ОПСТАНОК
повисокиот број на леукоцити
во епруветата во која тупанците имаат збор
по мозочниот удар на електричните апарати
во кујната со еднонасочна комуникација
и трофазна струја
и зголемениот процент на билирубини во крвта
на телото кое самото се врзува за железните ногарки
на болничкиот кревет
со бели навлаки навлечени на жолти навики
и намаленото серумско железо на една жена
во менопауза
која на гладно пие рѓа
кога го испраќа својот сопруг на работа
и слатките муабети на гликемијата
која ги брои лебните единици
на секој голтнат збор
се едно исто
– борба за опстанок
МИСЛА ШТО БОЛИ И ПО СМРТТА
Еден ден ќе му речеме збогум
на детето што нѐ држи за прстот
за да не нѐ изгуби во супермаркетот
во кој на рафтови му го продаваме светот
вакумиран запечатен
стерилизиран конзервиран
етикетиран рекламиран
еуфемизиран
ќе му дадеме парче од нашето небо
и од сонот што го печалиме во туѓина
ќе му ја стиснеме дланката на челото
и ќе го бакнеме со нашето време
за да си го познаеме кога ќе ни се врати
и ќе го пуштиме само во метежот
од мисли кои се разминуваат
и судираат без предупредувачка сирена
но со светлосна сигнализација
која ќе ја учи само
И нема да знаеме кој ден ќе ни се врати
таа мисла како плач на новороденче
која иако сме ја откинале од срцето
и по нашата смрт ќе нѐ боли.
Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола, Македонија) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, на Битолскиот книжевен круг (БКК) и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Главен уредник е на списанијата „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД-Битола). Има објавено над 100 научни трудови објавени во референтни меѓународни научни списанија, 9 книги поезија од кои последните четири се со наслови: „Куќа на контрасти“ (Матица, Скопје, 2019), „Електронска крв“ (ЦК„Ацо Караманов“ – Радовиш, 2019), Математичка поезија“ (ЦККС, Скопје, 2020) и „Пеш по воздушна линија“ (Ми-Ан, Скопје, 2021), една книга со кратки раскази, една коавторска песнарка за деца, неколку стручни публикации и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019). Нејзината книга „Електронска крв“ е објавена на англиски јазик („Electronic Blood“, Cyberwit India, 2021) и на арапски јазик (Равашен, Обединети Арапски емирати, 2021). Коавтор е на книгата „Dandelion Cadence“ заедно со уште тројца автори која содржи поезија на англиски јазик и е објавена во Калкута, Индија во 2021. Добитник е на повеќе награди меѓу кои позначајни се: „Крсте Чачански“ за проза (2019), Караманов 2019 за поезија, Македонска книжевна авангарда (2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale "Tulliola- Renato Filippelli" во Италија (2021), "City of Galateo-Antonio De Ferraris" (Рим, 2021) и највисоката награда за поезија што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија „Ацо Шопов“ (ДПМ, 2021). Преведена е на над 40 светски јазици и објавена во реномирани книжевни списанија и антологии во земјата и странство.