Elementi Logo

ЏОРЏО ДЕ КИРИКО

Backgorund

ЏОРЏО ДЕ КИРИКО

од мал научив да го чекам доаѓањето на Заратустра
да гледам низ прозорецот во лешевите на илузиите
и да го сликам во самракот внатрешниот живот на времето
кое скита меѓу сводовите куклите саат кулите
изолираните статуи возовите мапите амблемите на меланхолијата
маѓепсани од загатките на самотијата и носталгијата
плачејќи во ноќта на перница во пламен

постепено ја дешифрирав душата на Југот
преку книгите на еден поет и мислител од Северот
не случајно според мене медитеранските градови
имаат длабоки и чудни сенки на Готските катедрали
сенки – суштество сенки – сеќавање сенки – збор
повлекувајќи се незабележително во концентрични бранови
од анемичните вени на луѓето кои стануваат предмети

ги вдишував нијансите на бојата преку порите на црквената кула
ги слушав нијансите на болерото испеано од мојот ангел чувар
на безвремената средба меѓу зајдисонцето и изгрејсонцето
ги вдишував сенките од олеандри на Санта Кроче Плоштадот
уживав во нијансите на портокалово во кафулето на Ван Гог
шверцував нијанси на галежи за Алцесте
сончевото лице ротираше сè подлабоко од чистите сенки

сакав да го видам светот преку очите на првиот човек во вселената
во самотна и болна мигрена на напади од аура
и одеднаш бев погоден од духот на светот
завиткан во топки и снопови светлина во откровенија и халуцинации
во сè поболните градови полни со бесмисла со ампутирани вистини
ги барав трошките на вистината за да го сакам тоа што ми остана
енигмата на нештата и чекањето на кристалната гилотина

ги гледав флуоресцентните вени во моите раце во темницата
моите стапала како трчаат без мене низ зборовите на првобитниот текст
срцето чука со атавистички звуци во Грчките статуи на Медитеранот
меланхолијата блика како лава од празните орбити на куклите
сè што насликав беше само вечно враќање на првиот поглед
кој ми беше даден во ерата што не може да се декодира
без идеи и идеали
за да го опфати чудото на крилјата на мистериозните пеперутки на уметноста

24 август 2020

ХИЛМА АФ КЛИНТ

кога бев мала барав гнезда на бувови помеѓу погледот и звукот
во градината на Карлберг Палатата за да научам да ја гледам безвременоста
мислев дека дури и во соништата ме следеа големите тркалезни очи со бели веѓи
сите бои на денот никнаа како семки во црна коцка
од која растеа боцките на зборовите: срце време крст плод замок ѕвезда остров
цвеќе дрво сфера вода триаголник логаритамска спирала лотус око песочен часовник
зборовите се ноќни семиња во погледот на Бог

во младоста почнав да сликам портрети и пејзажи
со очи слепи за сеќавања
сè додека книгите на Блаватски и Штајнер или медитациите на De Fem групата
на моето горливо срце не му ги вратија сликите на детството со допирите на вечноста
постепено ја мапирав душата и видливото со моите очи празни од минатото
и можеби немаше да ги дешифрирам астралните облаци без мапите на морињата на дедо Густав
без љубовта на мојата слепа мајка моите пријателки
и мојот небесен водач Амалиел
тој кој мојата рака ја водеше на белото платно со прецизност на молња

ние сме нерални сенки на реалниот свет кој запира пред портите на ретината
да се слика значи да се биде обликуван од безвремените а не од историските настани
сакав на светот да му ги дадам светлите корења на нештата
светата геометрија прска од длабоките фонтани на невидливото
чувствував како кометата интензивно го допира епидермисот на моите прсти
и продлабочувањето на линијата на животот од духовните нешта на квантниот свет
ќе си ја отсечев раката со која сликав ако не беше откровението на архетипскиот универзум

открив очи насекаде во напуштеното поле на небото на крилјата на пеперутките
на плаштот на сестра Хермина на буковите лисја и античките грчки столбови
илјадници погледи продолжуваа да се гнездат во моите празни орбити за да го нагризуваат ирисот на бојата на платната насликани со Амалиел
коишто можев да ги скријам само од слепите очи на луѓето околу мене
мислев дека човештвото не е подготвено да ги разбере моите слики
тие не би можеле да ги отворат очите кон свет што би траел вечно

сакав живот што се издигнува како роса од слоговите на молитвата
и дозволив внатрешните рани да цутат во космички форми
тетовирани со мистериозни зборови мапи и метематички дијаграми
понекогаш се чувствував како да сум испишана со рака од некој паралелен универзум
некој чуден конвулзивен кожурец истресен од некоја небесна калиграфија
со широко отворени букви за мистеријата на погледот
да се гледа значи да се верува во зборот што не може да биде виден
22 октомври 2022
ЛИН ФЕНГМИЈАН
мојата уметност беше една напната приказна за хармоничната боја и емоцијата
збратимени во небесниот гребен кој ги обединува Западот и Истокот
но колку ли е тешко да се прегрнат во едно срце два света со различни корени
и колку е остра осаменоста кога бесцелно талкаш
по патиштата помеѓу нив
придружуван само од музиката на обилните и ритмични движења на четката
во време кога историјата беше Пепелашка на светот
ги избркав моите кошмари преку сликање на Дамата со флејта на оризова хартија

сè што во Париз научив од професорите на Ван Гог
Матис и Модилијани
го претопив во садот на Кинескиот сензибилитет и спиритуалност
гравурите на камен од Династијата Хан цртежите на Сонг и Јуан порцеланот
тие ја водеа мојата рака и внатрешниот ритам на светлината што бликаше од длабочините
но стравот од тоа да бидам проколнат во весниците ме
присили да ги уништам со млазеви вода
експресионистичките слики од серијалот Болка и Човечност и да ги фрлам во тоалетот
моето страдање ги впи во затворската ќелија сите Болки на Човештвото

Ги сликав кинеските чувства со западни техники и замисли
и го опишував човечкиот очај преку голи жени
со згрчени фигури и експресионистички вресоци
достојни на Мунк
и во четирите години зад решетки го најдов моето вистинско Јас со радост
и покрај сите прогони понижувања и казни
и нестрпливо си барав гнездо за душата на саксиски растенија
место што пулсира како срце помеѓу гром-птицата и рајската птица

го градев мојот карактер со медитирање на зборовите на Лао Ци и се бранев себеси од злата на векот со сета добрина и љубов
си ги гледав мислите зборовите и делата
и во правот на љубовните приказни и сеќавањата за Кина Париз Минхен и Хонг Конг
очајно го барав немирот и внатрешната музика
дури и кога трагата на крвта на историјата влезе во моите орбити
и течеше во огромен број црвени песочни часовници преку порите на оризовата хартија

во отсуство на уметничка музика и приказни општествената крв се суши
само љубовта кон создавањето го одржуваше моето срце смирено среде бурата
и ме натера да талкам надвор од видливиот свет
и кога понекогаш четката ќе ги допреше Едиповите полуотворени очи
се стресував кога ќе почувствував дека човекот е посилен од судбината и си ја крепев душата со најубавото сеќавање крилестото виножито од стотици мандарински патки од моето родно село
13 декември 2020

Препев: Даниела Андоновска-Трајковска

ЗА АВТОРОТ

Константин Северин

Константин Северин е романски посател и визуелен уметник, основач на Архетипскиот експресионизам и негов поборник, високо ценето глобално уметничко движење, кој тој го основал во Буковина во 2001 год. Дипломирал на Универзитетот во Ајова на меѓународната програма за креативно пишување, а има објавено 10 книги поезија, есеи и фикција. Негови дела се објавувани во: World Literature Today, Artdaily, Trafika Europe, the Poet, It’s Liquid, Levure Litterature, Empireuma, Contemporaneul, Vatra и многу други меѓународни уметнички и книжевни списанија. http://constantinseverin.ro/

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ