Elementi Logo

ИНТЕРВЈУ СО ГОЈКО БОЖОВИЌ

Backgorund

ДЕНЕС ОПШТЕСТВЕНАТА РЕФЕРЕНЦИЈАЛНОСТ НА ЛИТЕРАТУРАТА ИСЧЕЗНУВА

Интервју со Гојко Божовиќ, писател и сопственик на издавачката куќа „Архипелаг“ од Белград, Србија

1. Вие сте еден од најинтересните српски писатели, а Архипелаго е една од најважните издавачки куќи во Србија. Како писателите и издавачите се справуваат со своите позиции во српскиот и регионалниот литературен простор?
– Книжевноста изгуби голем дел од своето некогашно значење, кога, особено во Источна Европа, беше во самата основа на општественото саморазбирање. За сите важни прашања било расправано однапред, понекогаш и најмногу токму во литературата. Денес, литературата се повеќе се доживува како едно од многуте занимања, како хоби, додека општествената референцијалност исчезна од значаен дел од современата литература. Дури и романот, како последен жанр на литература со нешто поголема јавна резонанца, многу ретко е роман на идеи, иако тоа беше основата врз која, во силната интеракција на литературата и општеството, беше обликувана големата историја на европскиот роман.
Оттука, тешко е да се зборува за позиции во литературата. Мислам дека можеме да зборуваме за интереси. Се занимавам со литература во различни форми. Од литературните жанрови пишувам поезија и есеи. Пред да станам издавач интензивно пишував и книжевна критика. Издаваштвото е моја работа, но во културната и литературната сфера го гледам како продолжение на литературата со други средства. Како читател ги читам сите литературни жанрови, отворен сум за различни поетики и сензибилитети. Ја следам и класичната и современата литература. Ако не читам барем три големи класици секоја година, мислам дека не би знаел кои од модерните книги што ги читам се добри.

2. Кои се темите што ве интересираат кога станува збор за поезијата, имајќи предвид дека сте многу ангажиран поет и писател?
– Ангажманот е прашање на околности. Под различни околности, не би бил ангажиран во иста мера. Кога се загрозени основните вредности на општеството, човекот, без разлика на неговото основно занимање, не може да биде смирен или незаинтересиран. Ако е незаинтересиран, тогаш е соучесник. Ако направил се што може, можеби сепак не е доволно, но човекот ја исполнил својата улога.
Во стихозбирките што ги напишав во текот на 2000-тите, во Елементи (2006), Блиски божества (2012) и Мапи (2017), се занимавав со две димензии на едно прашање, важни и во современите околности и во претходните епохи. Ме интересираше, од една страна, присуството на митот, митскиот јазик и митската мисла, тековите на модерноста, секојдневниот јазик и мисла. Од друга страна, ме интересираше дали ние како луѓе од ова време, со нашите надежи и стравови, мисли и искушенија, страсти и сомнежи, можеме да обликуваме долготрајни приказни кои еден ден, во замислива или незамислива иднина, ќе бидат на некои други и сосема поинакви луѓе траги на новиот мит. Тие искуства ги заокружив во книгата со избрани песни Тивкиот ѕвер на пладнето (2019).
После тоа ми требаше нова тема и нешто поинаква процедура. Таа тема ја најдов во уште подиректна средба со реалноста, во секојдневните искуства и настани, додека процесот се одразуваше во понаративниот тон на песните. Никогаш претходно не сум напишал вакви наративни песни. Во основата на практично секоја песна во книгата Додека тонеме во мракот (2021) има вистинска или можна приказна. Во песните можеме да го опфатиме и изразиме, повторно да го доживееме и можеби за првпат да го разбереме тој турбулентен свет што се менува пред нашите очи и исчезнува под нашите нозе. Моментот во кој се зборува и моментот во кој се размислува, моментот во кој се менува човечката судбина и моментот што мора да се запамети – тоа е она што ме интересираше повеќе од сè друго во песните од книгата Додека тонеме во мракот. Граничните ситуации на општественото и историското искуство, секогаш несоодветни за човечкото секојдневие, поттикнуваат размислување за човечките можности да одговори на реалноста. Нашата средба со реалноста не може да биде лесна, безболна, сфатена здраво за готово или рамнодушна. Во таа средба, некој одговор мора да се појави како глас од времето.

3. Архипелаг е една од најдоминантните издавачки куќи во Србија. Каква е состојбата со издаваштвото во културното милје на Србија и кои се проблемите и предностите на издаваштвото во Србија?
– Главната предност на неколку генерации кои сега се активни во српското издаваштво е тоа што работејќи речиси постојано под влијание на некаква криза (распад на државата, војни, санкции, бомбардирање, хиперинфлација, транзиција, светска економска криза, обновување на авторитарен поредок, пандемија, нова економска криза…), добија виталност и издржливост кои, заедно со имплицираниот ентузијазам, често се најважните сили во издаваштвото. Јас не сум поддржувач на идејата да се направи доблест од неволја, но и тоа е некакво искуство на локални и глобални нарушувања со кои моравме да се справиме. Главните проблеми на издаваштвото во Србија се малите печатени тиражи, релативно бавната продажба на книги и ниските цени на книгите. Економските околности ги направија цените на книгите неподносливо ниски од аспект на трошоците за издавање, а високи од аспект на можностите на повеќето наши читатели. Глобалниот контекст исто така не е поволен, а најсилно е обележан со технолошката криза и кризата на вкусот. Поради технолошката криза, се повеќе читатели ги напуштаат печатените медиуми, вклучително и книгите, и преминуваат на дигитални содржини, а во нив доминираат информативните и забавните содржини во споредба со литературата. Поради кризата на вкусот, површноста ја потиснува вредноста дури и во литературата.

4. Можете ли да ни дадете пресек на читателската публика во Србија, имајќи предвид дека регионот во основа се бори со голема доминација на тривијалната литература, која, за жал, има голем број читатели?
– Читателската публика во Србија е многу разновидна, но не секогаш може да ги задоволи своите потреби, како од економски причини, така и од новите околности што го обликуваат секојдневието на секој од нас, оставајќи ни се помалку време за нашите интереси. Постои уште една важна причина. Понудата и побарувачката се секогаш во жива и непосредна врска, не само во економијата, туку и во литературата и издаваштвото. Читателите се разликуваат, додека литературата се повеќе се сведува на еден вкус, една боја, еден тон, едно мислење и во глобалната и локалната средина. Тоа е криза на вкусот и инертноста на трендовите. И двете се суштински опасности за литературата како поле на слобода и различност, критичко размислување и неограничена имагинација.

5.Го водите и многу успешниот белградски фестивал на светската литература. Каде е српската литература на европската и светската мапа на литература кога станува збор за преводот на српски писатели во странство?
– Српската книжевност е составен дел на современата европска и светска книжевност како по поетика, така и по дејствија, а и по најчестите теми. Врвовите на српската литература се споредливи со врвовите на современата европска литература. Се разбира, литературата на т.н мали јазици традиционално е недоволно преведена и потешко добива вистински критички прием во другите култури. Морам и во оваа прилика да нагласам дека македонскиот јазик е еден од двата-трите европски јазици на кои најмногу се преведува српската литература.

6. Дали Гојко Божовиќ, писателот, помислил да се сврти кон други книжевни жанрови – драма, роман и сл.?
– Не размислував за тоа, иако уживам да читам романи и драми. Иако може да се случи јас да бидам единствениот Србин што нема да напише роман. Поезијата и есеите ми се доволни како израз, но како читател исто толку ми требаат романи и драми или книжевна историја.

7. Во Македонија доаѓаат и книгите на вашата издавачка куќа. Кои се намерите на Архипелаг за 2024 година, кои писатели им ги нуди оваа издавачка куќа на своите читатели?
– Знам дека во Македонија имаме многу читатели и мило ми е тоа. Се надевам дека книгите „Архипелаг“ во иднина ќе бидат уште поприсутни во Македонија. Годинава во фокусот на нашето внимание ќе бидат книгите од областа на современата српска и европската литература, како и историографијата и политичката теорија. Људмила Улицка, Мајкл Канингам, Бурхан Сонмез, Драго Јанчар, Љубомир Симовиќ или Владимир Тасиќ се дел од писателите чии книги ќе ги објавиме во наредната година.

Разговорот го водеше и го преведен на македонски јазик: Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ