1.
Taка волшебно изгледа на сцена
Совршена е кројката на палтото
Не ја оцртува целосно линијата,
малиот стомак не се забележува
Не е залудно скапо платено
Ги крева рацете, подзамавнува со главата
Публиката паѓа на колена
Завчера плачеше после вечерата
откако дозна дека викендичката
во Малибу ќе мораш да ја делиш со брат ти
и дека мајка ти отсекогаш повеќе него го сакала
Лосос, ојаки, лут сос, нозалана,
и многу вино
Алчно ги голташе до снемување воздух
Јас тоа немам ни пробано
Ама убаво ми е да те гледам ноќва како блескаш
Како те љубат до бесознание
додека вешто го криеш подуениот стомак,
кој веќе два дена се мачиш
да го испразниш над шолјата и не успеваш
————
2.
Повремено ми влегува во сонот
додека летам,
ми мавнува шлаканица и ме буди
Имам девет години
Студена зима со снег што не планира да се стопи
Залепена сум за прозорецот
Баба ми излегува во дворот,
влегува во кокошарникот,
докачува една кокошка
ѝ ја става главата на трупче
и замавнува со секирата
Кокошката обезглавена летнува високо
Лицето на баба ми и снегот
се потопени со крв како слика на Полок
Плачам
Кокошката не си го гледа својот највисок лет
———————
3.
Никој не те чека на дождот
Свират само сирените на брза помош
Ете, некој не сака да умре
Има и такви
——————
4.
Беше тоа едно топло лето во Тунис
кога намерно ти ја пуштив дланката.
На едниот крај од градот паѓаа бомби,
умираа деца, се силуваа жени, се колеа мажи.
На другиот крај од градот јас и ти
баравме еден отмен ресторан
со кој раководеше една постара Французинка, Жанет.
Редовно нè следеше еден маалски пес,
кој јас и ти го завикавме Моли.
Секојпат Моли мораше да го заврши заедничкото патување
до вратата на ресторанот.
Често знаеше тивко да потцивнува, па и да завива.
Само за одбрани гости, мон шери, ни велеше Жанет
ширејќи ја шармантната, алчна насмевка од уво до уво.
А потоа ти остро ме прекоруваше дека ти ја пуштив дланката,
додека јас срамежливо гледав во менито и обирав вино.
А може не сме биле јас и ти во Тунис.
Веројатно биле твоите родители на меден месец.
Немало ни бомби, ни силувања, ни прекорувања,
само прегрнувања, додека одбирале со која камила
ќе ја истражуваат пустината.
Може јас и ти сме биле во Дебар Маало,
додека газдите на локалите воделе битка
со градежната инспекција.
Немало бомби, имало само многу комарци,
и покрај тоа што градските власти
тврделе дека редовно прскаат против инсекти.
Можеби никогаш не сум била во Тунис,
можеби никогаш не сум била во Дебар Маало,
ама и денес помислувам како тоа топло лето
ја истргнав дланката од твојата,
секојпат кога ќе чујам пес како завива пред кафеана.
——————-
5.
Ако мижиш доволно долго, сигурно ќе заспиеш
Ако мижиш доволно долго, многу работи нема да видиш
Ако мижиш доволно долго, многу работи ќе видиш
Ако мижиш доволно долго, светот ќе те одминува
Ако мижиш доволно долго, светот ќе го одминуваш
А потоа ќе тропне
некоја несмасно ставена лажица во чинија од соседниот стан
И ќе ги отвориш очите
Надвор ќе биде есен,
ќе ја носиш портокаловата свилена марама
што ти ја подари Лиле,
ќе мислиш на големите заминувања што ги немаш видено,
ќе запалиш можеби и цигара
и нема никаде да отидеш.
———-
6.
Живеам само 600 минути во месецот
Другите минути сонувам
Понекогаш сум река
Понекогаш птица
Најчесто сум дом
со кревет, телевизор, кујна,
сметки оставени на масата,
цвеќе во вазната,
свежоиспрана постелнна,
попладневно кафе,
пристоплен ручек,
ситно ја сецкаш зелката,
ти велам да ставиш лимон и бибер,
ми велиш да го исклучам болјерот,
децата се гласни и среќни,
скришно те плеснувам по задникот,
ми прднуваш.
Сонам како уживам во мирисите
————————–
7.
Можеби е последна ноќ во која можеме
слободно да сонуваме
Луна гласно извикува од соседната соба
дека ниту еден фустан не ѝ се допаѓа
Дај ми го овој, ми вели
и ми подава една фотографија од југот на Италија
Фустанот што не сакав да го перам
зашто беше изнастискан и измалтретиран
Се смее Луна,
се смеам и јас и си ги гледам брчките
Убаво е да имаш брчки
Сега може да ни падне и тула врз глава
додека минуваме под прозорецот на соседите
Сосема живо сонуваме
Не бива умрен да умреш
Зиме се ловат светлините по ѕидовите
Собите се полни со облаци
Постелите се меки и повеќеслојни,
како и соништата
Сонуваме во бојата на летото,
ги отвораме прозорците ширум
небаре ќе нè заплисне морскиот воздух
Снегот е суров во својата нежност,
како сеќавањата за она што не било,
како привидот на сенката што ти минува под прозорецот
———————
Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, Галикул). „Стан што се распаѓа“ беше влезена во најтесна конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува на Струшките вечери на поезијата. Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, словенечки, полски јазик, а застапена е и во повеќе македонски списанија за литература и антологии. Стојановска работи како новинар.