Роб сум. Ме донесоа во синџири, распартален и валкан во овој бучен град кој базди на мирисна мешавина од измет, гниеж и розини пупки пред цели седум години. Ме прашувате од каде сум? А што е важно тоа, од каде сум. Од далеку сум, од исток. Од таму сум кадешто изгрејсонцето, планините и небото можат слободно и долго во од да се гледаат и не постои опасност некои грди и превисоки инсули со зачудувачки идентични фасади да ти го попречат видикот. Не е важно од каде сум, затоа што знам дека никогаш повеќе нема да го видам моето родно село, нашата дрвена куќа, ниту реката нема да ја видам од која мајка ми секое утро црпеше вода, ниту татко ми како сее јачмен и ги брка упорните птици, ниту браќата и сестрите ќе ги видам, ниту неа ќе ја видам повторно како го мота долгиот прамен коса на показалецот и крадешкум ме погледнува.
А сега, слушајте добро што ќе ви кажам. И немам намера ова да ви го повторувам. Добро да знаете. Дојдов во овој ридест, валкан град, како што ви кажав, пред повеќе од седум години. Подобро кажано, ме донесоа окован во синџир чиј ѕвекот и сега ми ечи во ушите. Но морам да признаам дека имав среќа. Имав голема, невидена среќа, верувајте. Преку некои свои посредници ме купи предобриот Тит Валериј еден врел летен ден на бучнот пазар за робови во Ефес, а потоа следеше вистинско, мачно патешествие. По мориња, со кораби чија внатрешност корнеше на урина и пот, по полиња со расклатени воловски запреги кои лесно во кал заглавуваа, по планини, со голиве стапала и, на крај, некако стигнавме во славниов Рим. А зошто ме купи, ви кажувам, навистина не знам. Запознавајќи го добро мојот предобар господар, како минуваше времето, сфатив дека и немал некоја преголема потреба да ме купи. Мислам дека предобриот Тит Валериј, едноставно кажано, само почитувал некое непишано правило дека Римјаните од самиот врв треба, одвреме-навреме, да си го обновуваат својот посед на робови. Претпоставувам дека посредниците не дале некоја голема пара за мене. Не сум ни претерано силен, ни премногу убав. Дали сум итар, прашувате? Е тоа не го знам. За тоа вие полесно ќе можете да одговорите. Да бидам искрен, овие богати и самобендисани Римјани не се нешто претерано сурови кон своите робови. Имам чувство дека кон нас се однесуваат како кон говеда подготвени за пролетно орање кои постојано треба да се здрави и сити. Сепак, има и исклучоци, ретки се, но ги има и во Градов, ги има низ целата Империја; тоа се оние расипани, бездушни господари со камени, тешки срца кои со своето однесување кон своите робови, а посебно кон младите, убави и преплашени робинки, се покажуваат како оковани робови на ниските страсти и расипаните мисли. Понекогаш од разговорите со другите робови дознавам за односот кон робовите во други краишта и заклучувам дека ако си роб, вистинска среќа е да бидеш роб во Рим. Мојот предобар господар Тит Валериј има огромен домус во Рим, но навистина не знам колку земја вкупно поседува. Има поседи во околината на Рим, околу петнаесет илјади југеруми површина во лозови насади, маслинови стебла, пасишта и нешто млада шума, во Сирија исто така има голем посед, а дознав бидејќи се консултираше со мене, дека купил плодна земја и во мојата Тракија.
Животот во домусот на Тит Валериј беше убав. На почеток работев физичка работа. Товарав, растоварав, влечев, буткав, орав, сеев, жнеев, поправав буриња, чистев јами, но сепак, тоа и не беше така тешко. Секогаш бев најаден и чист, спиев на топло и меко легло, во посебна просторија на имотот во која беа сместени робовите, а за која ќе ни позавидеа бедните слободни Римјани кои бесцелно и без скршена пара ги мереа тесните улици и пред секој подобро облечен минувач ја подаваа својата рака и просеа.
Едно дождливо утро се чувствуваше несекојдневна вознемиреност во домот на Тит Валериј. Неговите верни робинки како муви без глава постојано некаде трчаа. Додека ја чистев шталата внатре влета Диотима, убавата Гркинка, се потпре на оградата како да сакаше да се одмори и вознемирено ми кажа дека помалата ќеркичка на Тит Валериј има страшна грозница и е во бунило. Господарот, ми рече Диотима, е полуден, ја удира главата во ѕид и ги моли и преколнува сите бајачки и лекари и сите богови римски и неримски да му помогнат. Ја оставив лопатата, ја фатив за рака робинката и ѝ реков да ме однесе кај господарот бидејќи добро ги познавам билките. Во мојот крај сите добро ги познаваме билките. Со нив се лечевме, а со нив понекогаш и ги заборававме тешкотиите на животот. Девојката чудно ме погледна, ништо не ме праша и ме поведе во домусот.
Во домот на господарот беше раздвижено, но беше тивко. Околу креветот на девојчето стоеја неколку жени со влажни очи. Тит Валериј стоеше настрана во собата и изгубено гледаше во подот. Плачеше. Му пријдов. Господару, му реков, може ли да помогнам? Помагај, ако можеш, ја подигна главата, ме погледна со очи на давеник кои во разбрануваното море виделе сламка. Им реков на жените да ги тргнат тешките завеси за да влезе свеж воздух во собата. Го допрев челото на девојчето. Гореше. Девојчето се тресеше и ги мрдаше помодрените устиња. Побарав да ми донесат ʼржано, јачменово и пченично брашно, маслиново масло, и добар вински оцет. Направив смеса од сè тоа. Од таквата смеса нанесов тенки облоги на вратот, градите и стапалата на девојчето. Го покрив со тенка ткаенина и ѝ реков на една робинка постојано да го топи челото на девојчето со благ раствор на вино, вински оцет и вода. Во меѓувреме, подготвив напиток од цветови на липа, маточина, мајчина душичка, камилица и уште неколку други билки што не ви ги кажувам и ѝ заповедав на друга робинка одвреме-навреме со мало лажиче да истура од течноста во устето на девојчето. Облогите ги менувавме цел ден и цела ноќ. Изутрината тресењето исчезна, врелината на телцето згасна, девојчето ги отвори очињата, го побара татка си, се насмеа и посака ладна вода. Радоста на Тит Валериј беше огромна. Играше во дворот, пееше и ги повика сите робови и робинки да пеат и пијат со него. Сите пеевме и игравме цела ноќ. Тит Валериј беше пресреќен. Сите ги гушкаше под големиот трем на домусот и богато ги даруваше. Сите бевме среќни и се радувавме на среќата на господарот, затоа што тој беше навистина добар човек. Ноќта ништо не ми рече, но откако му помина мамурлукот ме повика и ми кажа дека ме назначува за виликус, главен надзорник на имотот и на робовите. Господару мој, големо благодарам, но јас не сум за тоа, му реков и забележав по неговиот поглед дека го очекувал овој мој одговор. Знам, ти не си таков човек, ми се насмеа, но слободата што можеби ја посакуваш, не сакам да ти ја дадам, таа ќе те претвори во слободен просјак, а во овој град тоа е страшно. Знам, и јас се насмеав, тогаш дозволете ми да бидам барем слободен роб. Тој кимна со главата, стана, ми пријде и ме прегрна силно.
И од тој момент бев навистина слободен. Господарот постојано богато ме даруваше. Бев полн со пари, убаво облечен и по ништо повеќе не наликував на роб. Каде и да се појавев, ми се поклонуваа и ми оддаваа почит. И понатаму престојував во двокатната инсула во која беа сместени робовите, но имав своја соба. Понекогаш се прашував дали навистина имав среќа, или, ако сакате, едноставно, добра судбина. Не знам, но јас се обидов да ги искористам сите благодати на таквата положба и на неизмерната наклонетост на господарот. Бев роб, но бев слободен. Ви велам слободен, а не ослободен. Има разлика. И понатаму бев роб на предобриот Тит Валериј, а во своите раце ја имав целата слобода на светот. Мои беа сите знајни и незнајни римски меани. Од првиот мрак до првиот утрински сончев зрак и обратно. Можев денови и денови да поминувам во нив, да пијам бокали добро и бокали лошо, скоро скиселено вино и со познаниците и со непознатите намерници, првин тивко, а потоа, во пијаното, сè погласно и погласно, да разговарам за состојбата во Градот и Империјата. Некако во меанската атмосфера сликата на Империјата ми стануваше појасна и сè побезнадежна. Сè почесто и почесто започнуваа некакви нови војни. По градските поплочени улици маршираа кохорти со строен, застрашувачки чекор, но не се упатуваа во нови освојувања, туку одеа да ги бранат границите на Империјата на која ѝ се настрвија брадестите, валкани варвари од Северот. Разни генерали во името на правото и правдината, правеа преврати, а потоа тие исти генерали беа убивани во името на истото право и на истата правдина. Сè повеќе робови завршуваа во рудниците, каменоломите и на галиите, затоа што нивните господари останаа без пари. Едноставно, се чувствуваше дека нешто не е в ред. Како нешто да пропаѓа, нешто што беше невозможно да пропадне. Робовите почнаа да дигаат бунтови, да ги напаѓаат и ограбуваат имотите на патрициите, мислеа дека, на крај, се слободни, а потоа повторно чекореа по улиците на градот камшикувани, крвави и во пранги. На бројните градски плоштади честопати застануваа некакви чудни испиени појави кои со кренати раце кон небото зборуваа нешто за правдата, за еднаквоста и за спасението. Нивниот Бог бил оној вистинскиот кој ќе ги наградел преведниците со вечен живот, гласно и убедливо им се обраќаа на присутните. Имав слушнато од пријатели дека потоа истите тие чудни проповедници ги фрлаа на лавовите во Колосеумот. И кога ќе се заситев од пијанките и смрдливата, загушлива атмосфера на меаните, одев кај мојата омилена темнокожа Нубијка, Аниа, и три дена и три ноќи не излегував од нејзините одаи. Се насмевнувате, нели? Е па, не е тоа. Едноставно морав понекогаш на Аниа да ѝ кажам сè, да ѝ ја отворам мојата душа, да излезе сè, да се растоварам. Тоа го можев само со таа темнокожа жена, со мали гради и полни усни која ме слушаше, затоа што знаеше дека на крај ќе биде богато наградена. Ѝ кажував за моето родно село, за нашата дрвена куќа, за мајка ми и татко ми ѝ кажував. Ѝ кажував за моите браќа и сестри и за еден долг прамен коса намотан на долгиот нежен показалец. Аниа знаеше долго да слуша.
Се надевам дека и вие внимателно ме слушате. Се надевам.
Иако зачетокот на оваа римска историја е натопен со млекото од волчицата и со пролеаната крв на сопствениот брат, ова, сепак ви велам, е една голема историја. Ова е долга приказна за еден славен подем, кој полека бледнее, за една огромна невидена моќ која неповратно исчезнува и за еден неминовен крај кој јасно се наѕира. Но, оваа приказна, ви велам, не е моја. И не сакам да биде моја. Не сакам. Така да знаете. Рим ја има својата историја, јас, неговиот роб, ја имам својата судбина. Ете, затоа ви кажувам.
A зошто, кажете ми, јас да бидам заборавен?
Од збирката раскази „Пената на црниот бран“ (2018)
ВЛАДИМИР ИЛИЕВСКИ (1970), поет, прозаист и книжевен теоретичар. Дипломирал и магистрирал на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор на поетските книги: Гледач на линија, Избор и случајности, Мојата лична амортизација, Нема исти утра, Ноќна еротска програма, Лични податоци и Брзината не убива, на збирката раскази Пената на црниот бран, книгата научни студии Цитатноста во лириката и романот Суво мастило кој влезе во потесен круг за наградата Роман на годината за 2020 година. Неговите дела се преведени на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и англиски јазик.