Elementi Logo

ОТФРЛУВАЊЕ НА КОЖАТА

Backgorund

ОТФРЛУВАЊЕ НА КОЖАТА

Ги пикам прстите низ дупките во џебовите
станувам свесна за првутот
некои раце веќе нема да ме допрат

Мислите штипат
како патент зафатената кожа

Коските постепено ми исчезнуваат
риба сум насолена со стварноста

Чекорам наизглед смирено
загледана во небесното тело
додека сопственото го презирам

ОТСУСТВО НА ПУЛС

Косата ја врзувам со гумичка за тегли
употреблива сум и вон сезона

Наместо руменило
на образите носам крв од прстот
и чекам да ме пронајдат

Да ме повлечат како хемиско
обесена за шалтерот

НЕДОФАТЛИВОСТ

Сенка сум на ѕидот
блесок на огледалото недостижно за мачката

Ги распознавам облиците со дланките
не се плашам од судирот со кактусот
Тие игли бодат помалку од моите коски
што исчекуваат посветол мрак

НЕСОНИЦА

Излегуваш
во поткошула на тераса

Гледам
свената билка
земја од која расте стакло
и изгмечено грозје

Во саксијата ставаш чаша вино
Велиш потребни ти се две раце

На твојата дланка
залез на сонцето и зебра
триење на дрвото и фосфорот
чад

Се соблекувам

Така го исчекуваме утрото

(Од поетсската збирка „Рибина коска“ во издание на Енклава, 2022, Белград, Србија)
Препев од српски јазик: Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Сузана Џувер

СУЗАНА ЈУВЕР е родена 1996 година во Кула. Додипломските студии ги завршила на Катедрата за компаративна книжевност со теорија на книжевноста на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Нови Сад, каде што моментално е на магистерски студии. Нејзината поезија е застапена во антологиите Рукописи 45, Таен град (ППМ енклава, 2022), како и во антологијата на песни од конкурсот за поетската награда Мило Бошковиќ. Нејзини песни се објавени и на книжевните портали Астронаут, Страни и Човек - списание. Таа повремено пишува книжевна критика, за која го освои второто место на меѓународниот книжевен фестивал Букстан во Сараево.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ