Elementi Logo

ОД ДНЕВНИКОТ НА ЛЕНИ

Backgorund

Извадок од романот во ракопис „Ронлива“

Од Дневникот на Лени

Сонувам. Тилот ми гори под ткаенината во која сум завиена. Чекорам во едно големо ништо, жешко како пустински песок. Со секој чекор на стапалата ми излегува нова плуска. Нагазувам на нерамнина. Еден од плускавците пука и се излева крв. Под мене диви корења. Ги повлекувам, а тие се издигнуваат над ништото и ми отвораат пат. Ме носат до својот Извор. Тоа си ти. Дрво сред пустина. Тајна си. Никој не може да те пронајде освен ветрот. Во тајниот свет си бескомпромисен. Исчистен си од сите стравови, освен од тој дека може да бидеш разоткриен. Но кога ќе сфатиш дека домот на тајната е безбедно место, стануваш листопадно стебло без крошни.
Ти се приближувам, а ти почнуваш самотно да се нишаш. Седнувам крај твојот рапав труп. Небото се отвора и плуснува пороен тропски дожд. Во една капка си го огледувам ликот. Речиси и не се препознавам од брчките. Сега гледам дека над главата немам шемаг, туку црна наметка што изразува жалост.
Дождот паѓа на земјата и од влагата се испишуваат букви на јазик што не го знам најаве.
Лимбо. На меѓата сум. На граничната состојба во која допираат звуците и светлината од сегашноста, но уште е застојан мирисот на минатото. На претходните животи. Единствениот прирачник за да си го објасниш овдешниот живот е да ги протолкуваш соништата. Човек мора добро да се познава себеси за да може да снови во тие длабочини. Да спиеш вечер за да жив3
ееш утре, да сонуваш ноќе за да бидеш дење, да оставаш аманет за да можеш во следниот живот пак да се сретнеш. И во секој нареден животек си сè поблизу до Чистата форма. Кога ќе стигнеш до неа, веќе нема идни животи. Тогаш се затвора кругот.
Мојот е сè уште отворен.
Процепот на сонот ѝ допушта на светлината од сегашноста да ги растера тешките облаци што со години во себе ги збрале здивовите на душите. Сега ровката земја ти е мека и полесно можеш да се откорнеш. Минатото не се предава. Се приспособува на првите знаци на реалноста која повикува со своите сатански прсти. Со нокотот ми гребе во увото за да може подобро да ја слушне песната што ечи од четвртестиот касетофон што постои на терпезариската маса. Бавниот ритам на мелодијата ме придвижува кон стеблото. Со едната рака те прегрнувам, а другата дланка ја вклопувам во најниската гранка. Течат небните сокови и ми се сливаат по вратот, по торзото, по наметката што ми е слепена за кожата како лушпа под која се крие вистинскиот живот. Вгнездена сум во тебе. Гранката се суши и се отцепува од тебе. Така сува, ковчеста како на мртовец, ми останува в рака. Полека се сушиш сè додека не ти падне последното ливче и ветрот не те откорне. Леташ кон небото и ја губиш својата трага, а на местото каде стоеше има дупка длабока колку мојата празнина. Сакам да паднам во неа. Но не можам. Ништо е. Ништото е крајот, но не и смртта. Смртта е одново раѓање.

Мила, ран август, ноќ

„Смртта е преселба од една куќа во друга.“ Зборовите како нимбус ми кружат над главата. По куса пауза слушам премотување на лента. Касетата почнува да свири од другата страна како сон што се префла од еден во друг. И месечевата светлина што низ прозорецот ми се протнува в постела, издавајќи дека сè уште е ноќ, се лелее низ собата како ветрот што ги нишка спружените алишта. Тие ја пуштаат лунарната светлината низ процепите. И оклопите што секое утро ги облекуваме врз душата, пред да почне денот, имаат пукнатини. Дури и да се направени од Хефест.
Префрлајќи ги мокрите алишта врз жицата, си ја бесам и младоста. Со штипките ја прицврстувам да не одлета во некои полоши времиња. Ветрот ѝ ги раздувува сите прашинки, но сепак, со секое перење маицата станува сè порастегната. Бојата избледува, а дупките стануваат сè поголеми. Штом ќе го пречекорам прагот од балконот, станувам старица, како онаа од одразот на капката дожд на Лени, која во брчките ја носи сета болка на своето бреме.
Три часот по полноќ. Пред малку започнав да го препишувам Дневникот што денес го најдов во куферот на машината за пишување што ја купив на старо. Одлучувам да не го читам целиот одеднаш. Дел по дел да се запознавам со оваа Лени за која не можам ни да претпоставам кога постоела, или можеби сè уште постои. Исто онака како што ти не можеш да претпоставиш дали постојам, кога постојам, каде постојам. Но која било од овие можности да е точна, а во ништо на земскиот свет не можеме да бидеме сигурни дека е целосно точно, постоењето е минливо, а важно е она што останува. Чувството. Душата. Зборот.
Ја ставам дланката пред окото и ги набљудувам отпечатоците. Замислувам дека се прстени втиснати во стеблото на дрво. Ја вртам дланката во круг. Се загледувам во дупките на сребрениот прстен на мајка ми. Како дете го носев со синџирчето на вратот зашто прстите ми беа многу тенки. Како на пиле, велеше.
Се сеќавам кога моите првпат ми купија пиле, а јас го пуштив од кафезот. Се сеќавам и кога вторпат ми донесоа, а јас го направив истото. Но се сеќавам и на третиот пат, кога малото пиле одлета веднаш штом ја отворив расклатената вратничка на црвениот кафез што уште го чувам во подрумот на баба ми и дедо ми. Се врати уште првата ноќ. Никогаш повеќе не влезе во кафезот, но секогаш се враќаше дома. Тогаш сфатив што е слобода. Слобода е да имаш каде да се вратиш. Влез низ нечија врата без да тропнеш. Да си добредојден. А јас сум била и останав само една нишка ветер.
Секој човек си има свој ветер. Ти си тука овде и сега, и ќе бидеш до некогаш, а тој ќе остане и утре и кога ти ќе станеш никогаш. Ти си талкач, ветерот е патник. Ти ќе си одиш со време, а тој е до не време.
Ги крцкам прстите. Одамна не сум удирала по типките подолго од половина минута. На Издавачот му немам однесено нов ракопис веќе две години.
Седнувам крснозе и почнувам да го препишувам второто писмо. Ова е многу покусо, но ракописот е понеразбирлив. Можам да ѝ го насетам треперењето. Треба да го препрочитам неколкупати. Некогаш е доволна само една запирка за да се смени целото значење. Некогаш е потребен само еден збор за да се премислиш. Само еден поглед за да ти се смени сиот живот. Една издишка која со клоца може да те бутне во бездната во која почиваат напуштените. А некогаш, само една буква.
Препишувајќи, веќе се загуби една нишка од Лени самата. Не е пишувано од раката на својот творец. Станува парафраза. Јас сум медиум на медиумот. Онака како што нашето тело е само медиум на душата што преминува од едно до друго место. И онака како што нашата рака е само медиум на уметноста што ни е дадено да ја создаваме. Таа не е наша уметност, дури и кога е создадена од нас. Ние во голема мера сме нашата уметност, а Уметноста не е наша дури и кога е создадена од нас. Со своите раце создаваме уметност, а ние сме уметност создадена од раката на нашиот Творец.
Човек најдобро зборува за искуствата што ги има доживеано на своја кожа. Но не и за болките. Болките стануваат исповед, а исповедта која во себе носи грев не може да звучи пријатно. Ниеден грев не може да звучи чисто.
Но зар не е секоја поезија прекриена изјава за гревот, за болката, за љубовта? Седиш и пишуваш стихови. Се враќаш да ги измениш за да го најдеш вистинскиот збор, и се плашиш дека музата се претвора во медуза што одгоре те гледа со прекрстени раце и змии ѝ излегуваат од косата. Ќе те скамени за да ти се одмазди зашто ги повлече кажаните зборови што ти ги подари. Но, не е така. Некогаш и таа ни поставува пречки меѓу разговорот на душата и прстите, и грешно слушаме, запишуваме друг збор. Потоа, ќе го повтори зборот, ќе ја постави прачката и ти меко ќе се качиш на кајчето без да ги намокриш ногавиците. Се пушташ и пловиш и пловиш врз благодатот на поезијата. Те ниша, сè дури не те однесе низ бури, не ти го убие сопатникот, не ти го скрши веслото и не те фрли сред бурно море, со искршен брод полн вода што ќе те турне во осаменост. Таму, дури и албатросот е немоќен.
Фигурите од чадот од цигарата што тукушто ја запалив танцуваат на песната што е на риплеј. „Секого што вистински го познавам, ме напушта на крајот.“ Кажувам гласно. Гласот ми звучи туѓ. Во осаменоста човек не знае дали се оддалечува од себеси или станува едно. Целото. Кругот. Како трнливиот венец, круната на Исус. Или есенскиот лист. Тие се совршенството, а совршенството не ни е дофатливо.
Јас стравувам од венецот, а типките од тастатурата се плашат од изрецитираната реченица на Кеш. Се бакнуваат со перничињата на прстите како да е последен пат. Како Кафка што копнее по крајот на светот во своите „Писма до Милена“.

Од Дневникот на Лени

Почнавме од крајот. Од трњата. Пркосиме на пишаното. На предодреденото од Бога. Ние сме изродна љубов. Роза што расте наопаку. Ги пушта цветовите кон земјата. Убавината ѝ ја гледаат распаднатите коски. Мртвите ѝ се восхитуваат. Црвите ѝ се ѕвездите. Темнината ѝ е светлината. За нас нема небо, затоа што сум Ева. А ако нема небо, нема ни облаци, нема ни дожд. И кога немало небо, ниту облаци, ни дожд, земјата сама си се наводнувала со сопствената пареа. И стеблото пркнува од нашите здивови. Набабрува од солзите со кои сами си ги одржуваме телата. Неплодни сме. Не можеме да пуштиме семе. Но кога по многу години ќе исчезне оваа роза што расте наопаку, на нејзиното место ќе остане дупка. И Земјата ќе се сеќава на неа. На расчеречената роза каква што немало и ќе нема.
Дали е поголема болката кога ќе загубиш љубов, или радоста кога добиваш?
Мислиш ли дека беше за последен пат? Кога ми ја навали главата во дупката на стомакот што ми ги разделува ребрата. Ми го слушаше срцебиењето, без да знаеш дека ги придвижува наносите крв само за тебе, и го насети немирот на крвотокот. Клокотеше сè во мене и сè уште во мене тече немирна, валкана вода.
„Каква е оваа љубов?“, ми рече гледајќи ме како дете што ја прашува мајка си што значи кога одеднаш сите роднини доаѓаат да јадат гурабии за душа кај нас дома. Првпат те почувствував толку кршливо, толку незнајно. Те стиснав на градите, а ти жеден се нурна во мене како водна птица што лови риби. Се почувствував како Ева.
„Раздорна“, самиот одговори со својот одлучен тон.
Срцебол. Одеднаш крвната река се стори замрзнато езеро. Онемена, како да ја носам судбината на човештвото, плачам во себе.
Водата се одмрзнува. Се излевам. Се прашувам колку ми е мувлосана душата од сета оваа влага во очите.

ЗА АВТОРОТ

Милена Сиљаноска

Милена Сиљаноска е дипломиран професор по општа и компаративна книжевност. Работи како уредник во Издавачки центар ТРИ. Има објавувано поезија и проза во „Современост“, „Зенит“, „Литературни искри“, во студентскиот весник „In medias res“. Во 2012 година добива прва награда на литературен конкурс организиран од страна на Дата ПЕСНОПОЈ – Битола, кои ѝ ја објавуваат стихозбирката „Ако имаш време“ како дел од едицијата „Гласини“. Во 2023 година со необјавената стихозбирка „Болопадание“ го доби признанието „Антев златник“. Во своите ракописи опфаќа најразлични теми на егзистенцијални и клучни прашања – за времето, судбината, животот, смртта, религијата и Бог и самата смисла на постоењето. Во моментов работи на својот прв роман со работен наслов „Ронлива“.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ