Elementi Logo

ПРЕСМЕТКА СО НИВ

Backgorund
Во судницата беше топло и загушливо. Чувствував како челото ми се влажни, а капки пот полека ми се слеваат по слепоочниците. Судницата беше преполна. На дрвените клупи не можеше да се најде повеќе место за седење. И покрај тоа, на главната врата од двете страни стоеја по неколкумина кои нервозно разгледуваа низ просторијата и се надеваа дека ќе се ослободи некое место за седење. Некои разговараа меѓу себе, но разговараа тивко, како да ја сфаќаа со своето шепотење важноста на институцијата во која се наоѓаат. Јас молчев и се трудев со никого да не проговорам. Пред да седнам, на влегување, кога вратата на судницата беше ширум отворена, а дрвените клупи не беа до крај наполнети, се поздравив со неколкумина познаници онака, незаинтересирано, со благо климнување на главата. Некако не ми се зборуваше, па одбрав за седење едно место во последниот ред, од вратата десно кое беше зад еден кружен столб, а закосениот тавански свод ми беше на педа од главата. Седев веднаш до ѕидот, од левата страна до мене никој не седеше затоа што ако некој и седнеше широкиот столб целосно ќе му го заткриеше погледот. Не сакав да бидам виден во судницата , иако знаев дека веќе сум виден и сум бележан. Едноставно не сакав на некои злобни урокливи очи да им отворам теми за размислување и за злобни мисловни комбинаторики. Знаев дека можеби требаше да се воздржам и да не дојдам воопшто во судницата , но сепак нешто силно ме влечеше наваму, некој внатрешен глас ми велеше да излезам од канцеларијата на Заводот, да минам по плочникот на загребските улици и да влезам во оваа преполна просторија каде требаше да му се суди на веќе потврден народен и партиски предавник. Така велеа аграмските, големи, новинарски пера кои знаеја вешто и добро да пливаат во различни води и сега седеа на најубавите места во судницата , и врз прекрстените колена ги беа отвориле бележниците чекајќи да биде доведен во судницата идеолошкиот крвник, па секој негов поган збор да биде прибележан и објавен во следните броеви на весниците. Тие и предвреме го беа осудиле во своите бездушни, празни текстови, па сега како да ја чекаа потврдата на сопствената новинарска моќ за предвидување, иако јас знаев и молчев, а и многумина други знаеја и молчеа дека сите нивни текстови се нарачани, напишани, проверени, па објавени. Некои од присутните новинарски величини по осумнаесеттата ја славеа новата држава и југословенството, па кога еуфоријата стивна, срамежливо почнаа да му се додворуваат на Радиќ. По неговото убиство во Собранието вешто преќутеа за срамниот процес на Пуниша Рачиќ, ја оправдаа шестојануарската диктатура, за да по десетти април четириесет и првата почнат до небеса да го величаат Поглавникот и Дидо. Нивната вродена снаодливост најубаво се виде во четириесет и четвртата кога го предвидоа победникот во војната, па дел од нив замолкнаа, препишувајќи го тоа подоцна на невидениот притисок од страна на усташката власт, а дел од нив заминаа во партизани, но никогаш таму пушка во рака не земаа, туку дремеа по разни комитети и штабови и пишуваа прогласи и соопштенија.

Додека чекав судењето да започне, гледав пред себе во моите раце во кои го држев најновиот број на „Вјесник“. Не го прелистував, ни читав весникот, го држев цврсто со потните дланки и во него криев една подебела книга. Ја понесов со себе кога излегов од дома. А зошто тоа го направив, навистина не знам? Можеби потсвесно знаев дека во неа ќе ги откријам одговорите на некои прашања кои сè уште не ги бев ни слушнал, но знаев дека кога тогаш ќе ми бидат поставени. Книгата е моја. Ја објавив 1932 година, по многу перипетии поврзани со нејзиното печатење, а ја пишував долги години пред тоа. Ѝ дадов наслов „Од нашата книжевна крчма“. И еве веќе дваесет години се сомневам во тоа дали ова е најсоодветниот наслов за неа. Не дека не ми се допаѓа насловот, туку едноставно мислам сиве овие години дека некако е преблаг, премногу мек за сè она што го кажав во неа. Со неа се пресметав со многумина, се разбира културно, како што доликува на цивилизиран загребчанец, но и многумина по нејзиното излегување се обидоа да се пресметаат со мене, онака културно. И навистина не знам, на кој начин понекогаш оваа книга која сега ја кријам во весникот ми е моќен јатаган со кого јуришам во беспоштедна борба во која не се плашам од ударите и повредите, а понекогаш ја чувствувам како заштита, како широк метален штит кој, кога ќе ја почувствувам својата слабост и ќе ја согледам туѓата надмоќ, едноставно го кревам над главата и цврсто го држам, подмижан, стискам заби и чекам дури опасноста не помине. Така беше за време на војната, така беше пред војната, така е и сега. И во одбрана и во напад се повикувам на неа, сè зависи од ситуацијата.

Одеднаш судницата стивна. Присутните подзамолчеа. На вратата се појавија двајца милиционери, а меѓу нив беше тој. Чекореше со темпото со кое чекорат милиционерите. Висок, слаб, малку подгрбавен, со испиено лице на кое се оцртуваа две длабоки бразди на образите. Со бујна средена коса, зачешлана наназад, воопшто не наликуваше на човек кој потекнува од југот. Носеше сиво палто кое очигледно не му беше по мера затоа што ракавите му беа куси, па манжетните на белата кошула скоро целосно се гледаа. Панталоните, исто така сиви, му ги затскриваа старите, но чисти, црни чевли. Дојдоа до местата во првиот ред кои беа определени за обвинетите. Еден од милиционерите смирено му го покажа местото. Седна на клупата, исправајќи го телото, а веднаш до него, од двете страни, седнаа милиционерите. Тие молчеа, а тој беше смирен, изгледаше спокоен. Гледаше право кон празните места на судијата и обвинителот. Одвреме навреме со дланката ќе ја помазнеше бујната коса од челото кон темето и ќе го поткренеше погледот кон трите врамени фотографии на централниот ѕид, над местото како што требаше да седи судијата. Фотографијата на Тито беше најголема и беше в средина, лево беше сликата на Маркс, а десно на Енгелс. Фотографијата на Сталин веќе одамна ја немаше.

Во судницата наскоро се поврати вревата. Присутните разговараа повторно тивко, а јас затскриен во последниот ред десно од столбот скришно погледнував кон обвинетиот и му се восхитував на воздржаноста и смиреноста. Тој седеше скоро мирно, ги чувствуваше туѓите погледи од сите страни и се трудеше да изгледа што е можно поприродно. Но како му беше во душата, само тој си знаеше. Знаев дека му е премногу тешко затоа што забележав како неколкупати ги ширеше градите до крај и полека се издишуваше, како да си ја создаваше сопствената оддишка, како да сакаше самиот себе да си помогне, да си олесни.

Одеднаш повторно судницата замолче. Во судницата влегоа судијата и обвинителот и, како по наредба, сите присутни станаа. Стана и тој и застана мирно прекрстувајќи ги рацете пред себе. Судијата, низок, дебелкаст човек на околу педесетина години, облечен во воена униформа и изгланцани војнички чизми, со рамномерен, војнички чекор се приближи до својата столица и прво на масата ги стави судските материјали кои ги носеше во една картонска папка, а потоа седна. Седнаа и сите присутни во салата. Седна и тој, го измазни палтото и повторно полека ги наполни градите и се издиша.

Откако судијата заврши со своите формалности, збор зеде обвинителот и започна да го чита обвинителниот акт. Читаше долго, читаше околу час и дваесетина минути со монотон, здодевен тон, иако на моменти високиот обвинител со видлив вишок на килограми се обидуваше на текстот на обвинението да му додаде драмски елементи, особено во деловите каде се опишуваа противдржавните дејства на обвинетиот. А тој остана смирен и не го тргна погледот од обвинителот стегнат во тесна воена униформа. Само понекогаш ќе ја закосеше главата и ќе погледнеше на лево, кон ѕидот без прозорци на кои со големи црвени букви беше испишана паролата „Долу народните непријатели!“. Тогаш браздите на образите му стануваа подлабоки, а густите веѓи му се доближуваа. И во тие моменти во мислите ми се јави Вјекослав, мојот стар пријател уште од мојот престој во Печуј. Беше подобар мечувалец од мене и искрено признавам поголем идеалист. Јас подобро пишував од него и повторно искрено, повеќе нештата ги гледав со разумот. Кај Вјеко, срцето беше господарот. Војната, фала богу, ја преживеавме и го дочекавме настанувањето на новата држава. Заедно бевме и во Бјеловар, 1919 година. Гледавме кон исток, кон случувањата кои доаѓаа од големата земја, имавме големи очекувања и верувавме дека светот, еве сега, ќе биде подобар и посреќен. Потоа јас борбата ја продолжив со полемики, книжевни критики, книжевни пресметки и кафански муабетења, а Вјеко борбата знаеше да ја води со револвер. Окапа по разните затвори, скоро осум години. Колку можев помагав, но признавам понекогаш не можев ништо да сторам и покрај бројните познанства што ги имав. И така сè до 1936 година кога Вјеко излезе, по не знам кој пат, од затвор, а во Шпанија започна граѓанската војна. И не му требаше многу на Вјеко за повторно понесен од она што му говори срцето да тргне воден од своите длабоко вкоренети идеали кон непознатата топла земја за која единствено што знаеше е дека има преубави жени и дека ако сега не помогне во борбата, фашизмот еднаш засекогаш ќе го освои светот и секоја слободна и демократска мисла и идеја засекогаш ќе биде загубена. Кон Шпанија тргна илегално затоа што легално не можеше да ја напушти земјата, имаше предебело полициско досие. Преку Павле Грегориќ некако извади фалц документи, ама, за секој случај, границата кон Австрија ја помина илегално. Потоа беше полесно до Париз, а оттаму во организирани групи од пет до седум лица преку скриени, планински патчиња стигна во Шпанија. Во Шпанија остана до почетокот на 1939 година кога Интернационалните бригади беа распуштени и доброволците кои беа дојдени во Шпанија мораа да се вратат во своите земји. Таму ги помина сите големи битки, неколкупати рануван, од одбраната на Мадрид, битката на Харама, фронтот во Арагон, преку битката на Ебро, за да заврши на крај во воениот логор Аржелес сур мер во Франција каде остана сè до пред капитулацијата на Франција, во јуни 1940 година. Успеа некако да избега пред нацистите да дојдат до логорот и преку Италија да се врати дома, во Загреб. Во Загреб, сите тие години, немаше кој да го чека, куќичката во Дубрава му зјаеше долго празна, немаше фамилија, не беше женет, но нè имаше нас, неколкумината пријатели од доверба. Секогаш со гордост ми ја покажуваше фотографијата на која во центарот стоеше насмеаната Долорес Ибарури со цврсто стисната и дигната десна тупаница, а околу неа насобрани бројни доброволци дојдени од сите страни на светот, меѓу кои и тој. Ми ги опишуваше случувањата пред и по настанувањето на фотографијата, посебно ја ценеше Ибарури и секогаш наоѓаше оправдание за нејзините постапки и решенија донесени во текот на војната, секогаш кога јас ќе изнесев некое мое спротивно видување или размислување за споменатите настани. Имаше Вјеко и една згужвана фотографија со Дурути, но таа ми ја покажа само еднаш и повеќе не ја видов. Во тие долги беседи на Вјеко имаше еден посебен дел, сакаше да зборува за луѓето кои ги сретнал и запознал во Шпанија и во воениот логор во Франција. Сакаше да ми ги пренесе тие животни приказни веројатно несвесно поврзувајќи го тоа со моето пишување. Вјеко како да ми предаваше историски, воен и доверлив материјал кој сакаше да го зачува од заборавот. Беше свесен дека многу од сето тоа ако не биде кажано и запишано полека ќе биде заборавено. Времињата кои доаѓаа, добро знаеше, не се добри. Неизвесноста и опасноста ја чувствуваше, па затоа постојано одеднаш без никаков повод, среде муабет, ќе се потсетеше на некого и потоа долго кажуваше за него, за тој свој шпански познаник, другар, соборец, сè со единствена цел, да остане ситна, вербална трага од тие приказни во умовите на присутните. И така, од сите тие кажувања и приказни на Вјеко, посебно внимание ми привлече приказната за Диме Македонецот. Никогаш Вјеко не ми го кажа презимето на човекот кого го беше запознал во логорот во Франција, иако повеќепати се навраќаше на приказната за Диме Македонецот, во зависност од ситуацијата и темата на разговорите постојано ја дополнуваше со нови информации, покажувајќи на тој начин посебна почит кон човекот со кого се запознале како воени пленици во Франција и, патем, станале добри пријатели. Како што кажуваше Вјеко, Диме бил десетина години помлад од него, но со големо животно и револуционерно искуство, и зборувал совршено шпански. Дури совршено ги владеел и шпанските дијалекти. Околу него во логорот постојано имало луѓе, едноставно, Диме немал проблем со комуникацијата затоа што покрај шпанскиот говорел и руски, бугарски, француски, германски, италијански и, нормално, македонски јазик. Во контактите, преку честите разговори, Вјеко ја дознал животната приказна на Диме Македонецот. На почеток се чудел како е можно некој толку совршено да го владее туѓиот шпански јазик и никако не можел да поверува дека Диме не е Шпанец, туку Македонец. Во нивните разговори, Диме честопати ги изнесувал своите погледи и размислувања за поразот на Републиканците во Граѓанската војна во Шпанија. Неговите политички и општествени ставови секогаш биле поткрепени со јасни, рационални непобитни факти што посебно го фасцинирало Вјеко, кој во животот секогаш повеќе се раководел со срцето отколку со разумот. Кога во една прилика го запрашал кој факултет го има завршено и каде студирал, Диме гласно се изнасмеал и му кажал дека студирал и полагал испити на многу места низ светот со својата револуционерна активност, а потоа со сериозен глас му прошепотил дека во Шпанија паднал на испитот. Вјеко дознал дека Диме бил роден на југот од Македонија, во сиромашно семејство кое притиснато од немаштијата било приморано прво да се пресели во Србија, па оттаму да емигрира во Бугарија. Еден период работел како амал, без постојана работа, па увидел дека така работата не води кон ништо и по сугестија на свои блиски пријатели заминал за далечната Аргентина, на печалба. Во Аргентина брзо се поврзал со своите сонародници од Македонската прогресивна организација и работејќи физичка работа во големи бродски и градежни компании брзо се активирал во работничкото и синдикалното движење. Вјеко бил фасциниран од револуционерната амбиција на Диме кој и покрај работата и бројните активности наоѓал време за да чита марксистичка литература и стекнатите теоретски знаења да ги преточува во конкретна акција. Набргу станал член на Комунистичката партија на Аргентина и на Антиимперијалистичката лига на Аргентина. Брзо и уверливо ја наметнувал својата вредност. Набргу бил избран за член на Секретаријатот на Комунистичката партија на Аргентина, највисокото партиско тело. По забраната за делување, аргентинските комунисти морале да прејдат во илегала, но акциите продолжиле. Диме ја продолжил својата борба и учествувал во неколку герилски урбани акции. Но набргу бил уапсен и осуден на строг затвор. Диме во Аргентина престојувал шест години од кои една третина поминал во затвор. Кога Франко тргнал од Мароко да ја руши Шпанската Република, Диме бил меѓу дваесет и седумте аргентински доброволци кои со белгискиот брод „Персиер“ го поминале Атлантскиот Океан. Вјеко длабоко во себе ја носеше сопствената импресија поттикната од зборовите на Диме за фасцинацијата на Аргентинците кога се приклучиле во одбраната на Мадрид и за првпат добиле оружје. Се присети дека Аргентинците тргнале од Валенсија кон Мадрид со воз. Поради оштетување на пругата возот бил запрен веднаш штом го поминал Аранхуес. Групата Аргентинци потоа патот го продолжила пеш. Преморени, некаде на полноќ, гладни и валкани пристигнале пред една стара голема дрвена порта. Кога портата се отворила, влегле во една касарна која била преполна со луѓе кои говореле на различни јазици. Тогаш сфатиле дека се во Мадрид во базата на интернационалните бригади. Прво мислеле дека ќе бидат распределени во артилеријата бидејќи насекаде околу себе гледале артилериско оружје, но наскоро биле повикани во складовите со оружје од каде што им биле поделени нови, неупотребувани и добро подмачкани пушки. Радоста на Аргентинците била голема, поверувале дека уште наредниот ден ќе бидат разместени на фронтот, но им било кажано дека муниција ќе добијат дури по неколку дена. Малку биле разочарани, но знаеле дека првата битка не е далеку. Така била формирана Латиноамериканската бригада во која имало доброволци од Аргентина Бразил, Куба, Чиле и стотина Шпанци. Додека ја чекале муницијата Мадрид постојано бил напаѓан од страна на германските и италијанските бомбардери. Иако центарот на градот бил многу разурнат, низ градските улици, меѓу две бомбардирања, имало многу насмеан народ кој покажувал решителност да се бори за својот град и да им даде жесток отпор на агресорите. Бригадата, неколку дена откако добила муниција и се зајакнала со неколку тешки митралези, тргнала кон фронтот. Додека се движеле полека низ разурнатиот град, започнало жестоко бомбардирање. Доброволците биле принудени да го прекинат пробивањето и да залегнат и да се засолнат по кратерите направени од паднатите бомби. Паднале и првите жртви, а уште не биле стигнати на фронтот. Првиот командант на бригадата, Аргентинецот Сабатини, загинал на самиот излез од центарот на градот. Командата веднаш ја презел неговиот заменик и бригадата продолжила кон периферијата на Мадрид. Градот се подготвувал за одбрана, граѓаните ја ваделе калдрмата и со циглите од разурнатите згради и куќи подигнувале барикади, ги чекале подготвени и без страв фалангите на Франко. Бригадата полека го напуштила градот и се приближила до реката Мансанарес каде што требало да се заземе борбена позиција. Цело деноноќие бригадата ја менувала својата борбена позиција и се позиционирала на разни околни ридови, така што исцрпеноста на борците била голема. На осумстотини метри од нив во правец кон Мадрид се водела голема битка, постојано биле надлетувани од непријателските авиони, но не добивале наредба директно да се вклучат во битката. Одеднаш борците забележале силен оган од зад грб. Новата позиција им била прилично непогодна бидејќи се наоѓале на отворено брдо на кое биле посадени млади маслинови дрва. Тенките стебла им биле единствената заштита од непријателскиот оган. Не требало да помине долго време за да сфатат дека се опколени и дека имаат големи загуби. Одеднаш забележале дека од левата борбена линија им се приближува до заби наоружана мароканска непријателска бригада. Мароканците биле познати како незгодни и непредвидливи противници. Тропале на тапани и гласно викале со крици кои на противниците требало да им влее страв во коски. Соборците на Диме сфатиле дека се опколени и дека мораат нешто да сторат за да се извлечат од обрачот. Постојано ги надлетувале авиони, не ги бомбардирале само поради близината на Мароканците, но како да сакале да им покажат дека позицијата им е безнедежна и дека тука им е крајот, уште во првата битка. Паднала наредба да се прикачат бајонетите на пушките и да се извадат ножевите. Тргнале во јуриш, во пробивање на обрачот. Диме заедно со еден свој соборец, аргентински Литванец, со рафалите од тешкиот митралез го чистеле просторот пред себе, кон дивите и гласни Мароканци. После тоа следел жесток јуриш. Настанала борба гради в гради. Вревата и криците само ја потврдувале жестокоста на битката која сè повеќе наликувала на вистински колеж. Мароканците притиснати морале да се повлечат, но интербригадистите, немале сили да тргнат по нив и да ги бркаат, едноставно само зазеле нови позиции и се обиделе да се притаат за да здивнат малку. Кога се преброиле, виделе дека загубите се големи. Но мирот и тишината не траеле долго. Прегрупираните Мароканци, засилени со нови единици кои пристигнале преку реката, повторно нападнале. Свесни за ситуацијата интербригадистите сега ја смениле тактиката. Ги збиле своите редови и решиле да ги чекаат непријателите со жесток оган. Свесни дека им привршува муницијата, направиле план да пукаат само во сигурни цели, на блиско растојание. Биле решени да ја добијат својата прва битка по секоја цена. Мароканците тргнале, но набрзо застанале. Веднаш по тоа жесток артилериски оган ги погодил позициите на интербригадистите. Имало мртви на сите страни, повеќе никој не ги броел мртвите тела. Знаеле дека би било тешко, но главната цел им била да издржат до заоѓањето на сонцето. А сонцето никако не заоѓало – цела вечност. И кога се помириле со поразот и со отворени очи ја чекале смртта се случил ненадеен републикански напад од зад грб на непријателот и за кратко време обрачот бил пробиен. Диме бил тешко ранет и се разбудил по два дена во импровизираната болница во едно селско училиште. Дознал дека од дваесет и седуммината Аргентинци кои го поминале океанот во малиот белгиски брод, живи останале само четворица.

Вјеко неколкупати ми ја кажа оваа приказна која ја слушнал лично од Диме Македонецот, во логорот во Франција. Исто така, од Вјеко дознав дека Диме набргу заздравел, дека раните зараснале и дека ја продолжил борбата, на првата линија на фронтот. Уште два пати бил рануван и се стекнал со чин капетан во Републиканската армија. Станал и член на Комунистичката партија на Шпанија.

Борбените и животни патишта на Вјеко и Диме се разделиле по нивното бегство од логорот во Франција. Вјеко се враќа во Загреб, а Диме преку Бугарија, во Македонија.

Откако се врати, со Вјеко често се среќававме и разговаравме. Никогаш јасно не ми кажа, но кај него забележав едно големо разочарување. Никогаш ништо конкретно не ми зборуваше за тоа, но како да се дистанцира од својата политичка активност. Ги прекина повеќето контакти со своите левичарски познаници и се повлече. Се сеќавам дека се сретнавме вечерта на десетти април, четириесет и првата, откако Славко Кватерник преку радио го обзнани настанувањето на новата држава, Независна Држава Хрватска, испивме еден литар бело вино во молчалива атмосфера, кога Вјеко само ме погледна со мрачен поглед и ми рече: „Е сега ќе биде навистина тешко.“

И беше навистина тешко, за Вјеко. Набрзо го уапси усташката полиција само затоа што беше деклариран левичар и шпански борец. Во затворот помина низ тешка голгота. Знаев тогаш дека нешто морам да направам за него, иако искрено и јас се плашев за себе во тие мрачни, нејасни времиња. Новата власт беше сурова кон сите кои ѝ беа сомнителни. Знаев дека и јас бев меѓу нив, но сметав дека секогаш можев да се потпрам на своите бројни познаници кои ме ценеа, а политички припаѓаа на повеќе страни. Се сетив на Владо Сингер, раководителот на Усташката надзорна служба, главното разузнавачко и контраразузнавачко тело на новата држава. Со Сингер се познавав уште од крајот на дваесеттите години кога на загребскиот универзитет ги организираше протестите против шестојануарската диктатура на Кралот Александар Караѓорѓевиќ. Сингер честопати соработуваше и со комунистите и ги координираше со нив активностите на својата националистичка студентска група, затоа што беше свесен дека и едните и другите имаат еден заеднички непријател. Потоа беше затворен, а кога излезе од затвор замина во емиграција, прво во Австрија, па во Италија. Кога настана новата држава се врати на голема врата во политиката и стана раководител на разузнувачката служба на новата држава. Но Сингер остана чесен и праведен, го знаев тоа јас, но ми го посочија и други. Некако успеав да стигнам до него и да му го кажам проблемот на Вјеко. Пријателски беше настроен кон мене, вниметелно ме сослуша, потоа неколку мига молчеше и на разделба ми рече дека во овие тешки времиња ќе се обиде да направи сè што е во негова можност за да помогне. Ми делуваше уверливо и јас му верував. И без тоа, немав друга опција.

Набргу Вјеко го пуштија од затворот. Претепан, со скршени ребра и без заби, не можеше да стои повеќе од пет минути на сопствените нозе. Лежеше во кревет дваесетина дена, плукаше крв и почина. Тие дваесетина дена го видов два пати. Ништо не кажа за своите маки во затворот, но со погледот како да сакаше да ми се заблагодари што со мојата врска и ургенција му овозможив да почине на својата постела, во својот кревет.

И судбината на Владо Сингер е трагична. Одредени структури во високите усташки кругови не го поднесуваа младиот националист кој го красеше огромна организациска способност и беше необично близок со Поглавникот. Му наместија една афера во загребската пошта и во соработка со германските служби го наклеветија кај Поглавникот дека е виновен за настанот поради неговата предвоена блискост со комунистите. Го разрешија од функцијата, го уапсија и го затворија, прво во Јасеновац, а потоа во Стара Градишка, каде што го убија во октомври, четириесет и третата. Се говореше дека главната причина за неговата смена и ликвидирање, не беа ни настанот во загребската пошта, ни судирот со Поглавникот, туку неговата еврејска крв.

„За ширење на непријателска агитација и пропаганда на линија на Информбирото…“, извика ненадејно обвинителот во својот монотон, приспивен говор и јас повторно бев во судницата , во последниот ред, десно од големиот столб.

Обвинетиот седеше и скоро рамнодушно го слушаше сопственото обвинение. Долгото обвинение накитено со обвинителски фрази, производ на новото време, некако тешко го привлекуваше вниманието на присутните. Имав чувство дека само новинарите внимателно слушаат и нешто прибележуваат во тефтерите. Кога обвинителот го прочита обвинението прво го погледна обвинетиот, тој и понатаму седеше мирно и спокојно, па се сврте кон судијата. Судијата, откако прибележи нешто во бележникот пред себе, побара од обвинетиот да се произнесе по обвинението. Дали тоа беше смислено, не знам, но судијата воопшто не го праша обвинетиот дали се чувствува виновен. Тоа како да се подразбираше. Но имав чувство дека обвинетиот тоа и го очекуваше. Достоинствено стана од своето место и се упати кон малата полукружна судска говорница. Влезе во неа, ги стави дланките на дрвената ограда и достоинствено се исправи. Погледна кон фотографиите на ѕидот, над судијата, најголемата на Тито и двете помали на Маркс и Енгелс, длабоко и гласно се издиша, па го спушти погледот директно на судијата.

„Почитуван судија и почитуван народен суде, можам со својата чест да гарантирам дека објавата на Резолуцијата на Коминформот во која е нападната нашата партија, нашата југословенска партија, ги изненади и зачуди и нашето раководство и нашиот народ. На почетокот, јас, таа Резолуција, не ја сфатив сериозно, а нејзината суштина воопшто и не ми беше разбирлива. Помислив и сакав да верувам дека Резолуцијата е еден обичен акт на несогласување кој нема долго да трае и дека проблемот наскоро ќе се реши. Ќе ја искористам оваа говорница и овој народен суд да го објаснам својот став кон овој спор. Кога се појави овој спор, јас во себе водев тешка психолошка војна која извираше од моите сфаќања за борбите во сите комунистички партии. Член сум на Комунистичката партија на Аргентина од 1932 година и директно видов и се уверив колку аргентинските другари веруваат во принципите на марксизмот и ленинизмот. Нивната почит кон мене беше огромна. Кога отидов да се борам во Шпанија, станав член на Комунистичката партија на Шпанија и таму го почувствував истото. И откако успеав да избегам од логорот во Франција на своја кожа ја почувствував грижата на комунистите кои ми овозможија да го продолжам својот живот и својата борба. Истото го доживеав и во Бугарија. Насекаде ја видов одлучноста на тие луѓе да истрајат на патот на марксизмот и ленинизмот. Морам тука да нагласам дека сите ние кои бевме во раководните структури на борбата против фашизмот постојано ги спомнувавме и зборувавме за Советскиот Сојуз и за Сталин. Кога се објави Резолуцијата, се присетив на целото мое минато и не бев во состојба гласно да ги осудам комунистичките партии и другарите кои беа под закрила на Советската партија. Мислам дека тие чесни луѓе и сега се борат за принципите на марксизмот и ленинизмот. Јас не можев едноставно да ги нападнам. Многу поминав со нив. Така признавам станав пасивен, се согласував со ставот на нашата партија, но како нејзин член не го спроведував тој став. Како судирот стануваше сè пожесток, така мене ми беше сè потешко. Од една страна ја сфаќав правилната политика на КПЈ, но не можев ни отворено да го нападнам Советскиот Сојуз.

Сигурно ќе ме прашате зошто не ја осудив Резолуцијата на Информбирото? И ќе ви кажам: затоа што Советскиот Сојуз и Советската партија за мене се главни фактори и светски центри на напредокот и на останатите земји, партии и народи. Од моето искуство, јас имам сфатено дека Советскиот Сојуз е таа сила без чија помош, и материјална и морална, револуционерните движења ширум светот не би успеале во своите настојувања. Овој факт ми го зацврсти сфаќањето дека тие се во право, но се разбира не ми беше сеедно кога ги слушав жестоките напади кон нашата земја, Југославија. Сепак напредните сили во светот полека почнаа да ги преземаат работите во свои раце само благодарејќи на помошта на Советскиот Сојуз. Ако подобро погледнеме, ќе видиме дека Советскиот Сојуз заедно со останатите комунистички земји кои победија во Втората светска војна бројат заедно скоро триста милиони луѓе. Ако тука ја сметаме и Народна Република Кина со скоро половина милијарда луѓе, тоа е навистина голема бројка. Ако се пресметаат и напредните здруженија во Латинска Америка и во останатиот дел од светот, тоа е уште седумдесет милиони луѓе кои индиректно или директно се поврзани со Советскиот Сојуз. Кога ќе се погледнат овие факти, мислам дека Советскиот Сојуз во денешно време има голема светска улога. Исто така, и во некогаш реакционерната Италија, денес под влијание на Советскиот Сојуз, настанаа широки работнички и селски движења кои бројат неколку милиони луѓе Иста е ситуацијата и во Источна и во Западна Германија каде оживеа работничкото напредно движење. Според ова, сметам дека ставот на Југославија го ослабнува напредното движење. Јас се согласувам дека овој сојуз на напредните земји еднаш треба да заврши, но тоа би се случило оној момент кога на светот нема да му претстои опасност од капиталистичко поробување. Впрочем, и марксистичката наука тоа го потврдува, еден народ, доколку тоа е во негов интерес и не го слабее општиот интерес на социјализмот и напредното движење, има право на определување, сè до отцепување.“

Обвинетиот тука подзастана, како да сакаше да земе малку здив. Тоа вешто го чекаше и сакаше да го искористи обвинителот кој посака да го прекине прилично уверливиот говор на обвинетиот. „Дали вашиот став, денес, за судирот помеѓу Информбирото и нашата партија и земја останува ист како и во четириесет и осмата кога избива спорот?“ го праша со повишен, строг тон.

„Да, но јас бев уверен дека овој спор ќе се реши брзо и на мирен начин. И не можам да се сложам и да ги прифатам тезите дека Советскиот Сојуз е империјалистичка земја еднаква со западните империјалистички земји. Не можам да се согласам дека во неа нема социјализам, дека Советите се агресори. Морам да потенцирам дека овој мој став е поткрепен со фактот што во нашата партија воопшто не постои демократија…“

Тука, обвинителот срипа од своето столче и црвен во лицето почна да го опсипува обвинетиот со прашања: Зошто честопати престојувал во Бугарија? Дали стои на линијата на бугарските комунисти? Дали се чувствува за Бугарин? Зошто ги изневерил принципите на македонските комунисти, на АВНОЈ и на вистинската социјалистичка револуција? Со кого сè имал контакт кога престојувал во Советскиот Сојуз, на воената акедемија „Фрунзе“? Дали е руски или британски шпион? На кого му предавал доверливи воени податоци, како потполковник и командант на Ваљевската воена област?

Обвинетиот мирно одговараше на прашањата и во целост ги отфрлаше обвинувањата. Во салата беше претопло. По челото на обвинителот се лизгаа капки пот додека говореше обвинетиот. Стоеше исправен на судската говорница, а со секој искажан збор како полека да ја добиваше наклонетоста на присутните. Знаев дека нарачаните текстови кои веќе наредниот ден ќе се појават во весниците ќе го претставуваат како убеден информбировец и странски шпион кој ја предал партијата и земјата. Сепак бев свесен дека и најтврдокорните апаратчици не можат да останат имуни на неговото бестрашно достоинствено држење. Тие и понатаму јавно ќе продолжат да го плукаат, ќе говарат сè и сешто за неговиот неморал и предавство, но длабоко во себе, во моментите кога ќе бидат сами, соочени со совеста, ќе ја признаат пред себе невидената храброст на еден човек кој можеше да изгуби сè, а сакаше да ги зачува само своите уверувања.

Судијата кој го водеше судењето му ја препушти иницијативата на обвинителот. Често ги прекинуваше одговорите на обвинетиот, обидувајќи се на тој начин да го извади од колосек и да добие некој неразумен, непромислен одговор. Но сè беше залудно, обвинетиот целосно ја контролираше својата мисла и своите зборови. А тоа, знаев, беше толку лесно, неговите убедувања беа искрени, силни и длабоки.

Судијата сфати дека нешто мора да се стори. Вака очигледно не одеше. Без некоја видлива причина го прекина судењето и закажа ново рочиште за два дена, на кое како што најави, ќе биле повикани бројни сведоци од страна на обвинителството. Потоа сите станаа и судијата ја напушти салата. Замина и обвинителот, лут со брз војнички чекор кој одекнуваше низ салата. Обвинетиот мирно седеше и чекаше. И понатаму беше смирен, но на лицето му се забележуваше умор и исцрпеност. Кога милиционерите станаа, стана и тој и полека во нивна придружба тргна кон вратата. Гледаше пред себе, ни лево ни десно. Во еден момент пред вратата, ја заврте главата и погледна кон ѕидот на кој стоеше паролата „Долу народните непријатели“. Длабоко се издиша и излезе.

Денот беше навистина топол, а квечерината необично спарна. Имав чувство како Загреб одвај да дише од влагата во воздухот. Така се чувствував и јас, исто како градот, и ја впивав воздушната влага во своите бели дробови. Бела, жена ми, влезе во мојата работна соба и се обиде да ме извлече од неа, спомнувајќи некакви овошни колачи и ладен сок. Ѝ кажав дека не сакам. Потоа влезе, ми спомна дека сега е најдобро време за да ги полевам ружите во дворот, долж патеката која водеше од капијата до влезната врата на куќата. Ѝ реков дека не можам. Влезе уште еднаш и ми спомна некоја изложба чие отворање ќе било утре. Ќе било убаво и ние да сме се појавеле, ми рече и го чекаше моето мислење. И кажав дека во последно време не поднесувам изложби. Овој пат излезе подналутена, а кога влезе по неколку минути повторно, едноставно ми кажа дека излегува, дека ќе оди кај една своја братучетка, дека можеби ќе се врати доцна и дека, за секој случај, ќе го понесе својот клуч од влезната врата на куќата. Потоа нервозно излезе и знаев дека повторно, таа приквечерина, нема да влезе во мојата работна соба.

Седев на работната маса под ширум отворениот прозорец и се обидував да се зафатам со корекции на еден мој ракопис, кој го работев долго време. Го започнав уште пред војната, за време на воените години нешто поднапишав, но некако случувањата ми ги оттргнуваа мислите во друг правец. По ослободувањето, помислив дека и мојата мисла е ослободена и дека сега ќе полета кон творечките висини. Но сфатив дека на мислата не ѝ треба слобода, затоа што таа, слободата, реално никогаш вистински и не постоела, иако многумина, еве денес, декларативно потврдуваат дека конечно е тука. На мислата не ѝ треба лажната непостоечка измислена слобода, на мислата ѝ треба поттик. Само поттик, и ништо друго. Голем меур сапуница е вербата во слободата на мислата. Пука одеднаш без некоја јасна причина. Приказните за слободата на мислата се приказни за мали дечиња, оние кои ќе ги прифатат несвесно не сфаќаат дека баш со тој гест на прифаќање се откажуваат и од слободата, а и од мислата.

Не наоѓајќи задоволство во корекциите, помислив да излезам и да поминам до Гундуличевата улица, до Корзо, до моето омилено место за добар ладен гемишт. Сепак, брзо ја отфрлив таа идеја, затоа што знаев дека таму ќе сретнам многу луѓе, драги и не толку драги, ќе сретнев пријатели, добри пријатели и лажни пријатели, и со сите нив ќе треба да разменам барем по неколку реченици, дозирајќи ја сопствената насмевка, а искрено вечерта некако не ми се разговараше со никого. Вјекослав често велеше дека за добар гемишт секогаш треба добро друштво.

Во собата полека почна да се стемнува, па ги запалив двете ламби на работната маса. Гледав во ракописот и сфатив дека не сум доволно сконцентриран и внесен во текстот. Неколкупати се враќав на истите реченици, а неколкупати забележав дека и не знам што сум прочитал. Ги собрав листовите, ги ставив во папката, ја ставив на работ од масата и благо ја поттурнав кон ѕидот. Се наслонив во столот и на двата спротивни ѕида во собата ги забележав сопствените сенки. Дали се идентични, дали левата е иста со десната, помислив. И ја вртев главата, ту лево, ту десно. Не успеав во ист момент да ја видам својата десна и својата лева сенка. Не можев да ги споредам. И тогаш ја погледнав широката работна маса и на нејзината лева страна, на самиот раб омеѓен со полицата со книги, го здогледав денешниот број на „Вјесник“. Посегнав и го земав. Во него беше дебелата книга. Мојата книга од триесет и втората. Ја извадив книгата и го отворив весникот. Го отворив на втората страна. Го погледнав опширниот текст поради кој весникот изутрина го листав од првата страна. Наднаслов: „Почнува судењето во Загребскиот воен суд“, Наслов: „Командантот на Ваљевската воена област против својата земја и партија“. Текстот сега не го зачитав, затоа што денес го прочитав најмалку десетина пати. Уште едно читање не беше потребно, ќе беше премногу.

Ја земав „Од нашата книжевна крчма“. Ја гледав корицата, го прочитав сопственото име, па ја разлистав. Го отворив воведот и почнав да го читам без ред. „Јас не се бранам себе од книжевната критика, туку од нападите и плукањето кои со книжевната критика немаат никаква врска. Јас го оспорувам правото на некои поединци да искажуваат судови во јавноста затоа што тие нивни судови се базирани на лага.“. Ова сум го напишал одамна, помислив и болно се насмевнав. Се насмевнаа и сенките во собата, и левата и десната.

Вјеко знаеше често да каже дека книжевните критичари се неспособни, неталентирани, промашени писатели, јас се мрштев и често го разубедував, но тој упорно го бранеше искажаниот став. Вјеко знаеше да си ги брани ставовите и успеваше во тоа. Но за жал, мојот пријател не знаеше или пак не успеа да се одбрани себе.

На крајот на воведот сум напишал дека песната на Шандор Петефи, онаа за волците, од која бев фасциниран во раната младост, ми била најголем поттик за да почнам да пишувам. Исто така, во таа, сега далечна триесет и втора, сум заклучил дека е подобро да се биде крвав и гладен, токму како волкот од песната на Петефи, отколку да се лае гласно, моќно и бесно, но врзан на краток синџир.

Ја оставив отворената книга на масата. Погледнав низ прозорецот во мракот кој полека почна да го прекрива градот. Поради празнината која ми ги подјадуваше душата и спокојот, колачите останаа неизедени, сокот стоплен и неиспиен, ружите ќе бидат навадени изутрина, а на ликовната изложба ќе се кочоперат и смешкаат некои други, а не јас и Бела.

Во собната мешавина на мрак и светлина, го затворив очите. Зад клепките, во судницата на Воениот суд во Загреб, овој спарен загребски ден, го видов него, го видов Диме Македонецот, капетанот, шпанскиот борец, аргентинскиот комунист, герилецот, кадетот на „Фрунзе“, потполковникот на ЈНА, обвинетиот командант на воена област, го видов него, волкот на Петефи. Неговата пресметка со нив, но и со сите нас кои само мислиме дека сме поразлични од нив, потврди дека во една ваква крчма нема место за молк. Сепак, сметката, на крајот, може да биде многу, многу висока.
ЗА АВТОРОТ

Владимир Илиевски

ВЛАДИМИР ИЛИЕВСКИ (1970), поет, прозаист и книжевен теоретичар. Дипломирал и магистрирал на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор на поетските книги: Гледач на линија, Избор и случајности, Мојата лична амортизација, Нема исти утра, Ноќна еротска програма, Лични податоци и Брзината не убива, на збирката раскази Пената на црниот бран, книгата научни студии Цитатноста во лириката и романот Суво мастило кој влезе во потесен круг за наградата Роман на годината за 2020 година. Неговите дела се преведени на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и англиски јазик.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ