Elementi Logo

БЕЗДРУГО, ШИЗОФРЕНИЈА

Backgorund

“Не знам колку е правилно да превземаме фрагменти на философите, писателите, поетите, пред и после Христа и да ги мутираме во нашите таканаречени раскази. Се прашувам дали ако останат недопрени, мумуфицирани ќе блескаат засекогаш или ако ги мутираме, деконструираме и релативизираме во дваесет и први век, некој ќе создаде нивна современа конструкција”.

Цитат на авторот

Исидора, Исидора миличка, не фрлајте ја последната корка леб во ѓубрето, знаeте дека без леб куќа не се остава, а и Ви се молам запалете ја свеќата на кандилцето на св. Серафим Саровски, едвај проговори некој француски збор Есенин, но таа разбра.

А шишето вотка, да го истурам ли во мијалникот миличок!

Ах, Ви се молам љубена, па знаете дека тоа ми ја лекува психата, но верувајте, јас Ве сакам Вас повеќе од вотката, но и неа ја сакам (можеби и повеќе од Вас Исидора).

Се разделија токму во моментот кога Имануел Кант, верен на времето што го отчукуваше неговиот часовник, минуваше низ улицата која води до Универзитетот и тогаш посетителите на кафулињата знаеја колку е часот, без да погледнат во нивните часовници. Есенин тргна на поетски читања, а Исидора во потрага по нова облека и чевли.

Во слабоосветлената московска уличка, Есенин едвај го запали своето луле, фрлајќи изгаснати чкорчиња од кибрит насекаде. Но со последното успеа. Занесен и раздвоен на неколку личности, слични на него, одејќи удри со главата во едно големо дрво. Падна врз влажната почва. Тој секогаш дотеран, сега извалкан!

Душевно раздранет и гневен на Револуцијата, бргу се врати дома, го зеде шишето вотка (кое според кажувањата на Исидора имало само пет голтки) и еден пожолтен лист и седна на најблиската клупичка, која московскиот дожд ја претворил во хумус.

Неговите голтки беа долги и при секое затворање на капачето на стакленото шише се појавуваше на неколку метри оддалеченост непознат лик. Вреди да се напомене дека и челото, а и целиот образ му беа крвави, па така, не обрнувајќи внимание на непознатиот, тој со показалецот пишуваше песна врз пожолтениот лист.

После петтата голта, го фрли шишето, тоа удри во некој камен и се скрши и малите стакленца се сторија огледала. Сега имаше пет непознати лика пред себе. Но се појави и шестиот, токму од малите огледалца на скршеното шише.

Се’ уште не обрнувајќи внимание на шесте лица кои стоеја пред него, Есенин ја доврши песната, почека да се исуши крвта, го здипли ливчето и го стави во извалканото палто.

Петте лица беа старогрчки философи: Херакле од Ефес, Зенон од Елеја, Питагора, Платон и Аристотел, а шестиот беше Борхес.
Ги ислуша нивните философски предавања и го сврти погледот кон Борхес. Овој во меѓувреме направил огромно огледало каде се умножуваат многу ликови на Есенин, исти по хабитус, но различни по душа.

Тој љубопитно го разгледа огледалото, го помина неговиот праг со десната нога и се нурна во него.

Исидора, кога пристигна дома, не го најде Есенин, а на масата остави кратко писмо “Барам рзвод од тебе пијаницо”.

Есенин се најде во Македонија, во 2020 година, црвените петокраки беа симнати од секаде и беа претворени во сини во слот машините, затоа што таа година само коцкарниците работеа. Влезе во една мала коцкарница, бидејќи немаше ниту поетски читања, ниту претстави, нарача вотка, но му донесоа кафе и минерална вода и пред да го притисне копчето “старт” на неговиот мобилен телефон стигна смс порака: “Подобро за тебе е да бидеш настрана од мене, те сакам, но ќе имаме премногу проблеми во животот”.

Стана, го здогледа течението на најголемата река во Македонија и пред да се фрли во водата (му одѕвонуваа мислите на Херакле од Ефес “се’ тече, се’ се менува'” ги прочита наглас стиховите кои со неговата крв беа напишани, а гласеа вака:
“Легнуваш со коси распослани
врз пожолтените лисја
на твојата есен
и во неизмерни болки
ја раѓаш новата надеж
Љубов или смрт, сеедно”

И ја одбра смртта (а можеби и новиот живот!), нурнувајќи се во длабочините на реката Вардар.

ЗА АВТОРОТ

Димитар Арнаудов

Димитар Арнаудов е роден во 1988 година во Гевгелија. Има завршено средно гимназија и високо образование Земјоделски факултет при УКИМ. Во своето кратко творештво има издадено две поетски збирки "Каучот на Фројд" и " Ѕвезден часовник", при што за втората збирка има добиено антев златник. Исто така има освоено "Гран при" на манифестацијата " Литературни искри " во Гостивар. Неговата поезија и проза е застапена во Современост, Зенит и други списанија од областа на културата

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ