Elementi Logo

Backgorund

ОД ОГНОТ
На Марио Цезарини

Од оган камењата и облаците се родени,
дождот би можел да ги пресоздаде шумите и морињата
таму каде што рибите уживале во слободата
на своите сребрени крлушки.
Од огнот на вулканите и јагленосаните камења
зборовите се исковани,
поезијата би можела да биде лава и вода и руда
и да владее со темнината на универумот.

Кога згасна огнот
настана пепел што ни се наталожи на косата,
зборови што сакаа да ги пресоздадат значењата
таму каде што не постоеше ништо освен тишина.
По огнот што го лижеше мермерот и дрвото,
останаа јагленосаните форми на лозата
а вилинските коњчиња би можеле без страв
да ги рашират своите чисти
и проѕирни крилца во воздухот.

Дури откако се изгаси огнот,
пламењата ни кажаа по што се дојдени
ги изгореа виновите лози
и старите вина во дабови буриња,
и тогаш настана поезијата,
од тогаш огнот ги голта страниците на книгите и душите,
зборовите пак велат дека конечноста и вечноста
се очекувана слобода.

ТИШИНАТА НА АПОКАЛИПСАТА

Како да е возможно да се разбере тишината
Кога нотите на симфонијата сè уште одѕвонуваат во просторијата,
или кога свилените чорапи се лизгаат надолу по нејзините нозе,
или кога птицата ги одмора своите крилја на стреата од куќата.
Тишината како безвучен сликовит звук –
отсуство/ присуство во вид на боја на уметничка слика,
или послушноста на ѕвончето кога молчи.
Да се наслика (напише) обликот на тишината, отворен простор,
изненадна димензија на некој кој некогаш бил присутен.
Да се издлаби тишината, белата мермерна статуа
изгубена во темнината во паркот ноќе.

Замисли ја тишината кога се згуснува
како цвет што ги отвора своите ливчиња
кон сонцето што изгрева,
или кога дождот запира на лозјето, на планините.
Така тишината го добива гласот на каменот
кога оддалеченоста се зголемува помеѓу љубовниците.
Тишината на пченицата што се крева во летното попладне
или кога сеното личи на искршени ѕидови во полето;
тишината кога една цикада умира неочекувано,
или кога ќе се смири детскиот рекет.
Тишината што се сместува на месечината
кога таа го покрива сонцето во еклипса,
или во апокалипса.

Тишината како парабола или елипса,
кога аедо престанува да го раскажува епот,
или кога пејачот ги заборава зборовите на песната
и зјапа безгласно и длабоко во публиката.
Тишината на создавањето на сè што постои
неколку милиони години по големата експлозија,
тишината на јунакот пред да види како крвта му се лее
и пред да почувствува дека срцето му сопира.

КАКО СЕ ГРАДИ КУЌА

Има луѓе кои се жалат на несовршеностите на нештата,
напротив, јас повеќе го вреднувам тоа што е незавршено.
Пукнатината што исчезнува е важна
отворот на ѕидот во долгите летни попладниња,
дамката од вино на неделниот чаршав за ручање,
дамката на чаршафот од стариот дрвен кревет
каде љубовниците гореле во есенските ноќи.
Ги ценам урнатините и рушевините, изгубените, пропаднатите.
Можеби затоа што мојата душа е направена од партали,
или од парчиња чинии и шолји и чаши
и рѓата на ножевите, вилушките и лажиците
кои тонат во исконската кал на старата куќа;
можеби затоа што јас сум направен од овие нешта
од кои желбата за живот и смрт е направена
и од сите соништа заборавени во портретите
на старите тетки и предците.
Ја предвидувам судбината на оние стари нешта
кои биле изгубени паднати на подот од тајниот брак,
вниманието ми го привлекува бисерот што паднал на таванот од собата;
непронајден никогаш,
а сепак постои и сјае.
Можеби поради тоа што можам да го видам несовршеното
можам да почнам одново,
како некој кој гради куќа што се спротиставува на сите ветришта.

СЀ

Сè што го преживува времето
е како мермерен под
белото на гробот,
сè што останува на земјата
по сувите есенски лисја
полека се рони,
сè што останува од симболите
на древниоте цивилизации
и денес нè трогнува
со својата плот сè уште човечка
сè што е оставено среде рушевините
од ѕидиштата на старите тврдини,
сè што е упорно за да преживее
кога само пепелта се наталожува
во дневната соба и во другите соби од куќата, прашината.

Сè што во мене се населува со генерации
минати и стари и мртви нешта,
сè сакам да оживеам
со здивот на мојата поезија.

Препев: Даниела Андоновска-Трајковска

ЗА АВТОРОТ

Хозе Едуардо Деграсија

Хозе Едуардо Деграсија роден е во Порто Алегре во 1951 година. Тој е офталмолог. Како писател има објавено деветнаесет книги раскази, поезија, романи и книги за деца. Како преведувач на шпански и италијански јазик, објавил четиринаесет книги, а од нив седум се од Пабло Неруда. Има добиено повеќе награди меѓу кои најзначајни се: Награда на Биеналето за колонизација и имиграција со постојана земја, 1974 година; Награда од натпреварот на списанието Статус, 1978 година; Награда за театар на СНТ за претставата „Куќата на невозможните“, 1975 година; Финалист на наградата за литература „Нестле“, од 1996 година; Финалист на Азорската награда со Дивите лавови од Танганика, 2003 година. Во 2006, Јужна награда за најдобар превод на книгите на Пабло Неруда, потоа награда за книга на годината на Здружението на писатели Гауча за романот „Кралството Макамбира“, 2006; Награда од Меѓународната академија на Романија „Михаил Еминеску“ за прозно дело во 2012 година; Меѓународна награда за поезија од Трст во 2013 година; Награда за поезија на Сојузот на писателите на Молдавија, 2015; Награда за превод на Здружението на издавачи на Романија во 2016 година.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ