Elementi Logo

РЕЦЕНЗИЈА ЗА РОМАНОТ ВРСКИ ОД ЕМАНУЕЛА ПАГАНО

Backgorund

Љубовта доловена преку поетичкиот став „помалку е повеќе“
(кон „Врски“ од Емануела Пагано во издание на издавачката куќа „Готен“; превод од француски јазик: Ацо Пероски)

Македонската книжевна сцена првата средба со француската писателка Емануела Пагано ја имаше во 2014 година, кога издавачката куќа „Антолог“ го објави нејзиниот роман „Троглодотни тинејџери“. За оваа книга Емануела Пагано ја доби Наградата за литература на Европската Унија. Неколку години подоцна пристигнува романот „Врски“, за кого критиката оценува дека е нејзино вистинско созревање во литературата. За оваа книга Пагано ја добива престижната награда на англискиот Пен центар.
„Врски“ претставува калеидоскопски приказ на повеќе од 300 различни љубовни приказни. Станува збор за фрагментарен роман во кој различни љубовни релации се доловени преку фрагменти чија должина варира од неколку реченици до страница и половина. Книгата опфаќа сцени и љубовни ситуации меѓу сите родови и сексуалности, вклучувајќи ги првите состаноци, неверства, емотивни зависности, задоволства, незадоволства, горчливи сеќавања, големи страсти, сексуални разминувања…
Со посветеност на минуциозен деталист, авторката ги бележи мирисите, гестовите, гласовите што ги споиле и раздвоиле љубовници… Го тематизира и преиспитува прашањето за интимната територија и љубовниот простор, блискоста и оддалечувањето, слободата и доминацијата, нелогичните причини поради кои некој некому му се допаднал, непредвидливите причини поради кои завршила некоја љубовна приказна.
Емануела Пагано се одлучува при своето истражување на љубовните феномени да не оди во ширина, туку нејзиниот авторски метод ја следи логиката на хаику поезијата – колку што е можно повеќе нешта да се искажат со колку што е можно помалку зборови. Затоа „Врски“ е еден вид пофалба на прозната минијатура во литературата, обид за потврда на поетичкиот став дека „помалку е повеќе“.
Еден од важните аспекти на романот е полифонијата. Секој „љубовен фрагмент“ во „Врски“ е доловен преку различен глас, кој има свој пол, возраст, сексуална ориентација, професија, емотивна интелигенција, поглед на свет, филозофско стојалиште. И токму во тоа што од тој кус фрагмент може да се реконструира не само ликот што говори, не само врската за која говори, туку и сите сложени придружни аспекти што ја сочинуваат љубовта, лежи една од најголемите умешности на Пагано. Пагано знае дека во секоја љубовна ситуација се вмрежуваат голем број други аспекти на човековата егзистенција, онтолошки, општествени, психолошки, економски, филозофски, политички…
Во тој контекст, оваа книга е мошне успешна затоа што Пагано успева многу лесно и елегантно да го промени регистарот на доловените емотивни релации. Па така, на еден фрагмент за брутална љубов лесно се надоврзува фрагмент за поетична љубов, од раскошна фантазија регистарот се снижува на натуралистички опис. Во оваа интензивна мешавина на перцепции за љубовта, авторката ги компонира ситуациите, миговите, гестовите, местата, личностите, предметите и сите други небројни детали од кои е составена љубовта.
Но, „Врски“ е пред сè книга за искуството што ги обликува меѓучовечките релации и нивните варијации. Романот постојано инсистира на идејата за варијацијата и нијансата, на разликата и детаљот, на тоа дека и покрај повторливата структура на човековите релации, варијациите на емотивно-еротскиот комплекс наречен љубов се бесконечни.
И како бесконечни никогаш нема да бидат исцрпени во литературата.

Објавувањето на рецензијата за книгата „Врски“ од Емануела Пагано е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

'

ЗА АВТОРОТ

Марија Саревска

Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Член е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија и редовно учествува со свои текстови на теми од преведувачката дејност на годишните средби на преведувачи, кои се објавуваат и во списанието на преведувачите „Огледало“. На македонски јазик има преведено дела од Габриел Гарсија Маркес, Пабло Неруда, Едуардо Халфон, Ана Марија Шуа, Педро Заралуки, Едгар Валас, Киран Десаи, Орисон С. Марден, Ана Бучевиќ, Владислав Бајац. Ги има добиено наградите „Златно перо“, „Ванѓа Чашуле“ и „Кирил Пејчиновиќ“, кои ги доделува Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ