Едно студено и дождливо ноемвриско утро двајца случајни минувачи – маж и жена на средовечна возраст, без деца (не затоа што не можеа, туку зашто не сакаа да имаат) – шетајќи по брегот на Охридското езеро, наидоа на насукан кит. Китот беше огромен, долг можеби петнаесетина метри. Се чинеше дека е мртов, иако беше подуен, односно утробата му се дуеше и се сплескуваше како да диши. Изненадените сопружници, чија вообичаена утринска прошетка се претвори во возбудлива авантура, побрзаа да пријават кај надлежните. Но веднаш пред нив се појави проблем: кој е, всушност, надлежен за ова? Во Охридското езеро никогаш немало китови, тие се морски и океански суштества. Се јавија во полиција, но овие си помислија дека некој се заебава со нив и им спуштија слушалка. Додека мажот и жената стоеја на брегот во близина на градот, мислејќи се што да прават, посведочија на нешто неверојатно: утробата на китот се поду – а потоа и пукна. По експлозијата, од внатрешноста на китот истрчаа парталави и изнемоштени луѓе кои првин беа збунети и со неверица разгледуваа околу себе, а кога конечно се созедоа, почнаа да викаат, да се радуваат, да плачат, да се наведнуваат и да ја бакнуваат земјата. Некои од нив почнаа да се молат, односно да се клањаат, само што, наместо кон исток, беа свртени кон запад.
ЃОРЃИ КРСТЕВСКИ (1981), прозаист. Дипломирал руски јазик и книжевност на филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на книгите Обични и необични приказни и Другата страна, а коавтор на книгата Не сакам да ви кажам ништо. Преведува од руски, англиски и хрватски јазик. Со книгата Другата страна влегува во потесен круг за Наградата на Европската унија за литература.