Интервју со Владимир Јанковски, добитник на наградата Роман на годината на финдацијата „Славко Јаневски“
Се надевам дека речениците во „Скриени желби, немирни патувања“ се остри и егзактни. Живееме во време на хиперпродукција на многу нешта, а една од работите што се произведуваат во огромни и непотребни количини е вревата. Меѓу нив и вербалната врева. Во процесот на пишување ми се допаѓа аскетскиот однос кон зборот, кога сето она што има да се каже е кажано со минимумот потребни зборови.
Можеби „примери“ е малку претежок збор. Повеќе сакам да размислувам за тоа дека има одредени автори чија перспектива за тоа што значи да се пишува и како светот може да се преобразува во текст, го одредила начинот на кој ја гледам тријадата „свет – живот – текст“. А такви автори се многу, дел од нив критиката ги има споменато. За мене често пишувањето е и дијалог со некој друг писател, дијалог со филмска сцена, сликарско дело. Но, се трудам сето тоа да помине низ филтерот на моето искуство и мојата претстава за тоа што ме интересира во литературата. Експлицитните врски со конкретни автори и дела, експлицитната цитатност, колажот од други текстови се стратегии што постмодернизмот ги доведе до точка на исцрпеност и добро е литературата малку да се одмори од нив.
Македонската книжевност има капацитет да биде дел од читачкото искуство на светот, но за да го стори тоа потребно е да ги надмине границите на Македонија во кои сега по малку се задушува. А тоа е многу потешко отколку што обично се мисли. Не е доволно само да се има добра книга. Објавувањето превод во странство, особено надвор од регионалните граници, е долг процес во кој треба да се вклучат многу страни и да се исполнат многу услови. Тоа е процес во кој авторите од нашата земја не можат да бидат активни чинители доколку нема сериозна системска поддршка. Ние немаме доволно преведувачи на странски јазици, па за некои земји и немаме начин да бидеме присутни во програмите на нивните издавачки куќи. Преводите на дела од странски автори на македонски јазик често се производ на сериозна и системска поддршка што странските автори ги имаат во своите земји. Од посебните програми на нивните министерства за култура, агенциите за книги или фондациите. Кај нас тоа постои на рудиментиран, закржлавен начин. Кога ќе се споредиме со најголемиот број европски земји, нашата книжевност е речиси невидлива на поголемите книжевни сцени. За тоа да се смени потребни се многу сериозни вложувања, но и знаење како тие вложувања вистински да се управуваат за да се дојде до одредени резултати. Да се постигне нешто што нема да биде исклучок, туку правило на добро поставен систем. Кога сега би почнале да работиме на тоа првите посериозни резултати би можеле да ги видиме по 10 години.
Можеби драмата, родот кој се наоѓа во најспецифична состојба во современата македонска книжевност.
Се надевам дека темите кои ќе бидат доминантни во следните мои книги ќе дојдат како последица на животното искуство што следува. Темите го пронаоѓаат авторот, не е обратно. Сакам да размислувам за книгите како за содржина прецедена низ ситото наречено живот.
На одреден начин ги сакам сите овие видови уметност што ги споменавте, тие биле составен дел од мојот живот во различни фази. Во средношколскиот период бев фасциниран од театарот и од она што го носи тој затворен простор во кој дишете заедно со други луѓе и ги гледате актерите пред вас, живи, достапни, од крв и месо. А истовремено се наоѓате на различни страни поради невидливата граница на илузијата што тие треба да ја создадат. Искуствата на поп-артот и надреализмот во сликарството се видливи во моите прози, како во атмосферата, така и во поетиката на просторот што го моделира дејствието. Слични се паралелите и со филмот…
Кога зборуваме за можноста книжевноста да го промени светот би можеле да одредиме два аспекти. Првиот се однесува на директната промена на нештата во некој кус временски период и тука одговорот е едноставен: таква промена врз основа на принципот причина-последица не е лесно остварлива. Вториот аспект се однесува на тоа како книгите што ги читаме го менуваат нашиот однос кон светот, појавите што нѐ опкружуваат, нашето секојдневие, релациите што ги градиме со другите луѓе. Како се однесуваме, што ќе направиме во текот на денот. Кога ќе го погледнам сето тоа, слободно можам да кажам дека книжевноста нѐ менува. Секојдневно. А со тоа го менува и светот. Секојдневно. Тие промени се суптилни, бавни, нијансирани и, секако, не се едноставни за забележување и толкување. Ама литературата е токму тоа – медиум на суптилноста, на бавноста, на нијансираноста, медиум на личното и индивидуалното. Медиум кој постојано истакнува дека животот не е ниту едноставен ниту лесен за толкување. Мислам дека понекогаш ја минимизираме оваа улога на книжевноста и, воопшто, на уметноста. Многу често нашите модели на размислување и толкување на реалноста потекнуваат од книгите кои сме ги прочитале, од уметничките практики кои го создавале нашето искуство за светот. Во тој контекст, книжевноста нѐ менува, го менува секој читател, а со тоа го менува и светот што тој конкретен читател го гледа или создава. Тие промени не се толку видливи и експлицитни како, на пример, промените што може да ги направи една разорна политика, но се многу клучни за она што претставува наш секојдневен и интимен живот.
Елементи