Elementi Logo

Backgorund

***

успеа ли да ја прочиташ песната што ја пишував па ја бришев ја пишував па ја чкртав не со молив ни со мастило туку со косата носена од ветрот што идеше од мраморното море прамени коса наместо зборови нов ракопис чудни лелеави редови се редеа еден под друг се брануваа местата си ги менуваа се создаваа и недооформени веднаш се бришеа се губеа незаживеани а веќе умираа успеа ли да фатиш некој збор некоја мисла од тој хаос од тоа бреме што тој чуден ветер го зеде со себе и го однесе ги слушна ли брановите што наместо на брегот од моето срце се измиваа посејдон не дојде а го чекав секој нов бран мислев ќе го донесе дека со неговите големи раце ќе ме гушне и ќе ме однесе таа песна непесна остана таму во тој миг само со прамењата од косата напишана и веднаш потем исчкртана засекогаш избришана

***

се криев во сенките на таксим сама меѓу луѓе како ѕвезда меѓу ѕвезди во толпата странци низ турканици трчаници и врева задушена од маски слободно ечеше само ѕвоното на трамвајот и песната на младите курди дервиши дијарбекир слободно беше и мачето што презриво позираше за фотографирање во книжарницата што му беше дом слободни беа и децата што сакаа сладолед а не трикови слободен беше и мојот чекор и мојата мисла далеку од (г)орион далеку и од себе со некои чудни сеќавања небаре туѓи или од некој претходен живот запомнети

***

која сум што сум во овој нов простор во кој ветрот ме донесе во кој паднав од небо кога сѐ што гледаш е сѐ што сум без минато без зошто гледаш брчка и лузна а не знаеш од што е ни од кога е гледаш вода а не знаеш дека била оган гледаш дете а не знаеш дека било жена гледаш жена а не знаеш дека е дете гледаш живот а не знаеш колку смрт носам во себе гледаш рака над водата и безрезервно ја подаваш својата

ЗА АВТОРОТ

Јулијана Величковска

Јулијана Величковска (Скопје, 1982) е писател, уредник и преведувач. Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ); стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации); романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, ПНВ Публикации) и на повеќе од дваесет книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик. Нејзините песни се препеани и објавени на седумнаесет светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија, како и во две антологии на куси раскази, објавени во Македонија. Нејзиниот роман „Годишни времиња“ во април 2017 г. беше објавен и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова од страна на издавачот „Ерго“ од Софија,. Таа е член на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, и коосновач е на „Скопскиот поетски фестивал“.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ