено додаде: „Ако тука се пожалам, тоа би било богохулење“.
Старата дама се замисли.
„Дојдете некое претпладне кај мене, додека мажите работат“, ѝ предложи на Вилма.
4
Следниот ден, го сретна старецот сам: одеше кон фитнес-центарот каде што, како што подоцна дозна Вилма со кус поглед однадвор, со самоиронична насмевка креваше лесни розови тегови за дамски аеробик.
Обајцата беа свесни дека не може да се разминат без збор. Вилма љубезно го праша како е неговата сопруга.
„За жал, денеска не ѝ е добро“, одговори стариот господин.
Одеднаш, без некоја причина, можеби поради неугодност, реши да ѝ каже две анегдоти на Вилма. Првата ѝ беше позната: тоа дека аптеките се „Мекдоналдс“ за пензионерите. Вилма се насмеа љубезно.
„Еве уште една: брачен пар деведесетгодишници сакале да се разведат и отишле во советувалиште. Зошто дури сега?, ги прашал психологот.“ Старецот направи пауза и весело ѝ намигна. Вилма се сепна случајно да не ја испуштила поентата.
„Чекавме да умрат децата.“
Старецот се закикоти на глас. Меѓу вештачките заби имаше влакна од ананас. Вилма одглуми нешто како забавно згрозување, но во суштина тој суров виц ја вознемири. Не беше ли тоа начин на кој овој опаднат старец се обиде да ѝ го претстави необјаснивиот ужас на длабоката возраст? За сето време отворено ја набљудуваше. Вилма, пак, гледаше во црвените цветови хибискус што пловеа на површината на еден од украсните керамички садови (кои персоналот ги менуваше на секои три дена).
„Вие сте толку убава… толку млада!“ рече со воодушевување, како да ја гледа првпат.
Вилма се насмеа непријатно. Стоеше спроти него, исончана, запотена, во минијатурно бело бикини; а тој, како и секогаш, во светли панталони и лежерна ленена кошула со долги ракави. Сака да скрие дека е опаднат, помисли Вилма. Но, лицето не може да го скрие.
„Знаете ли што е младост?“ праша, како да ѝ ги чита мислите.
„Тоа е нов ’мерцедес‘ за секого.“
Вилма кимна со главата. Го разбра што сакаше да каже.
„Но, еден ден секој се буди во половен ’трабант‘. И тоа е сѐ.“
„Староста е постепено губење на сѐ што му дава смисла на животот“, додаде по извесно време.
Вилма направи израз на лицето како некое несреќно девојче (без страв дека можеби не ѝ прилега) и го погали старецот по рамото, намерно допирајќи го со градите.
„Не бидете тажен“, му рече.
„А зошто да е весел?“ си помисли.
5
Ноќта имаше бура. Досега Вилма имаше видено такво тропско невреме само на филм: молњите толку лесно го осветлуваа целиот хоризонт, како да стануваше збор за малечка соба. Во животот немаше слушнато толку интензивни грмежи. Гранките на палмите под бескрајните налети на дождот се виткаа до земјата. Згора на тоа, нешто крупно трчаше бучно по покривот на бунгаловот, веднаш над нивните глави – најверојатно мачки. Здењек се разбуди и сакаше да водат љубов. Вилма се обиде да му ја исполни желбата, но не можеше да се возбуди доволно. За разлика од нив, животинките се пареа како да им е последен пат и на моменти испуштаа звуци како детски плач.
Утрото зад спуштените ролетни повторно ги чекаше ведро небо. Во пепелникот на масичката на терасата имаше вода, а плочките беа покриени со десетици мртви смачкани мушички од непознат вид, но сонцето повторно сјаеше невино, како да не се случило никакво ноќно насилство.
„Што ти е?“ праша Здењек.
Таа одмавна со главата.
„Ништо. Ми се допаѓа тука. Навистина.“
По сѐ изгледа не го убеди, па тој веднаш за истото попладне закажа романтична релаксирачка масажа за вљубени. Но, за време на сиестата се успаа, зашто Вилма не го намести алармот (иако Здењек ѝ потенцираше да го стори тоа), така што таа мораше повремено да трча по патеката до оддалечениот хотелски велнес-центар, за да го стигне брзиот нервозен од на Здењек. Сѐ уште беа мошне далеку од целосно опуштање и духовна хармонија, си помисли таа.
Ни на масажата расположението долго време не ѝ се подобри: ѝ беше непријатно во хартиените гаќички за една употреба, ја нервираше бучењето на вентилаторот на таванот и ветерот, кој со иритирачка правилност удираше во незаврзаните душеци во надворешниот павилјон. Освен тоа, се прашуваше дали можеби не требаше уште еднаш да се истушира, а исто така не беше сигурна дали треба или не треба да ѝ даде бакшиш на масерката. Си беше лута на себе што не може да се ослободи од такви глупости. Дишете полека, длабоко, ја смируваше на правилен англиски ситната Индијка, која го почувствува нејзиниот внатрешен немир. Вилма ја послуша: ги затвори очите, се концентрира на своето дишење и целосно им се предаде на тие вешти прсти, па постепено се опушти. Масажата траеше цели деведесет минути, од кои во текот на втората половина Вилма не забележуваше ништо друго, освен топлите допири на жената со темен тен. Свеста одеднаш ѝ стана чиста: доколку сепак се појавеше некоја вознемирувачка мисла, Вилма ја оставаше да одмине без да направи некаква штета. Кога подоцна масерката силно ѝ ги стегна рацете и ги преплете прстите со нејзините, на Вилма ѝ се насолзија очите, а кога почувствува како тие исти прсти продираат низ нејзината коса и ја галат по главата, таа не можеше да се воздржи и се расплака на глас. Се чинеше дека тоа не ја изненади масерката.
„Боже мили, што се глупираш?“ кисело изреагира Здењек од соседниот кревет.
6
Утредента уште рано ѝ соопшти дека нема да работи тоа претпладне и ѝ предложи да одат да нуркаат кај блискиот корален гребен. Усилбата и помирливоста капеа од него како што капе вода од филтерот на климатизација. Вилма се пожали на главоболка и се смести на својата лежалка под палмите. Здењек без збор си ги зеде перките и маската и отиде на плажа. Вилма си нарача една силна „текила санрајз“ и се обиде со неколку прилично долги СМС-пораки да им го објасни на своите пријателки она што го доживеа претходниот ден на масажа (имаше желба да им телефонира, но во Прага во тој момент уште не беше ни шест часот наутро).
„One more?“ ја праша келнерот, кој помина покрај неа со празни чаши на подавалникот.
„Yes, please.“
Кога се врати Здењек, таа уште пишуваше. Се присили да го остави мобилниот и му се насмевна. Телефонот заѕвони. Вилма погледна на екранот.
„Ќе ти се јавам подоцна“, ѝ рече на својата пријателка.
„Кој беше тоа?“ ја праша Здењек.
Никогаш претходно ја немаше прашано така. Не ѝ се допаѓаше тоа. Не сакаше таков маж. Уште и текилата ѝ беше удрила в глава.
„Љубовникот.“
Здењек го фати мобилниот со два прста и полека го спушти во нејзиниот недопиен коктел. Вилма не се ни помести, само набљудуваше со сериозен израз како апаратот, според некој физички закон чие име разбирливо одамна го имаше заборавено, ја истиснува црвено-портокаловата течност нагоре кон парчето портокал на работ од стаклената чаша.
На пат кон старицата за малку ќе се судреше со нејзиниот сопруг: буквално ѝ застана на патот, така што мораше да запре. Силно воздивна.
„Знаете ли која му била последната реченица на Емануел Кант?“
„Не.“
Нервозно чекаше.
„Доволно е.“
„Добро“, рече отсечно, го заобиколи и продолжи трчајќи. Навистина е доволно, помисли. Ѝ беше доста и од Здењек и од овој егзибиционизам. Од оваа нетактичност и безобѕирност со кои старецот ѝ го расипуваше одморот. Од тие постојани потсетувања на смртта. Како таа да немаше доволно свои грижи. Како што претпоставуваше Вилма, старицата читаше на терасата.
„Може ли да седнам малку со вас?“
Старицата ја погледна малку зачудено, но потоа љубезно со раката ѝ покажа да седне на другото столче од вештачки бамбус.
7
Се разбира дека ѝ раскажа и за масажата, и тоа така искрено, како што немаше да може да раскажува, ако претходно не ја испиеше текилата.
„Здењек никогаш не ме допира толку нежно“, објаснуваше меѓу другото. „Да ми простите, ама тој ме фаќа по градите, по задникот и меѓу нозе и тоа е сѐ. Само понекогаш задоволно ќе ме погали или ќе ме потчукне по грбот.“
Старицата кимаше со главата и се насмевнуваше охрабрувачки.
„Во еден миг тоа навистина ме возбуди“, собра смелост да признае Вилма. „Впрочем, изгледа дека отсекогаш делумно сум била лезбијка.“
Во очите на старата дама се појави младешки сјај.
„Ах боже!“ извика и ја стави дланката на подлактницата на Вилма. „Тоа значи дека имам шанса?“
Двете почнаа да се смеат. Но, Вилма набргу повторно стана сериозна.
„Кога првиот ден го мачкав со крем, случајно го гребнав со нокотот. Следниот пат многу внимавав, но повторно го изгребав. Признавам, моја грешка – но, како е можно две гребаници да предизвикаат таков бес кај него? Од каде им е тој бес, и тоа на меден месец?“
Збрчканата уста изгледаше беспомошно.
„По цела година мора да се борат на работа… Веројатно не можат да престанат.“
По некое време Вилма ја праша: „Што е љубов?“
Старицата се сепна. Почувствува дека од нејзиниот одговор ќе зависи многу, можеби и повеќе од што било друго.
Нема да лажам, одлучи.
Можеби ова е нејзината последна голема задача.
„Кога е барем понекогаш убаво“, проговори колебливо.
„Што значи тоа понекогаш?“
„Па, еден час дневно? Мислам дека тоа би било минимум.“
Вилма кимна со главата.
„И кога не е неподносливо.“
Обете се замислија.
„Кога не е долго неподносливо“, прецизираше старицата.
Гледаа една во друга со почит и симпатии. Знаеја дека допираат нешто што е најважно.
„Па, ако така ја дефинираме љубовта, тогаш…“ не доврши Вилма.
„Тогаш јас сум ја доживеала“, без двоумење одговори старицата и се исклешти кон Вилма со својата вештачка вилица.
Превод од чешки јазик: Соња Стојменска-Елзесер
Михал Вивег (1962) е еден од најпопуларните и најпродавани современи чешки писатели. Дипломирал чешки јазик и педагогија. Како романсиер, драматург, сценарист и автор на раскази и колумни пишува со многу хумор и оригинална иронија постигнувајќи длабоки значења. Од крајот на 1990-тите секоја пролет објавува по една книга. Преведуван е на 25 јазици. Добитник е на наградите за литература „Јиржи Ортен“ и „Магнезија литера“. Неговите книги се распродадени во милион примероци само во Чешка.