Elementi Logo

РАЗЛИЧНОСТА Е РИЗИЧЕН, АМА, СЕКОЈПАТ, НАЈСИГУРЕН ПАТ ДО СЕБЕ

Backgorund

Кон збирката раскази „Два света“ од Сузана Тратник
Превод од словенечки јазик: Дарко Јан Спасов

Во општеството, во религијата, во науката, во уметноста и во книжевноста најчесто е полесно, попрецизно и појасно кога нештата што ја сочинуваат човечката егзистенција се дефинирани, класифицирани, поделени и именувани, ама тоа не значи дека сите аспекти од човекот како независна единка, самостоен и уникатен ентитет можат да бидат опфатени, разбрани на тој начин. Бидејќи секој пат сме соочени со најмалку „два света“ кои треба да ги препознаеме, па потоа и да ги осознаеме ако сакаме да го разбереме нашето постоење во светот и начинот на кој тој функционира, уште повеќе затоа што тие светови не постојат надвор од нас туку во самите од нас.
Поаѓајќи токму од тоа, авторката Сузана Тратник во својата збирка раскази „Два света“ низ деветте независни приказни ни пренесува светови на ликови кои растргнати меѓу минатото, сегашноста и однапред предвидливата иднина за самите себеси истражуваат длабоко во себе, колку што им дозволува свесноста и самоосвестеноста да го живеат или постојано да бегаат од она што им припаѓа или треба да им припаѓа.
Низ приказните во деветте раскази поместени во оваа збирка на Тратник, која важи за една од зачетничките на ЛГБТ сцената во поранешна Југославија, а останува активна како лезбијска активистка и еднакво е продуктивна како преведувачка, писателка, книжевна менторка, со наградувани романи, раскази, публицистички и теориски дела, се провлекуваат лезбијските искуства, нејзина доминантна тема од книжевен интерес.
Почнувајќи од расказот кој го носи и наслов на збирката, Трантик низ призмата на младешкиот и подоцна возрасниот живот на протагонистите низ доминантната лезбијска перспектива се среќаваме со искуства, животни дилеми, колебања, безизлезности во идеолошка и егзистенцијална смисла на млади жени кои уште од раната младост се борат со другоста во себе и во другите.
Постојаното преиспитување на блискоста со најблиските пријателки која не нужно, не секогаш и не според планот завршува со несакан, понекогаш и кобен исход ја отвора и одново и се навраќа на темата за себереализацијата на единката како сексуално и емотивно битие и тивко и упорно, жестоко преку физички облици, а суптилно преку сензитивни, во и единствено преку љубовта.
Испрекинатите односи на пријателки кои не се виделе одамна, ама како и секој однос меѓу девојчиња во младоста кога другарството единствено постои за да трае засекогаш, враќањата макар и на една вечер со зближувачки секс кој ги брише сите празнини и отсуства помеѓу, се случуваат како никогаш невоспоставени и најнужно потребни враќања кон себеси, посегања по себеси и еднаш засекогаш соочувања со себе.
Во младоста преку алкохол, дрога, неосвестена сексуалност, а веќе како зрели и самостојни учеснички во општествениот живот од кој зависат финансиски, женските ликови се обидуваат да досегнат или да се изгубат во другиот ликовите на Тратник ја отсликуваат словенечката лезбијска сцена, животот, општествената прилагоденост и неприлагоденост на општествените норми и стандарди, ограниченоста и слободата да се живее како „различна“ од она што општеството го очекува или пропишало за тебе. Претерувањето во сè – алкохол, дрога, секс, запуштеност на себе и неодговорност и кон другите – како да е единствениот начин да се реализира потребата да се дојде до себе, преку љубовта кон и од другиот, за на крај да се спознае дека тоа е единствено возможно на повисокото ниво, со љубовта кон себе.
Сепак, она што може да се забележи уште во оваа збирка, а што ќе стане значајна карактеристика на нејзината проза и десет години подоцна е тоа што темите во творештвото на Тратник не се однесуваат само на теми од лезбијскиот и геј животот, туку на општествените маргини во поширока смисла.
Забележлив е нејзиниот интерес за идентитетот и телото бидејќи како што и самата ќе каже текстот е телото, телото како симболична мрежа на нашиот ум и мислење. А посегањето по тоа тело или само неговото евоцирање во спомените, во илузиите или во себеистражувањето на она што го чини идентитетот на една личност е често присутно во расказите на Тратник. Мирисот што останува од другата, допирот што го остава другиот, начинот на кој само „друга“ може да го знае она што го сакате или како сакате да се чувствувате себеси, а сепак, средиштето на тоа себеистражување со помош на другиот е доаѓањето до себе, доаѓањето до љубов.
Љубовта која најчесто е со „промашен распоред“, задоцнета, предвреме освестена, предоцна почувствувана, речиси никогаш истовремено не признаена, ама секогаш присутна, надежна, очекувана или претчувствувана. Тоа е љубов што значи живот, страст за постоење, дрска смелост да се биде свој кога ќе се спознае што е тоа, отелотворен и ефективен идентитет наспроти латентното, лебдечко присуство на спротивната страна, онаму каде што пулсира енергијата на смртта која доаѓа или чека како мистериозна разврска или некој вид deus eх machina, кој повторно на неразјаснет начин ја решава приказната, неуспешното себерализирање во светот на протагонистите, нерешениот исход.
Љубовта, дури и кога не е централна тема или цел на приказната, секогаш е и наратолошки инструмент на текстот, таа е атмосферата од која е исткаена не толку тескобноста колку непоколебливата, рамнолиниска непоместливост на единката некогаш и сега со таа разлика што сега копнежот по љубов, по потврда за самоидентификација од другата е состојба на прифатен статус кво, забележување на промена кај другата како отелотворување на минатото во сегашна верзија на она што протагонистките никогаш не успеваат да станат па продолжуваат, наместо со кафе со вода или чај, да се движат без другата или без себеси низ животот што си го бришат или исцртуваат секојдневно.
Можеби затоа, ликовите од овие раскази неслучајно се студенти, или лица кои штотуку зачекоруваат на пазарот на трудот, борејќи се материјално да се осамостојат и изолираат од стегите на општеството за да можат да го живеат својот безбеден филм, иако тоа е најчесто живот за кој плаќаат висока цена, исполнет со стимуланси кои го одржуваат балонот во кој се затворени од надворешниот свет, просторот во кој минатото и „минатите“ повремено влегуваат како ништо да не се променило, а, и со тоа, ништо не се променува, и протагонистките одново остануваат сами и недоволно задоволени за задоволството наречено живот да потрае макар малку повеќе до следното враќање во нерамнотежа.
Како да се останати, „со одложување“ на крстосницата помеѓу самопотврда и потврда на она посакуваното од другата, од себеси, па и на наратолошки план потрагата по себе и создавањето на идентитетот се пренесува како исечок од билдунгс роман, нечија лична приказна се поистоветува со приказна запишана во малку познато дело од едицијата малку познати дела на познати автори („Писмата на затвореникот“); приказната за себе станува појасна и поприфатлива ако се пренесе преку друг жанр, оној на стрипот на пример („Притисок во тилот“).
Расказите од збирката на Тратник нудат неповторливо и неисцрпно книжевно, тематско и идеолошко доживување пренесено преку искуства кои случувањата од лезбијската сцена ги доближуваат до секој љубопитен истражувач на најразличните страни на човечката потрага и личните формули за решавање на равенката наречена живот, со секогаш недосегливата загатка – ако љубовта е лицето на човекот, кој е полот на неговото срце.

Објавувањето на рецензијата за книгата „Два света“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

ЗА АВТОРОТ

Марија Саревска

Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Член е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија и редовно учествува со свои текстови на теми од преведувачката дејност на годишните средби на преведувачи, кои се објавуваат и во списанието на преведувачите „Огледало“. На македонски јазик има преведено дела од Габриел Гарсија Маркес, Пабло Неруда, Едуардо Халфон, Ана Марија Шуа, Педро Заралуки, Едгар Валас, Киран Десаи, Орисон С. Марден, Ана Бучевиќ, Владислав Бајац. Ги има добиено наградите „Златно перо“, „Ванѓа Чашуле“ и „Кирил Пејчиновиќ“, кои ги доделува Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ