Elementi Logo

ИНТЕРВЈУ СО ЛИЛЈАНА ПАНДЕВА

Backgorund

Мината година беше исклучително плодна за вас. Објавивте две книги (од кои едната реобјавена) и добивте три награди: наградата „Григор Прличев“ за поемата „Капетаните“, првата награда за краток расказ на „Нова Македонија“ за расказот „Ронка леб“ и наградата „13 Ноември“ на град Скопје што зборува за една Ваша посветеност кон различните книжевни родови подеднакво. Како ја чувствувате таа родова определеност кога пишувате за одредена тематика и кон кој литературен род е насочен Вашиот најбележит афинитет?

Бездруго постои определена врска мегу содржината и формата на книжевните дела што особено важи за постарата литература, а денес сè повеќе доага до израз преплетување на форми и содржини што на извесен начин се проектира и во обновата на поемата како еден вид не толку застарена туку премногу експолатирана форма. Современите трендови во литераурата овозможуваат и обнова на поемата, пред сè во врска со преплетувањето на формите во модернизмот и во постомодернизмот. Од друга страна, современата ситуација во светот пред сè на безбедносен план, но и новата митологија што се јавува во последниве педесетина години даваат плодна почва за нови творечки искуства со поемата, но исто така и за комплексни прозни дела. Навистина времето на поемите од типот на „Сердарот“ и на нарациите од типот на „Војна и мир“ одмана се одминати, но тоа не значи дека и нашето совремие нема реални прототипови на херои како што и нема време без војна и без мир. Дел од тие теми се присутни во актуелната светската литература, но тие се и мој предизвик. Бездруго на овие теми најмногу одговара нарацијата, оттаму и најмногу се остварувам во прозата. Менувајќи често работни места сум имала можност да опсервирам различни професионални средини, па оттаму и широк дијапазон на теми во моите творби од детска градинка до старечки домови, од куќен совет до НАТО-бази.

Во вашите романи говорите за љубовта на различен начин што подразбира различни околности и временски обележја. Конечно, сите мислиме дека љубовта е онаа што ќе го спаси човештвото од сите зла, независно од нивните корени. Колку ја има љубовта околу нас и во нас за да биде доволна за злото да не може да го уништи она највиталното и во духовниот и во материјалниот живот?
Можеби од една страна одделни теми што биле присутни во литературата денес под лажниот превез на демократијата ги маркираат како несоодветни за современиот читател, но тоа не значи дека некои теми што денес се наложуваат во литературата некогаш биле неприфатливи, а можеби и утре ќе бидат такви. Но секоја од тие проскрибирани теми може да најде свој влез во литературата преку љубовта како лајт-мотив. Навистина тешко е да се оддели што е реалност а што фикција во големите љубови, како на пример онаа што сум ја претставила во романот ДОИЛКАТА или пак на современ план онаа што сум ја претставила во „Дневници на една љубов“ или, пак, што ќе ја претставам во продолженијата на „Од агендата на Калина Калин“ и „Два Божика“. Еве, сега ви открив на што работам на книжевен план.

Вашите збирки раскази се секогаш тематски заокружени. А, во последно време расказот станува книжевна опсесија на многу други помлади автори. Кои се изворите на Вашите инспирации и каде оди Вашата понатамошна определеност во овој род?
Опсервацијата на секојдневноста и длабокото сондирање во минатото се мојот домен на откривање нови теми за литературна обработка. Во секој расказ има зрно вистина обвиено со мноштво наративни стратегии и стилски изразни средства. Ме радува што бројот на авторите што пишуваат раскази од ден на ден е сè поголем и радо ги читам и ги следам, притоа радувајќи се на нивните постигнувања.

На многу наврати пишувате за малите луѓе, за социјалната дисторзија. Дали мислите дека малиот човек, оној незабележливиот е всушност највидливата мапа на оваа земја, дека во таа невидливост има многу живот, многу страдање, многу копнеж?
Секој што „учел“ од Чехов, или од Конески, тргнал по тој пат, по патот на малиот човек. И во големи земји има мали луѓе но и во мали земји се раѓаат големи луѓе, а во бесконечноста на книжевната нарација ликот колку и да е мал може величествено да биде претставен или пак да остави длабока трага кај читателите.
Кои се мотивите кои мислите дека се уште не сте ги допреле, а би сакале да пишувате за нив?
Можеби не мотивите туку една друг жанр е поголем предизвик за мене. Тоа е утопијата. Во која секако место ќе си најде и досега неистражен мотив за мене. А нив ги има многу, безброј. Моите дела се токму тоа – различна мотивска инспирација.

Во родовската определеност на вашата книжевна библиографија недостига драмата и есејот. Дали сте помислиле да посегнете и по овие книжевни родови?
Јас сум се пројавила со драмата во македонската современа книжевност, т. е со моите драмолети за деца („Новогодишни едночинки“) кои своевремено беа изведувани во повеќе основни училишта, а добар дел од мојата есеистика, претежно за македонската современа книжевност е расфрлана по различни зборници, што не значи дека еден ден нема да бидат собрани на едно место. Истото може да го кажам и за моите научни трудови од областа на македонскиот јазик и филологијата воопшто.

Каде ја гледате македонската книжевна мисла во пошироките европски контексти и конечно, колку е македонската литература сигнификантна како препознатлив израз?

Ова е мошне повеќе болно отколку тешко прашање. Македонската литература има дела на коишто може да ѝ позавидат многу „поголеми“, ако така може да се каже, литератури. Но, за жал, тие остануваат во рацете на македонскиот читател, затоа што за да ја претставиме македонската литература надвор со своите јазични граници таа треба да биде преведена. Тука ни се отвора горливото прашање на преводот. Она што како преведна книга можеме да го видиме се само спорадични примери и тие се резултат на личните заложби и вложувања на авторот, поретко и на издавачот. За македонската книга да стане сигнификантна во европски и во светски рамки, таа пред сè треба да му биде достапна на странскиот читател. Крајно време е Министерството за култура да стане поактивно на тој план. Јас се надевам дека новата министерка за култура која по вокација е професор по еден странски јазик, ќе има разбирање за оваа тема и ќе ги вложи своите напори кон афирмацијата на македонската современа литертура и на македонскиот автор во Европа и пошироко. Во спротивно, ќе останеме само автори за македонскиот читател.

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ