[31]
ко ламја или светица во очај,
в лице ти заривам нокт
и со клопот и врнеж
ко кикот в окно
ил стрвен стршлен
те бодам в грло
да исцедиш песна,
да растуриш говор,
и со немудра сила
те сечам ем попреку ем надолж
да искрвавиш слово против мојава клетва!
а ти стани, не оставај ме
да тонам ко разум в петица,
ко светла точка во квечерина,
ко необрана есен во зима јалова,
стани и надвиши ме, сокриј ме
оти сонцето се жести сè појако
и рибите веќе не се вљубуваат,
стани и турни ме во младоста,
болката на имањето, претопленоста,
дај ми ја водата
во која ги капеш плеќите,
да зацелам,
дај ми на заем коренче
од твојата машка поезија,
да го засадам
онаму каде веќе не спијам
за да не ја растурам постелата,
онаму каде соништата запреа
а јас сум продолжила,
па ќе учам магија
и ќе чинам слобода
и времето пак низ детското
ќе го спровнам,
само ти стани, не оставај ме
да зреам, презревам и да се жеравам
сама на себе згорчена
и аздисана
ко ламја
или светица во очај
ПРЕСЕЧЕН КАБЕЛ
ти пренесе ли некој
оти те барав и не те најдов
и сега самата дебилно се кријам
од телефонската слушалка
не дишам и глумам умрена
пред тоа црно уво што сака
да ме одведе далеку во сегашноста
со невидлив кабел
протегнат низ неколку минати
несвршени времиња
ти се пожали ли некој
дека не те наоѓам
па затоа никој мене не ме добива
должна сум да сочувам еднаквост
во занаетот
во чистиот инает кон инаетот
и ако ти го пресече кабелот
зошто пак јас да бидам
повторно најдена?
ако тебе ти успеа да си ничиј,
оти јас помалку да прифатам?
некој ти спомна ли
дека времето мина
и сѐ што беше ти
сега сум подобро јас?
јас ја имам слободата
да се сопнувам
на глави со твоите црти
грла со твоите ноти
но безмерно утнати очи
од очите мора да дува ветар,
да се питоми ко мокра земја
и непрозрачни ко длабока есен,
да влечат во утроба сѐ
а да ме светлат само мене.
сеќавањата чијшто единствен темничар
сум јас
коваат заговор,
бараат право на заборав,
бараат да се отпараат
и да ја расцепат државата
чијшто единствен жител
сум јас.
ти одамна ја премина границата
со неисправна документација
целиот облечен во ветар
(Од „Ново раѓање на зборот“, антологија на младата македонска поезија во изднаие на ПНВ Публикации, Скопје, 2023)
Марија Грубор (1992, Велес) дипломирала психологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Авторка е на две поетски збирки: „Ликвид“ (2009, Бигос) и „Водата нешто носи“ (2015, Киро Дандаро). Нејзини песни се објавени во периодиката, како и во антологиите на македонската слем поезија (2017 – 2022), антологијата на бунтовна поезија „Нема стих – нема мир!“ (2017) и во зборниците на „100 000 Поети за промена“. Нејзини песни се препеани на англиски, на бугарски, на германски и на шпански јазик. Со слем-перформанс учествувала на Струшките вечери на поезијата, на Преспаленд, на Маалски фестивал, на „Арт Генератор“, на „Астални проекции“ и други читања. Грубор е двократен победник на националниот натпревар во слем поезија. Во 2017 г. настапи на Европскиот шампионат во слем поезија во Будимпешта, по што во 2018 г. читаше во финалето. Во 2022 г. публиката ја избра за претставник на Македонија на јубилејниот Европскиот шампионат во Брисел, каде што ќе настапи во 2024 година. Во 2022, во соработка со џез-гитаристот Филип Букршлиев го создаде мултимедијалниот проект “Aspirin Moon” во кој нејзината поезија добива оригинална музичка интерпретациј