Elementi Logo

ОД „КАДИШ“ (2023)

Backgorund

Мене ми умре братот близнак на раѓање Затоа
пишувам поезија Кога ти го свикав ова в лице,

ти се насмевна и рече Миклош Другите читаат поезија
за да си го пронајдат братот близнак Во право беше

и тоа ме налути Се фатив за работа со кафето
и се потсмирив Ама мене сосе братот близнак на раѓање

ми умре и мајка ми Не се насмевна Се напи од кафето
Молчеше Молчев и јас Повторно се напи од кафето

Водевме љубов во тишина Многу подоцна ми рече
Никогаш повеќе да не ги користиш поезијата мајка ти и смртта

во иста реченица Во право беше Не ги користев повеќе
Но ни поезијата никогаш не ми стана ни брат близнак

ни мајка Затоа, пак, стана заедничка гробница од која еве размислувам
Да не те послушав можеби мајка ми и братот близнак

ќе беа и сами овде Или можеби токму затоа ми рече
да не ги користам повеќе Фани срце мое моја заедничка гробницо

ти и онака ќе беше овде И да пишував И да не пишував
за тебе Стана од креветот Повторно се напи од кафето

*
(Само затоа што го пишувам ова овде
не значи дека сум жив).

*
Те набљудував од креветот како што го набљудувам сега небото
Нешто неубаво светна и тогаш и сега Заврна И тогаш

и сега Седна до мене И тогаш и сега
Прегрнати го набљудувавме небото со вкус на кафе

*
Да си го држиш мозокот како лупа над мозокот,
срцето како лупа над срцето – дури не светнат.
Тоа е единствената смисла на литературата.

(И на мозокот.)

(И на срцето).

*
Пишувам за да ме сакаат повеќе моите мртовци

*
Одовде од дното на заедничката гробница се гледаат мајките
што изгреваат ко ѕвезди Просторот го свиваат со хипергравитацијата

на своите срца Токму сега изгрева срцето на мајка ми
Околу неа суперновите се како роеви од светулки полни почит

*
Мајката му вели на синчето Фред: Не гледај наназад
и тој не гледаше наназад – и преживеа – а мајка му не

На 6 декември 1938 на полноќ ја виде мајка ти
за последен пат Нејзините очи што те гледаа како заминуваш

ја предизвикаа реалноста да се вклучи како филмот
во кој заедно се смеевте до препукување на срцата

*
Срцата на мајките изгреваат над сите заеднички гробници

*
(Само затоа што ги пишувам овие песни
не значи дека сум жив).

*
Мајката ѝ вели на ќеркичката Анита: Оди,
а јас ќе останам со брат ти зашто инаку ќе заборави како се вика

И ти замина Анита – и сите твои сакани се здобија со уништени тела
и со неуништливи имиња Твоето неуништливо тело Анита –

е нивното име Секое твое движење е обвиткано во светла магловинка
создадена од нивните имиња Остана овде Анита –

и никогаш повеќе не им ги заборавивме имињата
и ти се увери дека знаеме дека светлата магловинка

отсекогаш бил нашиот брат кој не си го заборави името

*
Срцата на мајките изгреваат над сите заеднички гробници

*
(Само затоа што ги пишувам овие песни
не значи дека сум жив).

*
Мајката ѝ вели на ќеркичката Хеда:
Некој треба да се моли за обесените

И Хеда се молеше и Хеда со никого повеќе не прозборе ни збор
дури беше во Аушвиц Нејзините зборови

беа само за молитвите – молитви за уништените –
мноштво молитви што требаше да се кажат

Децата секогаш точно знаат колку зборови на уништено лице
ѝ се потребни на една молитва и ти се молеше Хеда Твоите молитви

сето време поправаа дури смртта уништуваше Милион пати
Дури и сега, после 60 години Хеда секој збор излегува

од твојата уста како резервна молитва Светла магловинка е
и смеа што ти го претвора срцето во прав околу секој

твој збор Хеда

*
Срцата на мајките изгреваат над сите заеднички гробници

*
Синчето Паул ја прашува мајка си: Мамо, чија рака стиснав
кога пристигнав со твоите зборови во Германија?

Очајно сака да дознае дали е можно да му ја стиснал раката
на убиецот на мајка си Можно е Паул
Не можеш никогаш да бидеш сигурен Ама еве за што можеш:

*
Очите на мајка му на Фред гледајќи за навек зад него дури заминува
Братот на Анита не заборавајќи си го никогаш името

Уништените слушајќи ги молитвите на Хеда Мајка ти
читајќи ти ја светлата магловинка во секој збор

*
Нашите тела
како резервна молитва што ја палат реалноста

Срцата на мајките што изгреваат над сите заеднички гробници

*
(Само затоа што ги пишувам овие песни
не значи дека сум жив)

*
Одовде, од заедничката гробница гледам во срцата на мајките
како што космолозите гледаат во првото поколение ѕвезди
после Биг Бенг. (Пишувањето е ѕвездена нуклеосинтеза).

Ама и ѕвездите страдаат од осаменост. И нивната ѕвездена
нуклеосинтеза понекогаш паѓа во депресија. И тие понекогаш се небаре
згмечени од бесконечните временски дуни што ги притискаат.

*
Заедничката гробница е инструмент за мислење Дури
откако ќе пристигнеш во неа ти се раѓа мозокот Дури

откако ќе го чуеш тригодишното девојченце застрелано пред три
седмици прашувајќи Мамо дали да веруваме во смртта

Дури откако ќе го слушнеш успокојувачкиот глас на мајката
истиот глас со кој се молеше три дена војниците да ја застрелаат и неа

како вели Буба маричке, смртта не постои Дури откако ќе ги чуеш
сите од заедничката гробница како се трудат од петни жили

да дишат што позабревтано за да поверува девојчето
дека се живи Буба маричке, нѐ слушаш ли како дишеме

Дури откако ќе го слушнеш девојченцето како се смее од среќа Да
Ве слушам Сите сме живи и го чувствуваш нејзиното мало дишење

што ја затоплува заедничката гробница Дури тогаш ти се раѓа мозокот
Дури тогаш се потсетуваш како малото дишење

на некои песни ти го има стоплено срцето Дури тогаш сфаќаш
зошто ѝ шепкаше на поезијата Буба маричке, смртта не постои Или таа

му го шепкаше тоа на твоето срце Тешко е да се присетиш
зашто во тоа време немаше мозок Треба да се има

заедничка гробница (Не е сигурно дали и нешто поезија)
за да се роди мозокот

*
(Само затоа што ги забележувам овие стихови не значи
дека мозокот и се роди) (Всушност, речиси повеќе значи дека не)

Препев од романски: Лидија Димковска

ЗА АВТОРОТ

Раду Ванку

Раду Ванку (1978) е еден од најзначајните современи романски поети, прозаисти, есеисти и преведувачи. Објавил девет поетски збирки за кои добил повеќе награди, а неговата поезија е препеана на повеќе од дваесет јазици. Го објавил и романот „Транспарентност“, два дневника и две книги за деца како и повеќе теоретско-есеистички книги. Уредил и неколку антологии на современата романска поезија. Ги превел делата на Бериман, Јејтс и Езра Паунд на романски. Од 2019 до 2023 година бил претседател на романскиот ПЕН центар. Работи како професор по книжевност на Филолошкиот факултет во Сибиу и е главен и одговорен уредник на списанието за литература „Трансилванија“ и директор на поетскиот фестивал „Поети во Трансилванија“. Поетската збирка „Кадиш“ се повикува на унгарскиот поет Миклош Радноти кој бил убиен за време на Холокаустот.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ