Elementi Logo

ИНТЕРВЈУ СО ЈУЛИЈАНА ВЕЛИЧКОВСКА

Backgorund

1. Ќе започнеме со Вашата голема страст да ја негувате поезијата како најфрагилен книжевен род. Каде ја гледате македонската поезија во европските и светски поетски текови?

Поезијата сама по себе е мошне моќна, можеби и најсилниот книжевен род, ако се земе предвид дека е еден од првите книжевни видови и уште опстојува, да не говорам за влијанието и печатот што го има оставено низ историјата, па дури и денес. Но сега живееме во едно чудно време кога читателите претпочитаат фикција, слатки лаги, приказни за мали деца, сведочиме една културна ерозија што започнува од самите образовни системи, конкретно кај нас нема ниту јасна национална стратегија за култура, па денес ние и уште неколку, главно, помали издавачи мака мачиме да направиме промена на ова поле и во рамки на нашите можности да создадеме публика за „вредната“ книжевност, не само за поезијата, загрозени се и другите некомерцијални книжевни видови (есејот, патеписот, итн), а она што можеби е заедничко за нив е јасниот одраз на реалноста, на вистината во нив, пред која, ми се чини, мнозинството сака да замижи. Но, ова е долга и мачна тема на која може долго да се говори. Сепак, ако говориме поконкретно, на македонската поезија ѝ треба освежување, што, за среќа, мислам дека веќе го прави најновата, односно најмладата генерација поети, чиишто поетики го носат во себе и кодот на „нашето“ и на домашните класици, но и новите ветришта што струјат во европските поетски текови. Така што, нам ни преостанува само да продолжиме да ги поттикнуваме, да ги поддржуваме, да ги советуваме и да ги насочуваме, за тие да можат да „се хранат“ со вистински вредна литература, а потем и го дадат најдоброто од себе, и да станат гласовите што ќе нѐ претставуваат и надвор од нашите граници.

2. Многу млади поети своите први поетски книги ги издаваат токму кај Вас. Каде се движат нивните инспирации и тематски определби?

Она што ги двои овие млади поети од нивните претходници, да речам, од мојата генерација, па и таа пред нас, е дека се работи за автори што и самите многу читаат. Па така, запознаени со многу теми и поетики од современите светски и европски текови како и со домашните класици, тие не само што имаат што да кажат, туку се и многу вешти во тоа. Темите и стилот им се разликуваат, што исто така е многу значаен момент за развојот на домашната сцена, исто како и фактот дека се читаат меѓу себе. Имаат чувство на припадност, љубопитни се за поетиката на другиот и водат еден таканаречен здрав натпревар, во кој умеат и конструктивно да се критикуваат меѓу себе или да примат конструктивна критика однадвор, но и да учат и да се стремат во секоја наредна книга да се сѐ подобри. Како доказ за тоа ќе ги наведам Ива Дамјановски, која со својата прва стихозбирка „Тие“ ја освои наградата „Игор Исаковски, а со втората „Двоумење“ ја освои и „Браќа Миладиновци“, Андреј Ал- Асади беше во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ со две стихозбирки („Под дервишовото сиќе“ и „Небесна геометрија“), Павлина Атанасова беше исто така во најтесен избор за оваа награда со првата стихозбирка „Големата прегратка“. Но не се само овие, имаме дузина прекрасни млади поети чиишто успеси допрва ќе ги сведочиме.

3. Имате единаесетгодишно искуство во издавачките води. Дали книгата е сѐ уште последното нешто што Македонците го купуваат?

За оние како нас, малите издавачки куќи што се посветиле да издаваат поквалитетна некомерцијална литература, што целат кон помала и одбрана публика сладокусци, работењето издвашатво е исклучително тешко и често зависно од поддржка од разни фондови. Постои еден чуден феномен со поетските книги, љубителите на поезијата (а ги има бааги) многу ретко се одлучуваат да купат поезија, некако очекуваат да ја добијат на подарок. Но се надевам дека полека луѓето ќе стануваат сѐ посвесни и дека ќе почнат да ги поддржуваат малите издавачи. Не знам дали Македонците последно купуваат книги со оглед на тоа што кај нас има и сериозно големи издавачи, кои очигледно продаваат сериозни тиражи и бројни наслови. Но тоа се главно книги на кои маркетингот им е направен на светско ниво и прашање е дали сите тие книги се читаат или само се купуваат заради тренд.

4. Издаваштвото е комплицирана професија и бара голема посветеност. Колку овде, кај нас може да се живее од издавање книги?

Издаваштвото кај нас се се подобри ако се земе предвид сцената што ја затекнав кога влегов во овие води во 2010 година. Се појавија неколку нови издавачки куќи, или пак, помлади луѓе ги презедоа некои од постарите и поголемите издавачки куќи и новата енергија ги раздвижи работите. Некои од нас навистина напорно и без соодветна институционална поддршка работевме и работиме на промоција на домашните автори, покажувајќи им на генерации читатели дека имаме висококвалитетна македонска литература, ништо полоша од современата книжевност во европски рамки. Ситуацијата е, велам, подобра од она што беше, но далеку сме од она што би требало да биде. Па, да не се лажеме, реален книжевен пазар за домашните автори не постои, значи нужна е институцинална поддршка. Не постои нешто како национална стратегија за поддршка на книжевноста, особено за домашните автори, нешто што е многу изразено во сите помали држави и јазици со мал број говорители во Европа. Да, може да се живее од ова, но со количината вложен труд да беше друга професија веројатно ќе се исплатеше многу повеќе. Сепак, сметам дека за нас, малите издавачи, ова е и начин на живот, не само професија.

5. Првиот Скопски поетски фестивал многу ветува. Голема посетеност, интересно прво издание и покрај ужасната состојба кај нас со вирусот. Какво е Вашто искуство и Вашите планови за следната година?

И по повеќе од еден месец од настанот, чувствата ни се измешани. Од една страна тука е огромното задоволство и радоста дека толку многу луѓе го посетија фестивалот и покрај ковид-протоколите и дека успеавме да покажеме дека ова е фестивал што му треба на Скопје, но и на Македонија, дека носиме во нас многу креативни идеи и квалитетна програма што ќе влијае значајно врз развојот на домашната културна сцена, но од друга страна, пред нас е новиот предизвик да се обезбеди финансиска поддршка за следното издание од што ќе зависи и во колкава мера ќе можеме да реализираме од планираното. Добивме значајна поддршка од луѓето, а сега се надевам дека имаме и доказ што ќе помогне поддршката да ни ја дадат и институциите.
Планираме уште побогато и поубаво издание од првото, се надеваме и на физичко присуство на повеќе поети од странство, и ветуваме квалитетна и иновативна програма.

6. Велестовските ноќи со себе носат една убава егзотика, но и долгогодишна традиција. Кои се Вашите идни планови кога станува збор за изборот и организацијата на Поетска ноќ во Велестово?

Поетска ноќ во Велестово има триесетитригодишна традиција и ќе продолжиме да ја негуваме претставувајќи врвна поезија и ликовна уметност, претставувајќи поети и ликовни уметници достојни на низата нивни претходници на манифестацијата. Планираме програмата да си го задржи својот препознатлив начин на претставување на поезијата на средсело пред бројната и разноликата публика, но планираме и неколку други настани, на локации во Велестово и во Охрид, со што поезијата ќе ја доближиме до повеќе луѓе, а поетите ќе имаат можност да читаат и да творат во прекрасната природа во овој наш национален парк на Галичица. Особено нѐ радува што ќе можеме сето ова да го споделиме и со нашите гости – поетите од странство.

7. Поетеса сте, но и прозна авторка. Вашиот роман „Годишни времиња“ доживеа неколку изданија, но и превод на бугарски јазик. Колку имате време за пишување и каде се движи Вашиот инспиративен простор?

Пандемијата за нас родителите не беше најповолна, особено поради долгите карантини, па децата не можеа да одат во градинка или во училиште, контактите со блиските исто така беа сведени на минимум, особено во студените месеци, кога средбите не можеа да се одржуваат на отворено и тоа влијаеше на немањето доволно слободно време за непречен тек на мислите каков што ни е потребен нам ‒ писателите. Особено ако се земе предвид и дека мораме да работиме и нешто друго за живот. Па, иако имав извесен напредок со мојот нов роман „Часови по пишување или како повторно да станеш дете“, работата врз него морав да ја оставам на страна и се посветив на преведувањето, оти така многу полесно е да се вратиш онаму каде што си запрел по прекинот. Преведувањето е можеби најдобриот начин за одржување писателска кондиција ако веќе се нема време за своите дела, особено затоа што преведувајќи туѓи дела, стануваме уште поблиски со сопствениот мајчин јазик и морам да кажам дека таа работа ми пружа големо задоволство и е од оној тип предизвици со какви што сакам постојано да се соочувам.
Сепак, еве ќе откријам дека периодов успевам да најдам малку време и за своите приказни, оние што досега им ги раскажував усно на мојот син и на моите внуци, па веќе работиме со илустраторот и се надевам дека во текот на следната година ќе излезат од печат како убави сликовници.

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ